Македонија
Онлајн настава една недела во четири училишта во Гази Баба поради пожарот во Трубарево
Министерството за образование и наука информира дека наставата во основните училишта „Крум Тошев“, „Његош“, „Вера Јоциќ“ и „Наум Наумовски Борче“ во општина Гази Баба, од понеделник 15 септември до петок 19 септември ќе се реализира без физичко присуство на учениците во училиштата, туку онлајн.
Поради настанатиот пожар во Трубарево, општина Гази Баба и препораките на Државниот инспекторат за животна средина, на итна седница на Владата беше донесен Заклучок наставата во четирите основни училишта да се реализира преку далечинско учење, со примена на средства за електронска комуникација.
Министерството за образование и наука ги извести училиштата да ја организираат наставата согласно новонастанатите услови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
СДСМ: Општина Кисела Вода не е расчистена, туку е блокирана од снег
Информациите изнесени во соопштението на градоначалничката на Кисела Вода се комплетно неточни. Реалната состојба на терен е сосема поинаква, реагираат од Општина Организација СДСМ Кисела Вода.
„Општина Кисела Вода не е расчистена, туку е блокирана од снег. Голем број улици се непроодни, нерасчистени и небезбедни за сообраќај и пешачење, особено во утринските часови. На терен не се забележува соодветна механизација, ниту пак континуирано фрлање сол на критичните и замрзнати точки, ниту денеска ниту во изминатите денови. Во делови од општината, граѓаните сами се снаоѓаат за да обезбедат пристап до домовите, училиштата и автобуските постојки. Тврдењата дека „сите служби се мобилизирани“ и дека „безбедноста на граѓаните е приоритет“ не кореспондираат со фактичката состојба на терен“, велат од СДСМ.
Од таму додаваат дека улиците се лизгави и опасни, јавниот превоз се одвива со сериозни потешкотии и пристапот до градинки, училишта и другите установи е отежнат.
Македонија
(Видео) Ѓорѓиевски: Скопје чисто и проодно, фрлени се 300 тони сол
Градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави видео од чисти улици и кажа дека се фрлени 300 тони сол.
„Скопје, чисто и проодно! Со навремена и организирана реакција, градските служби од раните утрински часови интервенираа ефикасно на сите клучни булевари и улици под надлежност на Град Скопје. Со употреба на повеќе од 300 тони сол, обезбедивме безбедно и непречено одвивање на сообраќајот. Грижата за безбедноста на граѓаните и функционалноста на градот останува наш приоритет, Скопје мора да функционира, без разлика на временските услови“, напиша Ѓорѓиевски.
Сепак, по социјалните мрежи утрово граѓаните од речиси цело Скопје соделуваа фотографии и видеа од непроодни и неисчистени улици, а многумина од нив задоцнија на работа.
Македонија
Со новиот закон ќе биде забрането пушењето цигари пред игротеки и на места каде што се чека во редица за билети
Со новиот предлог-закон за заштита од пушењето е предвидено регулирање на пушењето на отворени јавни простори каде има присуство или движење на повеќе луѓе. Поконкретно, станува збор за простор околу здравствени, образовни и социјални установи, јавни настани, спортски и културни настани, како и места наменети за деца, млади и семејства.
„Ова е особено важен аспект од законската рамка, имајќи предвид дека кога луѓето се блиску, чадот и аеросолот директно се вдишуваат, а изложеноста е непосредна. На јавни отворени простори граѓаните немаат реален избор да се оддалечат, а особено децата, постарите и хронично болните. Законот интервенира само таму каде што постои неизбежна изложеност на други лица, со цел јавниот простор да биде здрав простор за сите“, потенцира министерот за здравство, Азир Алиу.
Посебен акцент е ставен нa локациите каде луѓето не можат реално да избегнат изложеност на чадот од цигари, како на пример, при чекање во ред, простори на отворено каде се престојува подолго и други јавни собири на отворено. За илустрација, луѓето кои чекаат во редица за да купат билет за влез во установа од областа на културата или за влез на спортски натпревар, реално не можат да избегнат изложеност на чад од цигари. Целта на предлог-законот е да се заштити здравјето на оваа категорија население.
Исто така, во делот на регулирање на пушењето на отворени јавни простори, посебно е ограничено пушењето на места наменети за деца, млади и семејства, како на пример пред детските игротеки, каде најмладите не би можеле да избегнат изложеност на чад од цигарите.
Отворен простор не значи автоматски безбеден простор, доколку истиот е функционално ограничен или кога луѓето се наоѓаат на мало растојание и се директно изложени на чад од цигари. Токму затоа, ова е еден од клучните аспекти на законската рамка за заштита на здравјето на населението, а особено на најмладите, појаснува министерот Алиу.

