Македонија
Од септември 15 проценти повисоки плати во образованието, договориле МОН и СОНК

Министерот за образование и наука, Јетон Шаќири, информира дека со СОНК ги прифатиле предлозите на медијаторот во однос на сите отворени теми и причините за штрајкот во образованието.
„И двете страни се согласивме да ги прифатиме предлозите на медијаторот, кои се вклучени во преговарачкиот процес, во однос на сите теми што беа отворени и причините за штрајк во образованието. Повисоки плати во образованието ќе има, освен порамнувањето што го донесовме со минималната плата, се договоривме за зголемување на платите за сите вработени во образованието за 15 проценти“, истакна Шаќири.
Додаде дека нема да има кратење на платите во месецот кога се штрајкуваше.
„Нема да има кратење за времето кога се штрајкуваше. Најдовме целосно разбирање и ќе се исплатат целосни плати за април. Ги допрецизиравме работите и за колективните договори“, нагласи ресорниот министер по средбата со претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Изрази благодарност до родителите, наставниците и до учениците, кои имале разбирање за овој процес.
Зголемувањето, како што беше најавено, треба да се очекува од септемвриската плата.
Претседателот на СОНК, Јаким Неделков, потврди дека овој предлог на медијаторот ќе важи и со Министерството за труд и социјална политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Антикорупциската комисија: Да се спречи праксата на партиски вработувања во администрацијата

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), во рамки на своите надлежности, укажува дека актуелните најави за вработувања во јавната администрација, од страна на одредени политички субјекти, не смеат да бидат предмет на договор на политички структури.
Секое вработување мора да биде во согласност со закон, по мерит систем и без никакви влијанија. Само на овој начин, велат од комисијата, почитувајќи ги законските регулативи, ќе овозможиме враќање на довербата на граѓаните во институциите на системот, ќе спречиме коруптивно однесување, трговија со влијанија и партиски клиентелизам.
„Секоја изјава за ‘договорни’ партиски вработувања во јавната администрација ја нарушува довербата на граѓаните во јавните институции и генерира ризици од корупција во постапките за вработувања“, велат од ДКСК.
Информираат дек во насока на остварување на своите превентивни законски надлежности, веќе е направена антикорупциска проверка на предложените закони за вработување во јавниот сектор и на предлагачот му е укажано на можните ризици од корупција кои истите ги генерираат.
Македонија
Најавена изградба на нова терминална зграда и реконструкција на охридскиот аеродром

Со 2,7 милиони евра започнуваме модернизација на аеродромот Св.Апостол Павле во Охрид. Ќе градиме нова терминална зграда и ќе ги прошириме капацитетите за патниците и вработените, истакна на денешната пресконференција вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.
Како што најави, проектот ќе приднесе за подобрување на условите за патниците како и подобрување на работата на вработените на аеродромот. Севкупно ќе значи зголемување на бројот на патници.
“ Проектот опфаќа изградба на нова административна зграда со површина од 250м2, нов канцелариски простор од 120 м2, помошни простории од 130 м2, нов простор за обезбедување од 40 м2, целосна реконструкција и адаптација на постојната терминална зграда на површина од 2000 м2 на двете нивоа. И сето ова ќе значи прво реконструирање на аеродромот од неговата изградба. Ова ќе значи подобри услови за патниците и секако многу повеќе патници и до март 2026 година очекувам да се заврши овој проект” -истакна вицепремиерот Николоски.
Македонија
Јаневска: Тројно ја зголемуваме финансиската поддршка за училишни активности посветени на меѓуетничка интеграција и толеранција

Во буџетот за 2025 година значително ја зголемуваме финансиската поддршка за училиштата за реализација на активности насочени кон развој и унапредување на мултикултурализмот, меѓуетничката интеграција и толеранција. Ако досега грантовите беа во висина од 30 илјади денари, со следниот конкурс ќе изнесуваат по речиси 90 илјади денари, односно ќе исплаќаме по две просечни нето плати. Тоа го уредивме со измени на Законот за основното образование, а ќе биде регулирано и во новиот Закон за средно образование кој наскоро ќе се најде во Собранието.
Ова го истакна министерката за образование и наука, Весна Јаневска, на денешната прес конференција на која информираше за резултатите од Конкурсот за доделување на грантови за училишни активности насочени кон поддршка на меѓуетничката интеграција, толеранција и мултикултурализмот, што ќе се реализираат во учебната 2024 – 2025 година.
„Министерството објави повик за пријавување на предлог активности во октомври минатата година, а комисија формирана за рангирање и избор, одлучи да бидат доделени вкупно 79 грантови во поединечна вредност од 30 илјади денари, со кои 130 основни и средни училишта ќе ги поврзуваат учениците од различни етнички, културни и религиозни заедници, ќе ги насочуваат кон меѓусебна почит и разбирање и ќе градат хармонична училишна средина“, рече Јаневска.
Додаде дека оваа поддршка е всушност законска обврска и дел од образовните политики и стратегии на министерството насочени кон обезбедување рамноправен пристап до квалитетно образование за сите ученици.
„Важно е секој да биде прифатен и ценет во училишната заедница, а со тоа и да се чувствува безбедно. Младите треба да знаат дека разликите по било кој основ, не се бариери, туку напротив, мотив за зближување, за развивање емпатија и градење силно општество. Тоа е и мојата порака до нив“, нагласи министерката.
Јаневска рече дека поддршката од околу 2,4 милиони денари не била доволна, но имајќи го предвид законското решение кое било на сила во моментот на објавување на конкурсот, постоела можност за обезбедување дополнителни средства.