Македонија
ОМД се сретна со новата Влада на Македонија пред НАТО-самитот

Обединетата македонска дијаспора (ОМД), водечката организација на Македонците надвор од татковината, оствари средба со новите македонски владини претставници во Вашингтон, САД.
Претседавачот на бордот на ОМД, Арги Н. Белио, коосновачот и почесен претседател Методија А. Колоски, Филип Јотевски, член на бордот и членовите на Советодавниот одбор, Џим Павле, и Стојан Трајков, присуствуваа на средбата на седми јули со премиерот на Република Македонија, Христјан Мицкоски, министерот за надворешни работи и трговија, Тимчо Муцунски, министерот за одбрана, Владо Мисајловски, и министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски.
ОМД истакна дека единствената цел на дијаспората е да ја види Македонија како просперитетна и развиена нација. Организацијата е посветена на градење посилни мостови и зајакнување на односите помеѓу Македонија, нејзините институции, и дијаспората.
„ОМД останува непоколеблива во својата мисија да ги застапува интересите на Македонија и нејзиниот народ насекаде во светот. Оваа средба означува значаен чекор напред во зајакнувањето на врската помеѓу Македонија и нејзината дијаспора отворајќи пат за посветла иднина за земјата“, се наведува во соопштението на Обединетата македонска дијаспора.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Министерката Сања Божиновска на средба со новото раководство на Рудник „САСА“

Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со Гавин Ферар, главен извршен директор на Централ Азија Металс (CAML) – британска компанија во чии состав е рудникот САСА од Македонска Каменица, како и со Џејмс Караматич, новоименуван генерален директор на Рудникот „САСА“.
Главна тема на средбата беа условите за работа, безбедноста на вработените и идните планови за развој на компанијата во согласност со националната стратегија за одржливо рударство.
Министерката Божиновска ги информираше соговорниците за новиот Закон за енергетика и за законските решенија кои се однесуваат на рударството, со акцент на:
• воведувањето на построги стандарди за заштита на животната средина,
• зголемување на транспарентноста во работењето на компаниите,
• поголема контрола врз безбедноста и здравјето при работа,
• како и обврската за инклузивен дијалог со локалната заедница.
„Нашата цел е да обезбедиме јасни правила на игра за компаниите и највисоко ниво на заштита на граѓаните и животната средина. Рударството треба да се развива на одржлив начин, кој ќе обезбеди и економски раст и сигурност за работниците,“ истакна министерката Божиновска.
Од своја страна, претставниците на компанијата ја поздравија законската иницијатива и изразија подготвеност за целосно усогласување со новите стандарди Тие нагласија дека, како дел од стратегијата за одржлив развој, во изминатите седум години во „САСА“ веќе е вложенo во современа рударската опрема, дигитализација, обука и професионален развој на вработените, воведување на најсовремени технологии и стандарди во производството и заштитата на животната средина, како и во подобрување на условите за работа и безбедноста, која е највисок приоритет.
Тие изразија подготвеност за поддршка на институционалниот дијалог кој треба да овозможи натамошен одржлив развој на рударскиот сектор во земјата, според најдобри практики и стандарди за одговорно рударство.
Македонија
Општина Аеродром поднесе кривична пријава против „Комунална хигиена“ за загрозување на животната средина

Општина Аеродром информира дека до МВР и Основното јавно обвинителство поднела кривична пријава против ЈП „Комунална хигиена“ – Скопје, поради, како што наведуваат, загрозување на животната средина.
Од Општината посочуваат дека во изминатите три дена самостојно собрале 24 тони комунален отпад (над 170 м³) од домаќинствата во Аеродром, работа која градското претпријатие не ја извршило.
„Ова беше возможно само благодарение на ангажманот и трудот на работниците на ЈП за комунални дејности на Општина Аеродром,“ велат од Општината.
Тие додаваат дека поради вонредната ситуација дел од редовните активности, како чистење на тротоари и сервисни улици, косење и уредување зеленило, празнење на мали корпи за отпад и собирање кабаст отпад, биле привремено запоставени.
„Се извинуваме на сите жители за непријатностите и бараме разбирање. Ова не е само прашање на отпад, ова е прашање на достоинство, здравје и иднина,“ стои во соопштението од Општина Аеродром.
Македонија
ВМРО-ДПМНЕ: Кандидати за советници во Струмица од СДСМ нападнале странски државјани

Владејачката ВМРО-ДПМНЕ обвини дека кандидати за советници на опозициската СДСМ во Струмица физички нападнале странски државјани. Според нивните наводи, станува збор за Христијан Ефтимов, претседател на младите во партијата и Илија Стојанов.
„Додека СДС и Венко Филипче зборуваат за европски вредности, нивни кандидати за советници крвнички тепаат странци во Струмица. СДС повторно го покажа своето вистинско лице – наместо програма, план и визија, нудат насилници и тепачи,“ наведуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму споменуваат и други случаи на насилно однесување на членови и функционери на СДСМ, поврзани со градоначалникот на Крива Паланка, Сашко Митовски, и советникот од Кочани, Аки Акимов.
„Сашко Митовски, градоначалникот на Крива Паланка, во слободно време во видно алкохолизирана состојба се однесувал како шериф и тепал припадник на МВР. Долга е низата на насилници од редовите на СДС. Таков случај е и советникот Аки Акимов од СДС кој делеше тупаници во Советот на Кочани и јавно се закануваше. Акимов може да се види во прегратките на Венко Филипче на фотографии, но Филипче не се огради ниту од овој случај на насилство“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Бараат од лидерот на партијата, Венко Филипче, јавно да се огради од насилниците.