Македонија
Озан се родил на Гинекологија со 690 грама, а сега си замина дома со 2.400 – херојски ги надминал сите препреки

Во прегратките на своите родители, вчера по шест месеци престој на скопската Клиника за гинекологија, на одделението за интензивна нега и терапија (ОИНТ), во стабилна состојба и со телесна тежина од 2400 грама дома си замина уште едно предвреме родено бебе.
Озан е роден на 20 декември 2023 година во 24 гестациска недела со тежина од само 690 грама и со должина од 33 сантиметри.
„Безмалку половина година оваа екстремно прематурче се бореше заедно со лекарите, медицинските сестри и со акушерките и на наша огромна радост херојски ги надмина сите препреки, од кои некои не беа воопшто лесни. Му посакуваме среќно детство, многу радости да внесе во животот на своите родители и низ животот да се бори со истиот жар што го покажа уште од првиот миг од своето раѓање“, велат од Клиниката.
Од тука додаваат дека Озан и другите предвремено родени бебиња секојдневно преку борбата за живот покажуваат што значи храброст и колку е вреден животот, со што на медицинскиот персонал му даваат сила да го издржи секој нов ден.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска го прими Ристо Дурловски, претседател на организацијата „Обединети Македонци во Канада“.
На средбата, таа уште еднаш ја потврди својата определба за формирање на Совет за дијаспора, како политички исчекор во соработката меѓу државата и дијаспората. Во Советот, претседателката гледа институционален одговор на потребата од засилена и продлабочена комуникација со нашите иселеници во сите области.
Дурловски истакна дека примарна цел на Организацијата останува да биде промоцијата и заштитата на правата на Македонците во Канада, како и нивната интеграција во канадското демократско општество. За него, македонските корени се силна мотивација за поддршка на македонските национални интереси.
Соговорниците се согласија дека бројната македонска дијаспора може да биде фактор на зајакнување на канадско-македонските политички, економски, културни и други односи.
Македонија
Од утре авионско и терестрично прскање против комарци во Скопје

Градот Скопје ги известува граѓаните дека утре ќе започне авионска дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, а на 16 септември терестрична дезинсекција против возрасни форми на комарци и ларви од комарци, односно:
1. Авионската дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци, ќе се одвива на 12.09.2025 (петок) и на 13.09.2025 (сабота), во раните утрински часови.
2. Терестричната дезинсекција на подрачјето на градот Скопје, против возрасни форми на комарци и ларви од комарци ќе се одвива од 16.09.2025 (вторник) до 19.06.2025 (петок), во период од 22.00 до 03.00 часот, наредниот ден
Доколку временските услови не го дозволуваат вршењето на дезинсекцијата, истата ќе се изврши во истиот термин првиот нареден ден, кога временските услови ќе бидат поволни, додаваат од Градот Скопје.
Исто така се известуваат пчеларите навремено да ги преземат потребните мерки за заштита на пчелите.
Македонија
Зголемена фреквенција на возила на Табановце за излез од државата

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по суви коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На ГП Табановце за излез од државата се бележи зголемена фреквенција на возила, времето на чекање е околу 30 минути.
На останатите гранични премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата, додаваат од АМСМ.