Македонија
Од септември 500 образовни асистенти за учениците со попреченост
Од први септември во образовниот систем за првпат од страна на државата ќе бидат ангажирани 500 образовни асистенти што ќе обезбедат поддршка за учениците со попреченост вклучени во редовната настава. Спроведуваме ново системско решение – „образовна асистенција“ за градење инклузивна клима во училниците, која подразбира еднакво право на образование за секое дете. Ова го истакна министерката за образование и наука Мила Царовска по денешната обука наменета за образовните асистенти кои беа избрани на конкурсите за вработување што минатиот месец ги спроведоа петте основни училишта со ресурсни центри во државата.
„Верувам во капацитетите и квалитетите на новите стручни соработници кои во новата учебна година ќе им помагаат на наставниците и на инклузивните тимови во работата со учениците со попреченост, но и ќе работат со сите останати деца во училниците заради подигнување на свеста и прифаќањето на оние кои имаат посебни образовни потреби. Ова е најдобриот начин за да ја подигнеме инклузивноста на образовниот систем и да обезбедиме еднакви образовни можности за сите ученици“, рече Царовска.
Министерката истакна дека на обуките кои се наменети за образовните асистенти и кои се интензивираат во следните неколку денови, од обучени тренери тие ќе добијат подетални насоки околу начинот на кој треба да постапуваат и околу тековните обврски што ќе бидат дел од описот на нивното работно место.
По завршувањето на обуките за образовните асистенти, како што информираше Царовска, и наставниците од училиштата каде што има запишани ученици со попреченост ќе поминат обука за инклузивно образование, а во моментов во тек се и обуки за инклузивните тимови во училиштата кои ги спроведуваат партнерски организации од граѓанскиот сектор со финансиска поддршка од ЕУ.
За спроведување на услугата „образовна асистенција“, односно за ангажирањето на образовните асистенти преку буџетот на МОН за 2021 година обезбедени се 59
милиони денари, а дополнително основните училишта со ресурсни центри добија 2,5 милиони денари за набавка на опрема и дидактички средства во функција на поддршка на инклузивното образование.
Во меѓувреме, за унапредување на инклузивноста на образовниот систем, согласно новата Концепција за основно образование сите нови учебници кои ќе се изработуваат етапно во следните 5 години, а почнувајќи со оние за прво и четврто одделение чија изработка е речиси при крај, ќе бидат адаптирани на потребите на учениците со попреченост, односно ќе бидат печатени на Брајова азбука, како и достапни во аудиоформат, информираа од образование.
Додаваат дека оваа година обезбедувањето на пристапноста е задолжителен услов кој треба да се исполни за добивање на финансиски средства за адаптација, реновирање или изградба на училиште со средства од МОН. Дополнително во тек е реализација на Проект за непречен пристап во 14 образовни институции низ државата – 6 основни училишта, 4 средни и 4 факултети преку Акциската програма на 2019-ИПА 2 – „EU for inclusion“ за кој е подготвена техничката документација (проекти за адаптација) и се очекува наскоро да започнат градежните активности.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски на средби со сопственици на компании и со претседателот на Европскиот совет во Минхен
Премиерот, Христијан Мицкоски, на првиот ден од 62. Минхенска безбедносна конференција имаше средби со претставници на компании и со претседателот на Европскиот Совет.
„Денешниот прв ден овде го започнавме со средба којашто е многу значајна со високи претставници на компанијата ‘Шварц’, една од најголемите во светот и една од најголемите овде во Германија, со годишни приходи повеќе од 180 милијарди евра. Компанијата ‘Шварц’ вработува повеќе од 605.000 вработени и е присутна во повеќе од 30 земји во светот, помеѓу нив е и нашата Македонија“, изјави Мицкоски.
Имал состанок и со сопственикот на „4iG“ којшто е веќе присутен во Македонија како сопственик на лиценца за трет мобилен оператор.
„Она коешто е значајно, а треба да се истакне и да го знае македонската јавност и македонските граѓани е фактот дека покрај постоечкото инвестициско портфолио и двете компании и компанијата „Шварц“ и компанијата „4iG“ планираат дополнителни инвестиции во Македонија во сосема поинаква, во сосема поинакво портфолио, а тоа е вештачката интелигенција, дата центрите и енергетиката, односно производството на електрична енергија“, рече Мицкоски.
Премиерот бил дел и од свеченото отворање на 62. Минхенска безбедносна конференција каде што свое обраќање имаше германскиот канцелар Мерц, а денот го завршил со состанок со претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта.
„На состанокот разговаравме за евроинтегративниот процес на Македонија и она коешто е важно за македонските граѓани, тој процес да не биде билатерализиран, да не биде понижувачки и да биде сочуван македонскиот идентитет и приоритетите на македонските граѓани“, рече Мицкоски.
Тој им честита на македонските граѓани за, како што рече, онаа убава вест којашто на почетокот на денот пристигна од САД од Вашингтон, а тоа е усогласената заедничка изјава помеѓу македонската Влада и Белата куќа, а се однесува на договорот за трговија којшто понатаму двете држави ќе го потпишат, договор којшто овозможува подобра економија и повеќе можности за македонските компании.
„На овој начин покажуваме како Влада дека покрај она стратешко партнерство со Велика Британија, Обединетото Кралство, после избришаниот пост мониторинг од страна на Советот на Европа, овој трговски договор којшто ќе биде во рамките на оваа заедничка изјава којашто ја усогласивме со Белата Куќа потпишан ја заокружуваме дипломатската офанзива во овие први дваесетина месеци од оваа нова Влада и тоа се историски договори со историски успех за македонските граѓани и Македонија како држава. Останете со нас следните два дена продолжуваме со многу убави вести и со успешни состаноци од овде од Минхен од 62 Минхенска безбедносна конференција“, рече Мицкоски.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.

