Македонија
Од среда почнува постапката за изработка на нов ГУП на Град Скопје
На претстојната седница на Советот на Град Скопје, закажана за среда, ставена е точка на дневниот ред за усвојување на предлог-одлука за пристапување кон изработка на Генерален урбанистички план (ГУП) на Град Скопје за периодот од 2022 до 2032 година. Со усвојувањето на оваа точка почнува и формално процедурата за изработка на новиот ГУП.
Изработката на Генералниот урбанистички план на Град Скопје ќе се изврши на начин и постапка утврдени со законската и подзаконската регулатива која се однесува на урбанистичкото планирање. Од Градот најавуваат дека изработката на ГУП-от на Град Скопје ќе се изврши врз основа на сеопфатни, целосни и суштински анализи и процени на постојната состојба на терен и постојната планска документација и ќе претставува нова стратегија – визија за идниот просторен развој на градот.
Генералниот урбанистички план на Скопје е стратешки развоен план со општи елементи на просторниот развој во текот на една деценија. Се донесува во услови на творечки процес на планирање и со учество на сите субјекти и институции на територијата на опфатот. Планот ги дефинира основните наменски употреби на површините, ги претставува главните насоки на развојот и ја регулира примарната инфраструктура.
Во подготовката на новиот ГУП 2022-2032 година во рамките на предвидените процедури освен поддршката од Министерството за транспорт и врски како ресорно министерство, ќе биде вклучен и поширок круг на стручни лица од различни области, невладиниот сектор, академската заедница, како и граѓаните, директно или преку единиците на локалната самоуправа.
„Од позиција на градоначалник моите заложби се однесуваат на рационално, контролирано и флексибилно ширење на Скопје во насока на обезбедување одржлив развој; визионерско планирање на сообраќајната инфраструктура, како основен елемент во просторната комуникација; соодветно планирање на комуналната инфраструктура, посебно од аспект на инфраструктурата за прифаќање, селектирање, рециклирање и депонирање на цврст и друг отпад; како и реконструкција на изградените простори и блокови во простори со повисок комунален и амбиентален стандард. Во мојата визија Скопје го гледам како зелен град со многу внимателно распоредени зелени површини, повеќе функционални јавни простори, сообраќај планиран на начин што ќе обезбеди одржлива урбана мобилност и комунална инфраструктура која ќе биде целосно во функција на обезбедувањето чиста и здрава животна средина“, рече градоначалникот Шилегов, на последната работна средба со министерот за транспорт и врски во Владата на РСМ, Горан Сугарески, која се одржа во текот на месец октомври годинава.
Согласно заложбите, градот Скопје потребно е да се развива и шири на начин што ќе се релаксира притисокот од претераната урбанизација на јужниот дел од градот, на сметка на рационалното користење на неискористените слободни површини во северниот дел на градот. Во текот на изработката на новиот ГУП ќе бидат разгледани можностите за отстранување на некои недостатоци од постојната планска документација.
„Со тоа се отвора можност да се разгледа потребата од постоењето на таканаречената јужна обиколница која постои во актуелната планска документација, а според мислењето на стручната јавност, е спротивна на принципите за заштита на животната средина имајќи предвид дека за нејзината изведба потребно е да се уништи дел од Водно“, велат од Град Скопје.
Во таа насока новиот ГУП потребно е да биде изработен на начин што ќе обезбеди гаранција дека се сериозно лимитирани можностите за пропусти при носењето на деталните урбанистички планови и другата планска документација од понизок ранг. Со тоа ќе се отворат можности за обезбедување на услови да се продолжи со деталното планирање на градот кои ќе влијаат врз унапредувањето на квалитетот на животот на жителите на Скопје.
До донесувањето на нов Генерален урбанистички план на Град Скопје, ќе се применува постојниот „Генерален урбанистички план на Град Скопје 2012-2022“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Првиот том на етимолошкиот речник – капитално дело за македонскиот јазик реализирано со буџетска поддршка, ќе растат средствата за наука, најави Јаневска
Првиот том на Македонскиот етимолошки речник е дело од огромно значење за македонскиот јазик, литературата и науката. Целиот проект за прв ваков речник е доказ дека кога државата вложува во наука, а научните работници со посветеност истражуваат и создаваат нови вредности, тогаш имаме значајни и трајни резултати, рече министерката за образование и наука Весна Јаневска на промоцијата на Речникот којшто е еден од научно-истражувачките проекти што беа финансирани во 2025 од буџетски средства. Негов автор е професор д-р Гоце Цветановски, научен советник во Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ – Скопје.
Јаневска нагласи дека Министерството за образование и наука има полна поддршка од Владата да ги зголемува вложувањата во научни истражувања. Лани со 374 милиони денари беа финансирани 40 научно-истражувачки проекти на државните универзитети и факултети, на научните институти и на МАНУ, а во наредниот период ќе се вложуваат уште повеќе пари во науката и истражувањата.
Минатата година буџетот за наука беше речиси двојно поголем од 2024 и изнесуваше 680 милиони денари, а оваа година се обезбедени 773 милиони денари.
