Македонија
Опозицијата води политика на ниски страсти, нема да дозволам да не’ повелече во кал, рече Мицкоски во илинденското обраќање
Илинденците и партизаните со оружје за слобода, а ние со ум, визија и енергија за иднината. Ваква порака испрати Христијан Мицкоски од Мечкин Камен во своето прво илинденско обраќање како премиер на државата. Мицкоски говореше на повеќе теми меѓу кои борбата на народот низ годините и денес, опозицијата и барањата дома, блокадите и условувањата од Бугарија, евроинтеграциите, иднината на младите луѓе.
На почетокот на говорот, го цитираше Гоце Делчев кој рекол: „Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех! Јас сакам револуција со кадарни граѓани подготвени да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба“. Овие големи зборови, Мицкоски ги опиша како ехо на овогодишниот илинденски слоган „Борбата трае“, коментирајќи дека таа борба за слобода, правда и за подобра иднина бара истрајност, храброст и единство. Уште еден цитат во говорот на Мицкоски беше оној на британскиот премиер, Винстон Черчил кој своевремено рекол „Крајот на една ера значи почеток на нова. Најдоброто нешто што можеме да го направиме е да ја прифатиме промената со надеж и да се стремиме кон подобра иднина“.
Според Мицкоски, денес имаме сериозни обиди за нарушување на единството од поединци кои си играат со колективните судбини. Премиерот уверува дека кога дошле на власт затекнале не само запоставена држава и институции туку и ограбена и недомаќински разграбена држава по сите параметри. Ја критикуваше опозицијата дека сега се радува за пожарите и прави политика од колективната несреќа.
„Политиката на ниски страсти која ја водат говори само за недостаток на визионерство, конфликтите од внатре кои сакаат да ги пренесат надвор, нивните проблеми, да станат проблеми на нацијата и давењето во калта во која сакаат сите да не повлечат. Е тоа нешто кое нема да го дозволам“, рече Мицкоски оддавајќи им почит на пожарникарите и луѓето кои и денес се на терен и се борат со огнените стихии.
Мицкоски повика да се стави ред во државата и систем којшто ќе функционира, бидејќи во спротивно ќе постојат мито и корупција. Рече дека тоа што ќе се менуваат работите не им одговара на оние кои со децении ја краделе оваа држава. Повика на обликување на држава во која нема да има граѓани од прв и втор ред. Држава каде секој ќе знае дека е заштитен, а не уплашен ако му се закани некој политичар. Ова не смее да биде држава каде ќе има неправди. Ова не смее да биде држава каде ќе има наредени и потчинети поради политичка припадност, рече Мицкоски.
Шефот на македонската Влада во говорот се осврна и на прашањето со Бугарија, повторувајќи го ставот за изнаоѓање на достоинствено решение.
„Ние сакаме решение, но не по цена на нашиот идентитет и по цена на погазено достоинство“, рече Мицкоски. Упати забелешки дека евроинтегративниот процес трае предолго, со многу препреки и барања кои не секогаш се разумни, а многу повеќе и политички.
„Ние ќе водиме дијалог, но со блага горчиња ќе се присетиме дека држави кои направија многу помалку од нас, но и без политички сопки на тој план сега се рамноправни членки. Тој интегративен процес мора да биде двонасочна улица во кој ќе се слуша и нашиот глас. И верувам во решенија диктирани од разум, а не од силата. Решенија кои ќе создаваат и носат иднина, наместо живот во минатото“, рече Мицкоски.
Во продолжение изрази загриженост за, како што рече, елементи и субјекти во општеството кои континуирано на маса ставаат барања кои создаваат конфликти и го напаѓаат единството.
„Сите сме под едно исто небо и делиме една заедничка судбина. Суштината не се политичките барања што може да се измислат, туку напорот да го направиме животот на граѓаните подобар. Не е поважно какво слово ќе има на парче хартија, од тоа каков живот има во реалноста“, рече Мицкоски додавајќи дека и Македонците, и Албанците, И Турците, и Ромите, и Србите, И Власите, и Бошњаците и сите останати се вистински уморни од злоупотребата на нивните позиции и фактот што политички елити градат кариери на нивниот грб додека сите заедно делиме иста судбина.
Во таа насока, премиерот рече дека нема да води разговори на теми кои создаваат тензија и се злоупотребуваат етничките прашања, и ги повикува сите партии, субјекти и лидери за зборуваат за она што е вистински важно, а тоа е економијата, образованието и иновациите кои носат иднина.
„Ајде да зборуваме за повеќе пари за народот и економија. Ајде да отвориме дебата за економијата и како да ги решиме проблемите на граѓаните овде во Крушево, Гостивар, Дебар или Струмица и Прилеп, Кавадарци или Кичево. Подавам рака за решавање на проблеми, за конструктивни дијалози и за предлози како до подобар живот. Подавам рака за дијалог за економска, правна, чувствителна обнова за нашата заедничка Македонија. Еве ги слушам вашите предлози. Да обезбедиме единство за економска иднина. Така ќе го градиме единството и ќе создадеме иднина за сите“, рече Мицкоски.
Премиерот во обраќањето на младите луѓе им порача да не се плашат од предизвиците, бидејќи тие се оние коишто ќе ја градат иднината, и мора да го негуваат, бранат и да се борат за единството.
На крајот, Мицкоски ги повика на единство и политичките противници, апелирајќи на визија за развиена и европска држава која е обединета независно од политичките разлики.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

