Македонија
Општина Аеродром и Муцунски казнети со 88.000 евра поради исфрлање отпад на јавна површина

Инспекторатот за животна средина изрече глоба за Општина Аеродром и за градоначалникот Тимчо Муцунски во висина од 88.000 евра во денарска противвредност поради исфрлање отпад на јавна површина, со што се загрозуваат животната средина и здравјето на граѓаните, известува Град Скопје.
„Имено, Општина Аеродром преку компанијата ‘Пирамид билдинг’, ангажирана на тендер, наместо на предвидената локација во ЈП ‘Дрисла’, го исфрлала општинскиот отпад на зелена површина, во парк во близина на управната зграда на ФФМ на булеварот АСНОМ, со што направиле нова дива депонија“, велат од Град Скопје.
Рокот за подмирување на казната е осум дена од денот на изрекувањето, во спротивно таа присилно ќе се наплати.
Дополнително, против сите прекршители ќе бидат поднесени и соодветни кривични пријави, додаваат од Градот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Мицкоски ја повика Арсовска да постапи за дивоградбата во Чаир: Таа има ингеренции, од филозофирање и гола реторика народот нема фајде

Премиерот Христијан Мицкоски ја повика градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, да постапи за градилиштето во Чаир за кое тврди дека е без градежна дозвола.
„Таа има инегренции. Ако навистина мисли дека е така тогаш треба да постапува затоа што од филозофирање и гола реторика народот нема фајде“ кусо рече денес премиерот Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на општина Желино каде што заври изградбата на патот Палатица-Тетово.
Вчера градоначалничката на Скопје Арсовска, преку пренос во живо на социјалните мрежи ги повикуваше директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов и министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да излезат на терен и да постапат оти градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу, дозволил на државно земјиште во Чаир да никне дивоградба.
Македонија
За три дена 2.023 сообраќајни прекршоци, 362 за брзо возење

Во изминативе три дена од оваа работна седмица во рамки на активностите на полициските службеници од сите осум сектори за внатрешни работи при БЈБ на МВР, во врска со засилените сообраќајни контроли за почитување на сообраќајните правила и прописи на патиштата низ државава, беа издадени вкупно 2023 платни налози.
Според статистичката евиденција по однос на сторените прекршоци согласно од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, и натаму меѓу најбројните се прекршоците на непрописно паркирање 508, потоа прекршоците по основ на движење со брзина поголема од дозволената 362, како и 165 мерки за прекршоците по основ на возење без возачка дозвола.
Покрај ова, во изминатите три дена беа изречени и 127 мерки за прекршоци што ги прават пешаците, како и 55 санкции за возачите на мотоцикл по основ на неносење заштитна кацига. Исто така во 18 случаи санкционирани биле возачи под дејство на алкохол, шест мерки се изречени за минување на црвено светло, додека пак по основ на неносење сигурносен појас изречени се 121 санкција, а по основ на користење мобилен телефон при возење 99 мерки.
Согласно, пак, Законот за возила, од сообраќај се исклучени 50 нерегистрирано возило како и 12 технички неисправни возила.
Сообраќајните контроли продолжуваат и во наредните денови. Апелираме до граѓаните да ги почитуваме сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот и заедно да придонесеме за посигурни патишта.
Македонија
Лековите за ретки болести не биле евидентирани во сметководствената евиденција, покажа ревизорскиот извештај за Хематологија

Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на усогласеноста на Јавната здравствена установа Универзитетска клиника за хематологија на сметката за средства од Фондот за 2023 година.
Во извештајот е изразено неповолно мислење во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година.
Извршена е ревизија на финансиските извештаи и на усогласеноста со законите и прописите за 2017 година и изразено е мислење со резерва во однос на вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи и за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива.
Со ревизијата беше опфатено и спроведувањето на препораките дадени во конечниот извештај на овластениот државен ревизор за 2017 година, при што ревизорите утврдија дека од дадените пет препораки, три се спроведени, една е делумно спроведена и една препорака не е спроведена.
Утврдено е дека примените и потрошените лекови за ретки болести и лекови од донација не се евидентирани во сметководствената евиденција; во некои од спроведените постапки за јавни набавки констатирани се несоодветна примена на Законот за јавните набавки и нехронолошко плаќање на преземените обврски.
Во насока на надминување на утврдените состојби ревизијата даде препораки со цел преземање мерки и активности од надлежните лица и органи во функција на подобрување на состојбите. Во делот на другите прашања ревизијата известува за Националниот систем за материјално-финансиско и сметководствено работење и Централниот систем за регистрација на работното време при Министерството, кои не се воспоставени во целост. Во делот на недостатоци во внатрешните контроли е известено за слабости во контролите во некои од работните процеси на Клиниката. Од страна на поранешните раководни лица на Клиниката доставена е една забелешка, која претставува образложение за причините за утврдените состојби во нацрт-извештајот на овластениот државен ревизор.