Македонија
Од утре продолжува редовната настава за сите ученици во ОУ „Тодор Јанев“ во Чашка
Учениците од Основното училиште „Тодор Јанев“ во Чашка, од утре се враќаат на настава.
„Под покровителство на премиерот Талат Џафери, во координација на Министерството за образование и наука, а со учество на пратениците од сите политички партии, претставниците на локалната самоуправа и засегнатите страни, информираме дека изнајдено е решение за продолжување на воспитно – образовниот процес во ова училиште, за сите ученици и тоа на нивниот мајчин јазик“, објави Владата.
Наставата за сите ученици од ова училиште времено ќе се реализира во постојниот објект, односно до крајот на учебната година и по адаптирани наставни програми, со цел совладување на материјалот кој е пропуштен поради неодржувањето на часовите во изминатиот период.
Решението кое во форма на спогодба е потпишано од министерот за образование и наука, градоначалникот на Чашка и директорката на училиштето, предвидува враќање на одземените ингеренции на градоначалникот во делот на управување со училиштето од страна на Министерството за образование и наука, како и изградба на нов училишен објект, како трајно решение на предизвикот кој го доведе во прашање образованието на мајчин јазик на учениците од оваа општина.
Изградбата на објектот, како што се додава, ќе биде заедничка обврска на министерството и општината. Чашка ќе отпочне иницијатива за основање на нов правен субјект, ќе обезбеди локација и комплетна урбанистичко – планска документација, додека МОН ќе обезбеди финансиски средства и ќе го реализира инфраструктурниот проект.
Новото училиште треба да биде изградено до крајот на тековната календарска година, велат од владината прес-служба.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Намалена видливост поради магла на неколку патни правци
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по влажни коловози. Мали остатоци од снег има на планинскиот превој од (село Лисец – Попова Шапка) кои се задржани на коловозот, извести АМСМ.
Врнежи од снег со слаб интензитет има на патниот правец (Крива Паланка – г.п.Деве Баир) кој не се задржува на коловозот и намалена видливост поради појава на магла има на планинските премини Плетвар до 30 метри, Ѓавато до 100 метри и планинскиот превој Крушево до 40 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Дел од Карпош денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради уличен дефект ф-100мм на крстосницата Његошева/Софиска, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Софиска, Његошева, Бриселска, Копенхагенска, Стокхломска, Петар Драганов и Гаврил Лесновски, општина Карпош.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд
Променливо облачно со услови за повремени слаби врнежи од дожд. Претпладне, врнежите од дожд ќе преминуваат во врнежи од снег и во некои од повисоките места. Ќе дува слаб до умерен, а попладне наместа долж Повардарието повремено засилен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 0 до 6, а максималната ќе достигне од 3 до 10 степени.
Во Скопје, претежно облачно со услови за слаб дожд. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
До крајот на оваа седмица следува период на претежно облачно време со повремени врнежи од дожд, кои на повисоките планини, ќе преминуваат во врнежи од снег. Повремено наместа врнежите ќе бидат пообилни. До сабота ќе дува југоисточен и југозападен ветер, а во недела ветерот ќе го смени правецот и ќе дува засилен северен ветер.

