Македонија
„Во Аеродром конечно се гради и инвестира, тоа е причината за нервозата во СДСМ“
„Денешното соопштение на СДСМ е школски пример за тоа како да напишеш нешто, а да не кажеш ништо. Напротив, уште еднаш да ја потврдиш тендерската матрица во која си влезен. СДСМ во денешното соопштение по којзнае кој пат покажа аматерско непознавање за проектите на Општина Аеродром“ информираат од скопската општина.
Оттаму посочуваат дека „денешното соопштение уште еднаш ја потврдува паниката во редовите на оваа партија, за фактот дека Аеродром забрзано се гради и развива, но и за фактот дека е ставен крај на делењето тендери по партиска директива и по желби на партии и партиски функционери“.
„Лесно е да се види што е сработено насекаде околу нас. За тоа говорат проектите, новите училишта, градинки, игралишта, улици и велосипедски патеки. Нема поубава слика од моментот кога ќе ги видиш радосните лица на дечињата кои трчаат на новото игралиште, спортистите што тренираат на спортските терени или велосипедистите кои возат по новите велосипедски патеки. Сработеното за само 365 дена е очигледно за сите аеродромци, а промената и разликата од претходните четири години е далеку повидлива во овој краток период“.
„Токму поради тоа, времето потрошено за пишување бледи нарачани соопштенија со кои се врши обид да се лаже и замајува јавноста, подобро е да се потроши за читање и следење на реализираните проекти. Подобро е да се потроши на давање конструктивни идеи и предлози, а не на неиздржани критики зад кои се крие разочараноста од поразот по само четири години и губењето на можноста за раководење со тендерските постапки кои претходно ги користеа за личен и партиски бенефит. Доволно е да провери секојдневниот отчет на општината на Фејсбук или веб-страницата на Аеродром и сé ќе биде многу појасно“ стои во општинското соопштение.
„Жителите на Аеродром следат, знаат што се случува и повеќе од јасно им е дека Општина Аеродром се води домаќински, а парите наместо на луксузирање и непродуктивни трошоци завршуваат за проекти од кои бенефит имаат сите категории граѓани. Општина Аеродром, денес е општина во која се гради и инвестира, лидер во штедење, локална самоуправа во која се работи одговорно и не се троши на скапи ручеци, превоз и трошоци за репрезентација. Тие пари се вложуваат во нови градинки, училишта, игралишта и спортски центри. И тоа е болката на СДСМ“ велат оттаму и потенцираат:
„Најубава општина во Скопје, и најубав Аеродром – таков каков што сакаат граѓаните“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Колку милиони народни пари требаше да завршат во џебовите на Заев и Филипче со планот за преземање на болницата Жан Митрев, прашува ВМРО-ДПМНЕ
„Секојдневно на виделина излегуваат нови факти дека на СДС и Венко Филипче за време на 7 годишното владеење приоритет не им биле граѓаните туку сопствените лукративни цели и интересите на тесен круг луѓе блиску до врхушката на СДС како и бизнис зделките договорени со менторот Заев“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Во низата афери најскандалозен е случајот со планот на Филипче и Заев за преземање на болницата Жан Митрев кој во јавноста доби потврда и од самиот доктор Жан Митрев.
Филипче и Заев имале точно разработен план како да ја преземат болницата Жан Митрев. Класичен модел на делување на кланот Заеви и Филипче преку притисоци, уцена, закани, злоупотреба на институциите и влијание врз судски постапки да остварат лични цели и огромен профит.
За таа цел Филипче и Заев имале добро подготвен план за што говори фактот со зголемувањето на сумата од ФЗО која се префрла на Болницата. Сумата во 2020 година достигнала околу 11 милиони евра, што е скоро дупла за разлика од сумата одвоена за болницата во 2015 година.
Планот за преземање на приватна болница не им поминал, што буквално би значело приватизирање на народни пари.
Филипче да не молчи и да одговори дали навистина имал за цел со преземање на болницата Жан Митрев да си приватизира за лична корист, пари од народот?
Колку ќе профитирале Филипче и Заев од зделката за планот што го скроиле и колку народни пари ќе завршеле во нивните џебови?
ЈО да го истражи случајот со Клиничката болница Жан Митрев.
ВМРО-ДПМНЕ останува посветена за заштита на јавниот интерес и борба против криминалот и корупцијата“, се наведува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
ВМРО потврди, сè е приватен бизнис за Мицкоски, затоа има часовници од 150 плати, велат од СДСМ
„Не е никаква тајна тоа дека претседателот Мицкоски пред да влезе во политиката има работено во бизнис секторот во делот на енергетиката, нешто коешто тој самиот го има јавно говорено, каде што со познати светски фирми има соработувано и има добро заработено.“ Со овој одговор за часовниците на Mицкоски вредни 150 минимални плати ВМРО потврди: сè е приватен бизнис за Мицкоски. Директор во ЕЛЕМ, советник на Груевски, сè е тоа приватен бизнис, велат од СДСМ.
„Така е за сите во ВМРО и ЗНАМ, државната работа за нив е приватен бизнис, сите се ориентирани кон тендери и бизниси. На македонскиот работник му се потребни дванаесет години работа за да заработи толку пари колку што чинат часовниците на Мицкоски. 150 минимални плати! Ама бизнис ориентираниот Мицкоски не се грижи за тоа колкави се платите на работниците.
Нема пари за македонските работници, има само за тендери.
Со доаѓањето на „економските работници“ кои веќе ги гледаме значи дека поголеми плати нема да има“, соопшти СДСМ.
Македонија
Честитка од претседателката Сиљановска-Давкова по повод празникот Свети Сава
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните од српска националност по повод празникот Свети Сава.
„Почитувани сограѓани од српска националност,
Ми претставува особена чест и задоволство да ви го честитам Националниот ден на Србите во земјава, празникот Свети Сава.
Ви посакувам овој голем празник да го поминете во добро здравје, мир и спокој, а вашите домови да бидат исполнети со радост и меѓусебна слога.
Делото на Свети Сава како просветител и мировник е вечен патоказ за тоа како се негува духовноста, но и како се гради заедништво засновано на меѓусебно почитување и разбирање. Токму српската заедница, со својот богат културен идентитет и традиција, е важен сегмент на македонското мултикултурно општество.
Вашиот придонес во сите општествени сфери ја прави македонската држава побогато, посовремено и попросперитетно место за живеење.
Во овие времиња полни со предизвици, пораката на Свети Сава за единство и љубов е поважна од кога било. Таа нè потсетува дека силата лежи во нашиот соживот и во меѓусебната почит.
Да продолжиме сплотени да чекориме по патот на напредокот, потпирајќи се на мостовите на пријателството што со векови ги градиме.
Честит 27 Јануари, Денот на Свети Сава“, се наведува во честитката.

