Македонија
Онколошките пациенти од источна Македонија ќе бидат ослободени од плаќање патарини
Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека се подготвени да излезат во пресрет на барањето за ослободување од плаќање патарини на онколошките пациенти од источна Македонија, кои мораат често да патуваат во Скопје за терапиите. По денешниот увид во градежните работи за браната на реката Отиња во Штип, министерот Бочварски, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека темелно ќе го разгледаат барањето и ќе им помогнат на сите на кои им треба помош.
„Отворени сме да разговараме за сите овие прашања. Кога ќе стигне барањето од заинтересираните граѓани или здруженија на граѓани или од страна на одредени институции, ќе го разгледаме и како и секогаш во минатото кога сме излегувале во пресрет, така и денеска ова прашање ќе биде темелно разгледано и можам да ве убедам дека државата ќе им даде поддршка на сите оние граѓани на кои им е потребна помош. Оваа Влада покажа и денеска и во изминатиот период дека кога е тешко, кога има криза, кога има ковид-криза, кога има енергетска криза, е овде да им помогне на граѓаните“, рече министерот Бочварски.
Меѓу Скопје и Штип, на новиот автопат, има три патарини. За одење до Онкологија во Скопје и за враќање, освен за бензинот, пациентите одвојуваат и по 320 денари за патарини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Дел од Бутел денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, објектите на Дом за Малолетни Деликвенти. (општина Бутел)
Македонија
Непречен сообраќај низ државата, по влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Претпладне повремени врнежи од дожд, локално пообилни, попладне врнежите ќе престанат
Претпладне претежно облачно со повремени локални врнежи од дожд, наместа пообилни и поројни со услови за појава на ретки грмежи. Попладне врнежите ќе престанат, а облачноста ќе се намали. Ќе дува умерен до засилен ветер од западен и северозападен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 8 до 13, а максималната ќе достигне од 13 до 19 степени.
Во Скопје, променливо облачно, претпладне со повремени врнежи од дожд, локално пообилни. Попладне врнежите ќе престанат. Ќе дува умерен ветер претежно од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 11, а максималната ќе достигне до 16 степени.
Времето во наредните денови
Во вторник ќе има локални врнежи од дожд со послаб интензитет и ќе дува умерен до засилен ветер од северозападен правец. Потоа во следните два дена времето ќе биде стабилно со постудени утра, а локален дожд повторно се очекува во петок кон крајот на денот

