Македонија
ОМД го осуди бугарското негирање на македонскиот јазик
Обединетата македонска дијаспора (ОМД) ја осуди изјавата на Бугарската академија на науките дека македонскиот јазик не постои.
„Членовите на бугарската академија забележаа дека македонскиот јазик е резултат на политичка конструкција, а не на органски јазичен развој. Како резултат, тие тврдеа дека македонскиот јазик не е ништо друго освен „бугарски јазик испишан на српска машина за пишување“. Оваа контроверзна и навредлива изјава е уште еден додаток на долгата линија на понижувачки изјави што го негираат постоење на македонската националност и симболи“, велат од ОМД.
Во текот на изминатите децении, додаваат од таму, а особено од 2017 година, соседите на Македонија започнаа заеднички напор за поткопување на македонската националност преку условување на Европската унија (ЕУ) и членството во НАТО со откажување од тврдењата за македонски идентитет.
„Најновата во низата на антидемократски напади, изјавата на Бугарската академија на науките ја отсликува моменталната бугарска политика за негирање на постоењето на единствен македонски јазик. Крајната цел на оваа политика е да се спречи Македонија да има официјален јазик признат во рамките на ЕУ, штом земјата ќе се приклучи на Унијата. Со оглед на леснотијата со која македонското раководство се предаде на малтретирање од страна на нашите соседи, не би било изненадувачки официјални лица во Скопје да го игнорираат овој скандал“, велат од ОМД.
ОМД ги повикува македонските власти да го осудат овој, како што велат, недоличен чин на Бугарија и да заземат јасен и едногласен став во одбрана на Македонија и нашиот јазик. Покрај тоа, ОМД ја повикува ЕУ да протестира против изјавата на Бугарите, бидејќи, како што велат, негирањето на јазик ја крши нејзината долгогодишна јазична политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Одлуки за учество на припадници на Армијата на вежби во Германија, Бугарија, Косово
Владата на денешната седница донесе и повеќе одлуки на предлог на Министерството за одбрана, меѓу кои и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „BEYOND HORIZON 24“, во Република Бугарија, за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество во НАТО операцијата „КФОР“ во Република Косово и за испраќање на припадници на Армијата на Република Северна Македонија за учество на вежбата „Combined Resolve 24-2“ во Сојузна Република Германија.
Македонија
Личните документи ќе можат да се подигнат и в среда, извести МВР
Во пресрет на претстојните Претседателски и Парламентарни избори што ќе се одржат утре, Министерството за внатрешни работи ги известува граѓаните дека Одделот за граѓански работи, односно сите отсеци за управни работи на оваа организациона единица при МВР на 08.05.2024 ќе работат за издавање на лични документи со работно време од 08.00 до 19.00 часот.
„Исто така ги известуваме граѓаните дека сите барања за лични карти кои се поднесени до 03.05.2024 година, се веќе изготвени и граѓаните можат да ги подигнат“, соопшти МВР.
Македонија
Пронајдени три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми, ОЈО Велес отвори истрага за недозволено држење оружје
Основното јавно обвинителство Велес донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или експлозивни материи од член 396 став 5 во врска со став 3 на Кривичниот законик.
„При претрес во домот на осомничениот во селото Мелница, општина Чашка, полицијата пронашла поголемо количество оружје и муниција – три полуавтоматски пиштоли и 139 куршуми со различен калибар. За осомничениот поднесен е предлог за определување мерка притвор“, соопшти Обвинителството.
ОЈО Велес продолжува да постапува и да презема дејствија за проверка на сомненијата за изборен поткуп во однос на овој осомничен и на уште едно лице во велешко кај кое во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси, се додава во соопштението.