Македонија
Општина Битола и натаму останува на ставот да се изнајде соодветно решение за ученичкиот превоз
По протестот на превозниците пред општинската зграда во Битола и по одржаната седница на Советот на Општина Битола, на која беа повлечени двете точки од дневниот ред наменети за утврдување на тарифникот за превоз, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, во изјава за медиумите уште еднаш истакна дека по законските измени за превоз на ученици, потребно било усогласување на тарифникот со постојниот закон за што превозниците претходно биле повикани на состанок.
„На почетокот на септември ги повикав превозниците и имавме официјален состанок во општинската зграда. Побарав од нив да предложат претставник што ќе влезе во комисија при мерење на километрите на релациите затоа што една од забелешките беше дека се несоодветни километрите за дадените релации. Претставник не добив, а на истиот состанок побарав во писмена форма, доколку имаат сугестии, да ги достават во текот на таа седмица. За жал, не добив ни такво нешто. Во меѓувреме беше формирана комисија, која работеше на тарифникот, и материјалот беше доставен на седница на Советот минатиот понеделник. Во петокот попладне превозниците доставија писмо со кое нè информираа дека денес ќе имаат протест во периодот од 9 до 11 часот не споменувајќи дека изутрина нема да ги возат учениците и другите патници. Во текот на вчерашниот ден одлучивме да се дополнат сугестиите и да се повлечат точките од седница на Советот за што сите превозници беа известени телефонски. Истото ова официјално утринава го направивме на нивните имејл-адреси. И покрај тоа што вака се однесувавме како локална самоуправа, тие одлучија утрово да не ги превозуваат учениците, но и патниците, иако имаат обврска со договорите што ги имаат склучено. Кои се мотивите и зошто тоа го направија, останува да оцени јавноста“, истакна Петровска.
На новинарско прашање дали и натаму ќе има преговори со превозниците, Петровска појасни дека таа апсолутно останува отворена за секакви дискусии, меѓутоа и дека останува и на својот став дека нема да дозволи никакви условувања и нема да дозволи ништо што би било на штета на учениците.
„Иако во овој момент изгледа дека некој ги оставил учениците без превоз, тие се оставени без нормални услови во училниците поради нешто што се случувало со години. Конечно, на тоа треба да му се стави крај и работите да се регулираат така што останувам отворена, но сепак непопустлива во некои ставови, кои чинам дека се во вистинската насока во која треба да се движиме“, рече Петровска. Некои од превозниците ја обвиниле градоначалничката на Битола дека нелегално пратила автобус утринава да превезува ученици, се наведува во соопштението на Општина Битола.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Кисела Вода: Собирање на кабаст отпад, нова, постојана услуга за граѓаните
Општина Кисела Вода, преку Јавното комунално претпријатие „Кисела Вода 2022-Скопје“, започнува со самостојно и континуирано собирање на пријавен кабаст отпад на целата територија на општината.
До сега, според општината, оваа услуга се реализираше неколку пати годишно, во соработка со службите на Град Скопје, но од сега услугата ќе биде достапна континуирано, секогаш кога граѓаните ќе имаат потреба. „Пријавувањето за подигнување на кабаст отпад се врши на телефонскиот број:
070/288-897, од понеделник до петок, од 08:00 до 16:00 часот. Цената на услугата е 1500,00 денари.
По извршена пријава, екипите на ЈКП ќе го подигнуваат отпадот во рок од 24 часа. Потребно е да биде оставен пред куќата или зградата.
Собраните количини се транспортираат и соодветно се депонираат во ЈП „Дрисла“, согласно важечките еколошки стандарди.
Кабаст отпад кој може да се пријави: стар мебел, врати, прозорци, душеци, друг кабаст домашен отпад.
Отпад кој не се прифаќа: градежен шут, електронски отпад, гуми, опасен отпад (боја, хемикалии и сл.)
Правилното депонирање на отпадот е законска обврска“. Општина Кисела Вода апелира до граѓаните да придонесат кон одржување на чиста и уредна околина.
Македонија
Владата на Мицкоски не сака да ја покачи минималната плата на 600 евра, велат од СДСМ
Владата на Мицкоски не сака да ја зголеми минималната плата на 600 евра и директно ги остави работниците сами во борбата за гол опстанок, велат од СДСМ.
„По две години без реален раст на платите, над 200 илјади работници живеат сè потешко, додека вредноста на синдикалната кошница порасна на 66.000 денари. Животот поскапува, а платите стагнираат, тоа е суровата реалност на македонските работници.
Наместо да го прифати предлог-законот на СДСМ за минимална плата од 600 евра за сите ранотници, владата склучи селективен договор кој опфаќа само околу 10.000 административни службеници. Притоа беа целосно се игнорирани останатите јавни службеници и останатите илјадници работници во приватниот сектор.
Фактите се поразителни: околу 200.000 работници земаат плата под 30.000 денари. Тоа значи продлабочување на сиромаштијата, губење на достоинството на трудот и забрзано иселување на младите и квалификуваните луѓе“.
Минималната плата, нагласуваат од опозициската партија, мора да важи за сите – во јавниот и во приватниот сектор, во фабриките, конфекциите и малите компании. Селективни решенија и козметички договори не го решаваат проблемот.
„Решението на СДСМ е јасно, реално и изводливо. Минималната плата веднаш се зголемува за 50%, односно за 12.000 денари, и достигнува 600 евра. Тоа е мерка што директно го подобрува животот на работниците – сега, а не некаде во иднина.
Со ребаланс на Буџетот и со кратење на луксузот на власта – службени возила, мебел, патувања, кабинети, може да се обезбедат околу 200 милиони евра. Тие средства се доволни и за минимална плата од 600 евра и за поддршка на приватните компании, без да се загрози нивната ликвидност.
Но владата на Мицкоски ги извиси работниците и си го избра сопствениот луксуз“.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, слаби врнежи од снег на Попова Шапка
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози. Слаби врнежи од снег се бележат на Попова Шапка.
Сите патни правци во државата се проодни, соопшти АМСМ.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

