Македонија
(Видео) Од 1 септември генерален штрајк на судската администрација, ќе блокираат улици и нема да издаваат ниту уверенија за неосудуваност
Ечат свирчиња и песната „Бела, чао“ пред Кривичниот суд во Скопје, каде што и денес е излезена судската администрација откако министерот за финансии, Фатмир Бесими, вчера не им го потпиша одобреното покачување од 15 % за додатоци на плата. Со централен транспарент „Европски плати за вас и за нас“ судската администрација бара да им се вратат додатоците на плата укинати со истиот член, кој им овозможи зголемување на платите на избраните и именуваните лица од 78 %, бараат нов закон за независен судски буџет и нов закон за судска служба.
Од 1 септември најавија генерален штрајк.
„Денес, штрајкуваме во сите судови, Основен Битола, Струга, Охрид, Штип, Свети Николе, Тетово… Најавуваме генерален штрајк од 1 септември. Ќе блокираме и улици и нема да може од наши средства да се полни буџетот. Нема да се вадат ни уверенија за неосудуваност ни за трето дете, да видиме каде одат овие пари“, рече Јасмина Величкова, претседателка на Независниот синдикат на судската администрација.
Таа вели дека судската администрација нема претстава зошто министерот не ја потпишал одлуката на Судскиот буџетски совет за исплата на додатоци на плата од 15 %, а на денешниот протест судските административци рекоа и дека се против усвоеното покачување на платите од 10 %.
„Ние не се согласуваме со покачување на плата од 10 %, што Владата и Сојузот на синдикатите го договорија. Исто така, не се согласуваме ни со К15 во висина од десет илјади денари, а многу револтирачки е што од нашите средства доделени од Судскиот совет, 15 % на плата, вчера министерот за финансии ги одби“, рече претседателката Величкова.
Таа на денешниот протест во детали реферира колку средства се слеале во буџетот врз основа на она што судовите го наплатиле за да покаже дека средства за 15 % за додатоци на плата – има.

„Реформите во судската власт треба да почнат од судската служба“, Рената Георгиевска, потпретседателка Здружението на судската администрација
Рената Георгиевска, потпретседателка на Здружението на судската администрација, побара менување на законите на начин што ќе одговара на должностите, правата и одговорностите што ги има судската администрација.
„Судската служба се собра и излезе на протест за да го искаже револтот за пониски плати, немаме додатоци и бараме самостојна судска власт. Апелираме и бараме поддршка од Судскиот совет, Судско-буџетскиот совет и од Здружението на судиите да издејствуваат донесување нов закон за судски буџет, со кој судската власт ќе има самостоен буџет, и донесување нов закон за судска служба, со кој статусот на судската служба ќе биде регулиран на начин што одговара на нејзината работа, должности, права и одговорности. Реформите во судската власт треба да почнат од судската служба“, рече Георгиевска.
Претседателката на Независниот синдикат на судската администрација нагласи дека со покачувањето на платите на функционерите, што ги опфати и судиите, се појавиле досега невидени разлики во платите кај вработените во судовите.
„Од наши средства се двои за буџетот, а на крајот се доведовме до ситуација избраните и именуваните лица да добијат покачување на плата од 78 %, а нам вработените во судската служба да ни се скратат додатоците. Има енормна разлика во платите. Службеник со судија соодносот е 1:5 и судија со стручен соработник 1:3 како никогаш досега и никаде во развиениот свет“, рече претседателката Величкова.
Вработените во судската администрација во мај годинава останаа без додатоци на плата оти беше укинат истиот член од законот со кој избраните и именуваните лица добија покачување од 78 % на платите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски: Филипче се однесува како бомбаш самоубиец во обид да го заштити столчето во СДСМ
Заменик претседателот на Владата, Александар Николоски во одговор на новинарско прашање во Прилеп, каде што присуствуваше на отчет 100 дена од новото раководство на локалната самоуправа во Прилеп, истакна дека Филипче води црна и гнасна кампања против него и Македонија, со што сака да ја уништи и СДСМ и стратешките пријатели.
„Не сум изненаден, гледаме еден нихилизам, една црна кампања, гнасна кампања која доаѓа од СДС, јас сум свесен дека и Венко Филипче е свесен дека му се ниша позицијата во СДС, ја има практично киднапирано партијата за цели што само тој ги разбира и буквално се однесува како бомбаш самоубиец, сакајќи да се заштити себе и сопствената позиција во партијата и уништува се околу себе“ појасни Николоски.
Вицепремиерот истакна дека лагите и обвинувањата од страна на Филипче се гол популизам, затоа што во исто време создава токсична атмосфера во општеството којашто не е добра за Македонија.
