Македонија
Општина Аеродром потпиша меморандум за соработка со „Реди“: во фокусот примарната селекција на отпадот и здравата животна средина
Вчера и денеска во Скопје во организација на Иницијатива за економски развој на Ромите – „Реди“ се одржува вториот меѓународен „Реди самит“.
Во рамките на настанот градоначалникот на општина Аеродром Тимчо Муцунски потпиша меморандум со кој општината се обврзува на иницијатива за воспоставување систем за примарна селекција на неопасен отпад и подигнување на јавната свест за селектирање отпад.
„Станува збор за успешен концепт на социјално претпријатие кое заслужува пофалба и поддршка бидејќи го подобрува животниот стандард и работа на неформалните собирачи на отпад, но и ја подобрува состојбата на животната средина во Македонија. Социјалните претпријатија се одлична алатка за вклучување на неформалниот сектор во системот за управување на отпад. Токму поради тоа, Општина Аеродром и понатаму ќе дава поддршка на овој концепт, а потпишувањето на денешниот меморандум е уште една потврда за тоа“, истакна градоначалникот Муцунски на настанот.
Ова е настан кој ги здружува засегнатите страни, односно јавните институции, невладините организации, европските и меѓународните институции, социјалните иноватори и претприемачите, кои дискутираат околу развојот на Ромите во Агендата за зелена и дигитална трансформација на Европската Унија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сончево и топло време преку ден, попладне краткотројно невреме
Времето денес ќе биде сончево и топло со мала до умерена облачност.
Попладне ќе има локален развој на нестабилна облачност со пороен дожд и грмежи, наместа со услови за појава на краткотрајно невреме. Ќе дува умерен до засилен ветер од југоисточен правец најизразен долж Повардарието. Минималната температура ќе биде во интервал од 10 до 16, а максималната ќе достигне од 23 до 27 степени, јавува УХМР.
Во Скопје променливо облачно со повремен дожд. Попладне во делови од котлината ќе биде нестабилно со краткотраен пороен дожд и услови за појава на грмежи. Ќе дува умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до 16, а максималната ќе достигне до 26 степени.
До среда ќе се задржи нестабилно време, претежно во попладневните часови со локален пороен дожд и грмежи. Наместа процесите ќе бидат поинтензивни во форма на краткотрајно невреме, со засилен ветер, обилен пороен дожд за кратко време и изолирана појава на град. Во четврток ќе има услови за краткотраен дожд, претежно во планинските подрачја, а преодно стабилизирање на времето се очекува во петок. Температурите ќе бидат без значителна промена.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.