Македонија
(Видео) Царовска: Речиси 700 фантоми, кои немаат документи, ќе добијат граѓански статус

Околу 700 лица, од кои повеќето деца, немаат извод од Матичната книга на родените и не се запишани никаде во системот, а со тоа немаат никакви социјални и здравствени права. Овој проблем ќе го решиме со предлог-законот што веќе го усвоивме во Владата, изјави министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, по средбата со граѓани од Шуто Оризари, кои го имаат овој проблем.
„Важно е дека во минатите 5-6 години се калкулира со разни бројки. Ние во проект од април до ноември 2018 вклучивме службеници и овластени лица, кои заедно ги попишаа овие лица и стигнаа до бројка од речиси 700“, изјави Царовска.
Таа нагласи дека со законските измени овие граѓани, кои се нарекуваат и фантоми, ќе стекнат својство на лице со посебен граѓански статус заради остварување право за образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување. Со ова, рече министерката, ќе се подобри и квалитетот на нивниот живот.
Министерката истакна дека ова е само прв чекор и се надева дека најбргу што може ќе се најде и трајно решение. Предлог-законот набргу ќе се најде на дневен ред во Собранието.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Јавен обвинител бил во „Макпрогрес“ ама увидот не е почнат, пожарот уште тлее

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство од Кочани бил во фабриката „Макпрогрес“ но, како што информира Државното јавно обвинителство, увидот се уште не е почнат бидејќи пожарот не е во целост изгаснат и се уште траат активностите за обезбедување на локацијата.
– Во меѓувреме, јавниот обвинител издава наредби и насоки за други дејствија за целосно испитување на настанот, информираат од Јавното обвинителство.
Пожарот во фабриката за кондиторски производи и вафли избувна вчеравечер околу 18 часот при што беа опожарени магацински и производствени погони. Покрај пожарникарите од Виница, во гаснењето беа вклучени и пожарникари од неколку соседни општини.
Сите се во стабилан здравствена состојба. На осум лица, вработени во фабриката, им била укажана лекарска помош во Клиниката за токсикологија во Скопје. Четворица од пожарникарите кои учествуваа во гаснењето на пожарот, биле примени во Општата болница во Кочани, а една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип.
Македонија
Полициски хеликоптер и два ер трактори се борат со пожарот кај Раштак

Пожар попладнево изби над скопското село Раштак на Скопска Црна Гора. Чадот од пожарот се гледа од поголем дел од Скопје.
Дирекцијата за заштита и спасување информира дека пожарот се гасне и од воздух и дека се вклучени два „ер трактора“ и еден полициски хеликоптер.
– Во гаснењето учествуваат повеќе екипи на БППЗ Скопје, тим на ДЗС, два ер трактора на ДЗС и еден полициски хеликоптер, информира директорот на ДЗС Стојанче Ангелов.
Македонија
Сите хоспитализирани од пожарот во Виница се во стабилна здравствена состојба, соопшти МЗ

Тринаесет лица се хоспитализирани по пожарот што вчера доцна попладне избувна во фабриката за кандирани производи и вафли „Макпрогрес“ во Виница. Сите хоспитализирани се во стабилна здравствена состојба, соопштија попладнево од Министерството за здравство.
Осум лица, вработени во фабриката, биле на Клиниката за токсикологија во Скопје, една пожарникарка била хоспитализирана во Клиничката болница во Штип, а четворица пожарникари во Општата болница во Кочани.
Во гаснење на пожарот во Виница, покрај пожарникари од виничката Територијална противпожарна единица, вчера биле вклучени и пожарни единици од соседните општини.
Според последните информации од Центарот за управување со кризи, до 12 часот денеска, пожарот во фабриката е ставен под контрола.