Македонија
Од 126 сообрќајни прекршоци во Скопје, над половината се за брзо возење
Секторот за внатрешни работи Скопје во текот на вчерашниот ден продолжи со контролите во областа на сообраќајот. На територија на град Скопје изречени се вкупно 128 мерки, меѓу кои за возење повеќе од дозволената брзина 76 санкции, седум мерки за возење без возачка дозвола, три санкции за нерегистрирани возила, соопштуваат од МВР.
Изречени се три мерки за некористење сигурносен појас, три санкции за користење мобилен телефон при возење…
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови, оттука МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да се зголеми безбедноста во сообраќајот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Николоски-Дрекслер: Германија е силен поддржувач на Македонија во нејзиниот развој
Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски денеска оствари работна средба со амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер.
Покрај актуелните економски и политички прашања во земјава и регионот, на средбата се разговараше и за инвестиционата програма на Владата во делот на реализацијата на инфраструктурните проекти.
Николоски ја запозна амбасадорката за плановите на Владата за инфраструктурен развој на земјата и идејата за квалитетно и брзо поврзување на Македонија и регионот со земјите од Централна Европа.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи со Германија, при што Николоски ја нагласи важноста на пријателскиот и партнерски однос меѓу двете земји.
Германија е силен поддржувач на Македонија во нејзиниот развој, рече министерот Николоски, потенцирајќи дека Владата е силно фокусирана на европските интеграции и спроведување на реформите.
Министерот изрази благодарност за досегашната соработка при што беше искажана согласност за интензивирање на таквата соработка во различни области од заеднички интерес.
Македонија
Гаши, Милошоски и Лукаревска на средба со претставници на Европскиот суд на ревизорите: во фокусот планот за раст на Западен Балкан и придобивките од неговата имплементација
Лаима Луција Андрикиене, членка на Европскиот суд на ревизори, го посети денеска Собранието на Република Северна Македонија, каде што оствари заедничка средба со претседателот Африм Гаши, со потпретседателот на Собранието и претседател на Комисијата за европски прашања, Антонијо Милошоски, и со претседателката на Комисијата за финансирање и буџет, Сања Лукаревска.
На средбата присуствуваше и евроамбасадорот Михалис Рокас, како и Томас Макевициус и Пјетро Пуричела од Европскиот суд на ревизори.
Во фокусот на дискусијата беше Планот за раст на Западен Балкан и очекуваните придобивки од неговата имплементација во процесот на евроинтеграција на регионот и конкретно на нашата земја.
Во тој контекст, беа разменети мислења за реформските агенди на земјите од регионот, чие усвојување во институциите на ЕУ е предуслов за реализација на финансиската помош.
Посебен акцент беше ставен на критериумите во делот на владеењето на правото, како и на можностите за економски раст и за подигање на капацитетите на институциите и на администрацијата во земјите од регионот, како аспиранти за полноправно членство во ЕУ.
Претседателот Гаши истакна дека за граѓаните на Северна Македонија, како и за целиот регион, е од големо значење да почувствуваат конкретна помош од ЕУ во финансиска смисла, како поттик за понатамошна посветеност за спроведување на реформите.
Потпретседателот Милошоски забележа дека Планот за раст на Западен Балкан носи придобивки и за двете страни, односно и за земјите од регионот и за Европската Унија, како своевиден понатамошен поттикнувач на ентузијазмот во однос на евроинтеграцијата.
Пратеничката Лукаревска рече дека во Собранието на РСМ, независно од политичките провениенции на пратениците, генерално, нема разлики во поглед на членството на земјава во ЕУ, така што Планот за раст на Западен Балкан е од посебно значење за понатамошно јакнење на тој консензус.
Македонија
Мемов: Движењето ЗНАМ продолжува да расте, се формираат општински организации во цела Македонија
Движењето ЗНАМ – За наша Македонија денеска одржа прес конференција на која портпаролот Никола Мемов рече дека согласно одлуката на Централниот одбор од јули годинава, во тек се интензивни активности на теренот за формирање на општинските организации на Движењето низ цела Македонија.
„Големиот интерес и наплив на нови членови, високо-стручни луѓе, кои претходно биле ангажирани во политичкипартии, членови од СДСМ, но и луѓе кои за прв пат се членови на партија, се најдобар показател за нашите правилни политики, рече тој.
Мемов информира дека согласно роковникот за одржување на општинските конференции, во септември се формирани неколку општински организации на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија со избрани претседател, секретар, членови на извршен одбор и членови на надзорен одбор, и тоа во: Аеродром, Велес, Штип, Кичево, Ресен, Берово, Демир Хисар, Пробиштип, Новаци.
Мемов додаде дека во тек се и подготовките, а траат и консултациите за изборните конференции за Струга, Дебарца, Вевчани, Долнени, скопските општини Кисела Вода, Гази Баба, Центар, Карпош, Ѓорче Петров, Бутел, Чаир, Шуто Оризари како и градската организација на Движење ЗНАМ-За наша Македонија-Скопје, кои е предвидено да се одржат во текот на октомври.
Тој нагласи дека крајната цел на Движењето ЗНАМ-За наша Македонија, една година по основањето, е да има своја партиска структура во сите
општини во Македонија и подготвено да ги дочека Локалните избори во 2025 година.
„Движењето ЗНАМ-За наша Македонија води конзистентни политики, а ние, како владин партнер, инсистираме на доследна имплементација на
програмата на владата, како и дефинираните принципи за функционирање на владата со ВМРО-ДПМНЕ, за наше учество во владината коалиција.
Продолжуваме заедно напред со иста енергија и посветеност за подобра иднина на сите граѓани во Македонија“, рече Мемов.
Запрашан каков е ставот нас Движењето ЗНАМ во однос на одлуката на Уставниот суд за примената на балансерот, Мемов рече:
„Ние ја поздравуваме одлуката на Уставниот суд и мислиме дека времената мерка е во ред. Ние ќе ја почитуваме таа одлука. Што се однесува до правичната застапеност, одлуката нема да биде пречка за застапеноста на етничките заедници во администрацијата во следниот период, но се разбира тоа да биде по клучот на квалитет и конзистентност.“
На прашањето дали ќе се носи нов закон за правична застапеност, Мемов рече дека не може да го коментира тоа во моментот.
Тој додаде дека после конечната одлука на Уставниот суд надлежни за тоа ќе бидат Владата и Собранието.
Запрашан дали носењето на Законот за бранителите може да влијае врз стабилноста на владината коалиција, Мемов рече дека Движењето ЗНАМ- За
наша Македонија е гарант за стабилноста на владата и така ќе остане во текот на целиот мандат, додека се учесници во владата и додаде:
„Тоа значи дека ние го гарантираме стабилното владино мнозинство во владината коалиција кога станува збор за националните прашања на
македонскиот народ. Ние ќе го поддржиме законот. Тоа е наш став, уште претходно кажан.“