Македонија
Од четврток до недела портокалова фаза во целата држава
Во согласност со добиените информации од метео-алармот на Управата за хидрометеоролошки работи, во следните четири дена – од четврток до недела (21-24.7.2022), територијата на целата држава ќе биде зафатена со високи температури од портокалова фаза и во овој период ќе важат препораките за намалување на ризиците од високи температури во согласност со акцискиот план на Министерство за здравство за превенирање на последиците од топлотни бранови врз здравјето на населението.
„Во овој период, почнувајќи од четврток (21.7), сите региони во државата – Скопскиот, Осоговско-малешевскиот, Пелагонискиот и Охридско-преспанскиот – ќе влезат во портокалова фаза, при што состојбата на топлотен бран почнува да важи на целата територија на Републиката и со цел заштита на здравјето на населението Министерството за здравство ги дава следните препораки:
1. Ослободување од работните обврски на најранливите групи население, како што се бремените жени и хронично болните лица;
2. Во установите за згрижување на децата (градинки) да не се практикува физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот;
3. Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст и центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да им укажат помош на постарите, изнемоштените лица и на бездомниците;
4. Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик врз здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област, се нагласува во информацијата од Министерството за здравство.
Потсетуваат дека населението во летниот период потребно е да ги почитуваат следните општи мерки за заштита на здравјето, како што се:
– Во текот на екстремно топли денови да се остане повеќе во затворени простории (пред сѐ, климатизирани), а при неопходен престој на отворен простор во овој период да се најде можност за почести одмори под сенка;
– Да се носи светла и лесна облека, при директна изложеност на сонце носете заштитни очила и капа, а при сончање да се користи крем со висок заштитен фактор;
– Да се внесува помало количество храна, претежно овошје и зеленчук, а помалку мрсна храна;
– Да се внесуваат големи количества течности, најдобро обична вода за пиење, а да се избегнуваат алкохолните пијалаци;
– При влегување во возило, потребно е тоа одреден период да се проветри;
– Хронично болните лица редовно да ја земаат препишаната терапија во консултација со матичните лекари.
Поради високите температури и зголемената можност за појава на труењата со храна и цревни заразни заболувања, се препорачува: задолжително миење на свежиот зеленчук и овошјето пред нивната употреба; термичка подготовка на храната и нејзино користење во многу краток рок по подготовката, како и избегнување термички необработени производи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот локален дожд
Променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта ќе има услови за повремен локален дожд. Претпладне тивко, а попладне ќе дува слаб до умерен ветер во западните делови од западен, а во источните и долж Повардарието умерен повремено засилен ветер од северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 3, а максималната ќе достигне од 11 до 17 степени.
Во Скопје, ончево со умерена облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 14 степени.
Времето во наредните денови
Под влијание на поле на висок воздушен притисок, следува период на стабилно и суво време, освен денеска кон крајот на денот кога ќе има услови за слаб локален дожд. До петок ќе дува умерен, повремено засилен ветер од северозападен правец кој ќе биде поизразен долж Повардарието. Од петок ветерот ќе го смени правецот во југоисточен. За време на викендот облачноста ќе се зголеми.
Македонија
Делови од четири скопски општини денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирано неколку интервенции и тоа:
· поради изведување на водоводен приклучок на ул.Борис Трајковски 212, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица (место викано Каменик). Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Кисела Вода;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-150 мм на ул.Варшавска 4, прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Варшавска и дел од бул.8-ми Септември. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Карпош;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-100 мм на ул.Боца Иванова бб(за АБЦ Комерц), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од Боца Иванова,Томе Пуре, Душко Поповиќ, Александар Бујнов, Бетовенова и дел од Петар Манџуков. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 10:00 часот до завршување со работните активности, општина Бутел;
· поради изведување на водоводен приклучок ф-80 мм на ул.20 –ти Октомври 44 прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците на дел од истата улица. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 09:00 часот до завршување со работните активности, општина Центар.
Македонија
Одронот е исчистен, сообраќајот на автопатот Скопје – Велес се одвива нормално
Во 20:38 часот на патниот правец Скопје-Велес, тунел Бадар, одронот е исчистен и сообраќајот се одвива нормално, информира АМСМ.
Претходно, од таму информираа дека сообраќајот се одвива по една лента поради одрон во тунелот.

