Македонија
Опаѓа бројот на ковид-пациенти, во болниците во државата хоспитализирани 318 лица
Вкупната бројка на пациенти позитивни и суспектни на коронавирусот што се лекуваат на инфективните оддели во главниот град и во болниците во земјата е 318 и има околу 574 празни болнички кревети во ковид-центрите, информираат од Министерството за здравство.
Од таму потсетуваат дека поради намалениот број на болни, болниците затворија дел од капацитетите наменети за ковид-пациенти.
Во изминатите 24 часа во ковид-центрите во болниците во земјата, со исклучок во главниот град, е пријавено дека се лекуваат вкупно 181 пациент позитивни и суспектни на вирусот.
Во болниците во Скопје тој број изнесува 137 пациенти, од кои 5 биле примени во последните 24 часа. Во изминатото деноноќие дома биле пуштени двајца оздравени пациенти.
„Во болницата во Битола се хоспитализирани 17 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во болницата во Штип се хоспитализирани 19 пациенти. На инфективното одделение во Тетово има 5 пациенти, во Велес се лекуваат 17 болни, а во Куманово 34 пациенти позитивни и суспектни на Ковид-19. Во ковид-центарот во Охрид хоспитализирани се 25 пациенти, во Прилеп – 12, во ковид-центарот во Гостивар – 2, а во Струга – 22 болни. Во болницата во Струмица хоспитализирани се 13 пациенти, во Кочани – 4, во Кичево – 7, Кавадарци – 4, а во Гевгелија нема хоспитализирани лица позитивни и суспектни на вирусот“, се наведува во соопштението од Министерството, од каде што додаваат дека бројките се менуваат од час на час според направените приеми и исписи на пациенти.
Сите одделенија на клиничките болници располагаат со болнички места до кои има довод на кислород.
Исто така, се нагласува дека во скопските ковид-центри бројот на приеми во изминатите денови се намалува и утрово, до 8 часот, имало 70 слободни места.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, кон крајот на денот дожд и снег
Времето денеска ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во северозападните делови ќе има повремени врнежи од дожд, на планините од снег. Ќе дува слаб до умерен ветер од јужен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -9 до -2, а максималната ќе достигне од 3 до 9 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб променлив ветер. Минималната температура ќе се спушти до -6, а максималната ќе достигне до 4 степени.
Времето во наредните денови
Во сабота ќе има локални врнежи, на планините и на повисоките места од снег, а во пониските од дожд и снег. Врнежите ќе бидат пообилни во западните делови, а висината на снежната покривка дополнително ќе се зголеми.
Во недела и понеделник ќе дува умерен до засилен северен ветер (над 60 km/h) и ќе има повремени локални врнежи од снег. Температурата ќе биде во опаѓање, а наместа дневната ќе остане под нула степени. Од вторник следува период на стабилно и суво време.
Македонија
Делови од Центар и Зелениково денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска поради дефект на затварач од ф – 100 мм на ул. 5 бр. 47 во село Моране, во периодот од 08.30 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат дел од корисниците од село Моране, општина Зелениково.
Од ЈП Водовод и Канализација исто така информираат дека поради уличен дефект на ул. Васил Ѓорѓов б.б – пред ОУ Киро Глигоров, во периодот од 09.00 часот па се до отстранување на дефектот без вода ќе останат корисниците од улиците Васил Ѓорѓов, Адам Мицкиевиќ, дел од корисниците од улиците Киро Глигоров и Козара, како и објектот на заводот за физикална медицина и рехабилитација, општина Центар.
Македонија
Дел од Аеродром денеска без струја
Од ЕВН Македонија АД известуваат дека денеска без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 11.00 часот, корисниците од улицата Тодор Чангов – крак 48. (општина Аеродром)