„Македонија мора да се сврти кон науката ако сакаме да направиме исчекор од досегашниот тек на работите во сите сфери. Премногу долго сме заробени во инерција, навики и модели што не носат напредок. Светот, па и регионот, одат напред со брзи чекори, а ние не смееме да си дозволиме само да ги гледаме“, укажа министерката Јаневска.
Финансирањето на издржани научни проекти веќе нема да биде проблем. Заедно со новите закони за високо образование, за научно-истражувачка дејност и за квалитет во високото образование ќе се создаде добра основа за развој на науката и истражувањата и важно е само научниците и професорите да сакаат да творат.
Македонија
„Изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука“: Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата очекува Владата да постапува одговорно
Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата со внимание го следи процесот за избор на нов државен јавен обвинител, нагласуваат од таму.
„Имајќи предвид дека Совет на јавни обвинители јавно соопшти дека дал позитивно мислење за четворица кандидати кои ги исполнуваат законските услови и дека предметот е доставен во понатамошна постапка до Владата на Република Северна Македонија, сметаме дека од овој момент одговорноста за зачувување на кредибилитетот на постапката е кај извршната власт“.
Укажуваат дека јавни изјави на Претседателот на Владата, со кои, као што велат, однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот.
Особено, како што појаснуваат, имајќи предвид дека станува збор за кандидати за кои веќе е утврдено дека ги исполнуваат законските критериуми, ваквите изјави можат да ја нарушат довербата во еднаквиот третман и во интегритетот на постапката.
Според нив, изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз владеењето на правото и системот на кривична правда.
„Оттука, очекуваме Владата да постапува одговорно, да се раководи исклучиво од законските критериуми и стручните оценки, и да обезбеди транспарентност во носењето на конечната одлука.
Во контекст на тековните предизвици поврзани со борбата против корупцијата и организираниот криминал, изборот на државен јавен обвинител има суштинско значење за обезбедување професионалност, суштинска амбиција за реформи и подобрување, и институционална независност во работењето на обвинителството. Затоа, секоја јавна комуникација поврзана со оваа постапка треба да придонесува кон зајакнување, а не кон релативизирање на довербата во процесот кој е утврден со закон“.
Потсетуваат дека и во последните извештаи на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија се нотираат забелешки поврзани со потребата од јакнење на независноста, професионалноста и ефикасноста на јавното обвинителство, како и од доследно почитување на процедурите во клучните именувања.
„Оттука, особено е важно постапката за избор на државен јавен обвинител да се спроведе на начин што ќе покаже институционална зрелост и јасна дистанца од какви било политички влијанија, во согласност со европските стандарди и преземените обврски“.
Платформата, подвлекуваат, нема да навлегува во оценка на поединечни кандидати, но јасно укажува дека одговорноста за интегритетот на овој процес е директно на Владата. Очекуваат одлуката да биде јавно, детално и аргументирано образложена врз основа на однапред утврдени и мерливи критериуми. „Секое отстапување од принципите на професионалност, еднаков третман и транспарентност ќе значи сериозно нарушување на довербата во постапката и дополнително ќе ја поткопа довербата во независноста на обвинителството“.
Македонија
Чантата чини 944 денари, не 30.000 евра како што вели СДС: Сопругата на Ѓорѓиевски очекува јавно извинување
„Кога се нема аргументи, кога политиката се сведува на политиканство, СДСМ нема да зборува за работите кои се важни за граѓаните, за фактот што е направено за Скопје и Скопјани, туку ќе вмешува семејства, личности кои не се директно во политиката, неретко и нашиот малолетен син и се така за да привлечат внимание. За волја на вистината, фактите се следни. Мојата чанта не е некакви 30 000 долари како што тврди СДС, ниту е Хермес, туку е купена од продавницата на „Obuca Metro“ Македонија, и тоа на попуст за 944 денари. Истата нема никаква врска со брендот Hermès, ниту по потекло, ниту по цена, ниту по вредност, ниту пак носи натпис на брендот. Доколку не веруваат, може да им ја подарам мојата на увид, а може и самите да ја посетат продавницата, има одлични работи за супер ефтини цени за луѓе кои живеат скромен и чесен живот. Има сѐ уште на располагање од истиот модел на поголема варијанта од малата чанта“, стои во демантот од сопругата на скопскиот градоначалник, откако од СДСМ беше посочено дека таа носи чанта од 30.000 долари.
Во демантот се ннаведува дека обидот преку евтина конструкција да се создаде наратив за „луксуз“ и „аздисаност“ служејќи се со лаги и клевети во најмала рака е безобразно.
„Не е мое да коментирам политички, но вмешувањето на потесно семејство во отсуство на вистински аргументи и ширење на лажни вести не е политика, туку дно.
Барам јавно извинување за изнесените невистини и повлекување на лажните тврдења.
Во спротивно, ќе ги искористам сите правни механизми за заштита на честа и угледот.
Политиката не смее да се води преку лаги и лични дискредитации“.