„Најголем проблем е што овој начин на комуникација создава една токсична атмосфера во општеството, создава една атмосфера којашто не е добра и нешто што нејќе Македонија да го види. Во исто време не кара и со стратешките пријатели, знаете дека цела кампања водеше против Велика Британија со којашто потпишавме стратешки договор и со којашто имаме стратешко партнерство“, нагласи Николоски.
Во однос на обвинувањата од Филипче во делот за превозниците, Николоски е дециден дека овој наследен проблем се решава со дијалог со ЕУ.
„Пред неколку недели превозниците од Македонија и целиот регион со право ги блокираа граничните премини коишто одат кон Шенген зоната со барање да ЕК започне дијалог за решавање на проблемот за престој за професионалните возачи во рамките на Шенген зоната. Нивното основно барање беше да се започне дијалог. Планот нивни беше да блокада трае 7 дена, да на четвртиот ден излезе претседателката на ЕК и каже дека таков дијалог ќе се случи и презентираше документ којшто се вика Нова визна стратегија на ЕУ со којшто документ возачите се признати како професионалци, тоа беше едно од основните барања и во рамки на овој дијалог којшто се води во моментот треба да се донесат конечните решенија. Никој никаде а камо ли во систем како ЕУ; дека за две недели сите работи ќе бидат решени, туку тоа што јас го кажав дека ќе започне овој дијалог и дека новата визна стратегија е начинот и патеката по којшто ќе се оди“, истакна Николоски.
Македонија
Oбиколница за Прилеп и автопат од Фариш, најави Николоски
Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски денеска од Прилеп најави три крупни инфраструктурни проекти за долгорочен развој за општината.
Интенизивно се гради автопатот Прилеп – Битола, се започнува постапка за изградба и на нов автопат од Фариш до Прилеп, а во соработка со општината веќе се работи на план за изградба на обиколница, истакна вицепремиерот Николоски.
„Автопатот Прилеп – Битола се гради со засилена динамика и очекувам годинава да бидат поставени и првите километри асфалт. Второ, градоначалникот амбициозно работи на проектна програма, со цел да се направи обиколница на градот, за тешките возила да не влегуваат во градот, нешто што е ветувано децении наназад. Тој е прв што е решен да прави ваква програма и еве да дадам ветување дека ние како Влада ќе го финансираме целокупно овој проект и овој проект ќе биде реализиран во рамки на неговиот мандат.
И трето, во интензивни преговори сме, мислам дека во следните месец до месец и пол ќе видите и активности во Собранието, за она што го ветив, а тоа е од Фариш до Прилеп исто така да одиме со автопатско решение, како Прилеп од двете страни би бил поврзан со автопат”, изјави заменик претседателот на Владата, Александар Николоски.
На одбележувањето на настанот 100 дена локална власт во Прилеп, вицепремиерот истака дека Владата овозможува сериозна подршка за општината и градоначалникот Проданоски, во насока на економски и инфраструктурен развој на градот.
„Сакам да му честитам на градоначалникот за успешната работа во овие 100 дена. Таа работа се гледа во сите делови од градот, 100 дена е навистина краток период но може да се види каде ќе се развива општината во следниве четири години и убeден сум дека ова ќе е исклучително успешен мандат. Ние како Влада ќе продолжиме со подршката која што ја дававме во изминатиот период, дали се работи за средства кои директно се префрлаат од буџетот кон општината за да може да реализира инфраструктурни проекти, дали се работи за подршка на стопанството или земјоделието, сето она што сме го ветиле на најдобар можен начин ќе се обидеме да го реализираме“, изјави вицепремиерот Николоски.
Македонија
Законот за високо образование нема да биде повлечен, јавнaта расправа продолжува
Министерката за образование и наука Весна Јаневска на пленарна седница изјави дека нема да го повлече нацрт-законот за високо образование.
Таа посочи дека во моментов се одржуваат јавни расправи на сите универзитети и дека нацрт-текстот е објавен на Единствениот национален електронски регистар на прописи (ЕНЕР), каде што сите засегнати страни можат да достават коментари.
На прашање од пратеничката од СДСМ, Бисера Костадиновска-Стојчевска, која изнесе забелешки, Јаневска одговори дека законот е „за добробит на сите“ и дека реакциите не можат да се генерализираат.
Според министерката, предлог-законот е усогласен со европски и светски стандарди и предвидува подобрување на студентските права, двегодишен мандат за универзитетските тела, можности за ангажман на демонстратори и вработување на студенти на проекти, како и поддршка за најдобрите студенти.
Јаневска нагласи дека членот 13 се однесува на заштита на автономијата на универзитетите и дека во изработката на текстот учествувале над 60 професори.

