Македонија
Од септември бесплатен таблет за над 800 ученици во општина Аеродром
Во согласност со изборната програма на градоначалникот Тимчо Муцунски и заложбата за осовременување на образовниот процес, секое дете што посетува настава во четврто одделение во основните училишта во општина Аеродром во новата учебна година ќе добие бесплатен таблет, информираа денеска од Општината.
Од таму информираат дека е предвидено над 800 дечиња да добијат таблет, со што се остварува ветувањето за модерно и современо образование за секое дете во Аеродром.
„Со оваа мерка, покрај тоа што ќе значи помош за родителите и семејниот буџет, истовремено ќе се подигне и свеста за дигитализацијата и модерните предизвици. Овој проект ќе се имплементира секоја година и претставува континуиран процес што ќе им помогне на најмладите полесно да го совладаат образовниот процес“, соопштија од Општината.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
На предлог на Филипче, оставки поднесе раководството и сите членови на Извршниот одбор во СДСМ
На денешната седница на Извршниот одбор на СДСМ, на предлог на претседателот Венко Филипче, заменик претседателката, потпретседателите, генералниот секретар, организациските секретари, како и сите членови на Извршниот одбор поднесоа оставки.
Оставките се поднесени до Централниот одбор на партијата и до претседателот Филипче, кој го води процесот на внатрешни реформи во СДСМ.
„Со овој одговорен и морален чекор раководството на СДСМ отвори простор за ново поглавје. Следува период на кадровско освежување и зајакнување, вклучување и на нови лица, организациска поставеност, внатрешна мобилизација, за нова сила и нова енергија на СДСМ“, велат од партијата
На една од наредните седници на Централниот одбор, претседателот Филипче ќе предложи избор за членови за органите на партијата а за функциите, како што велат од СДСМ, ќе се бираат најкомпетентни личности.
Македонија
Полицијата од Охрид учествуваше на вежба за авион со запален мотор на охридскиот аеродром
Полициски службеници од СВР Охрид и граничната полиција при Регионалниот центар „Запад“ денеска учествуваа на симулирана показна вежба „Воздухоплов со запален мотор на полетување“, која се одржа на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“.
Полициските службеници ги вежбаа и ги спроведоа предвидените мерки согласно безбедносните протоколи и постапија по планот за реакција и поддршка при безбедносни инциденти на воздухоплов. Целта на вежбата беше подигнување на степенот на оперативност и ефикасност на сите служби, ажурирање на координативните мерки и унапредување на меѓусебната комуникација во услови на авионски инцидент.
Во вежбата учество зедоа ТАВ „Аеродром“ – Охрид, АКЛ, противпожарни екипи од ТАВ и ТППЕ Охрид и Струга, медицински тимови од ТАВ, амбулантите во Охрид и Струга и Црвениот Крст.
Вежбата заврши успешно, со покажана висока ефективност во реализацијата на предвидените безбедносни мерки, велат од СВР Охрид.
Македонија
Карпош: Советот ја продолжи суспензијата на дел од ДУП за Градска четврт З 08 за уште шест месеци
Советниците од Карпош едногласно ја поддржаа Одлуката за продолжување на суспензијата на одредени делови од Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Станува збор за градежните парцели 1.39, 1.48, 1.49, 1.53 и 2.1 од гореспоменатиот ДУП, кои се наоѓаат на потегот меѓу бул. Илинден, ул. Франклин Рузвелт, бул. Партизански Одреди и бул. 8-ми Септември.
На овој начин всушност продолжува времетраењето на суспензијата, но не подолго од шест месеци од денот на стапување на сила на оваа Одлука. Во случајов, продолжувањето на суспензијата се врши бидејќи не е завршена постапката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за Градска четврт З 08.
Како што е прецизирано во Член 4, оваа Одлука престанува да важи по истекот на шест месеци од денот кога започнала да се применува, освен ако претходно не биде донесен изменетиот и дополнетиот Детален урбанистички план.
Советниците од Карпош постигнаа консензус околу Предлог – Решенијата за именување, поточно за верификација на членови од Советот за формирање на Комисите за доделување на еднократна парична помош и за доделување на финансиска поддршка на проекти од областа на детска, социјална и здравствена заштита за 2025 година. Со истата динамика беше изгласано Предлог – Решението за именување и верификација на членови на општинскиот Совет, во Комисијатаод областа на образованието за 2025 година.
Советот даде „зелено светло“ и за двете Предлог – Одлуки со кои основните училишта „Владо Тасевски“ и „Војдан Чернодрински“ ќе прифатат движни ствари на трајно користење без надомест, кои им ги доделува Министерството за образование и наука. Имено, двете основни училишта од Карпош ќе добијат на користење интернет поставки (инсталации), кои ќе бидат искористени за нивните потреби. Со одлука на Советот, поддршка доби и Одлуката за прифаќање донација од Трговско друштво за проектирање, инженеринг и консалтинг ПРИМА ИНЖЕНЕРИНГ ДООЕЛ – Скопје. Донацијата е во вид на изработка на Елаборат за отстранување на постојна градба – (Детската градинка „Пролет 2“ во населбата Козле), а висината на донацијата изнесува 30.000 денари.
Советниците ја поништија Одлуката за давање согласност за учество на Општина Карпош во проектот „Oпштините како двигатели за одржливиот развој“ на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).

