Македонија
Општина Гази Баба со буџет од 416 милиони денари за 2020
Буџетот на Општина Гази Баба за 2020 година е проектиран на 416 милиони денари, распределени во повеќе буџетски програми. Според предложениот буџет, се предвидуваат повеќе капитални проекти што директно ги решаваат проблемите на граѓаните кои со години ги имаат во своите населени места, велат од Општината.
Сепак, првите три месеци од 2020 година Општината ќе ги почне со привремено финансирање поради неизгласувањето на буџетот од страна на мнозинството во Советот. Тоа значи дека Општината од јануари до март нема да има пари за реализација на проектите поради стапување во сила на одлуката за привремено финансирање на Општината.
Околу 83 милиони се предвидени за инфраструктурни проекти, односно за изградба, ревитализација, одржување и проектирање објекти. Изградба на улицата Јордан Пиперката, реконструкција на улицата Фуштанска, Жан Жорест, Никола Киров Мајски се само дел од улиците што се дел од предвидената програма за изградба и реконструкција на улиците за 2020 година. Дополнително, предвидени се 6 милиони денари за реконструкција на улици во Јурумлери и Трубарево, каде што е извршена изградба на фекална канализација, како и во новата населба Хиподром 2. Планирани се 5 милиони денари наменети за реконструкција на улици во согласност со утврдена листа од страна на Советот.
Со финансиска поддршка добиена од Владата за 2020 година обезбедени се средства за реконструкција на локалниот пат Раштак – Бутел, како и изградба на два локални патни правца во Булачани и Виниче.
Буџетот за 2020 на Општината предвидува изградба на канализациска мрежа во населените места Гоце Делчев, Смилковци и Црешево, како и продолжување со градба на канализациската мрежа во Јурумлери и Трубарево. Дополнително, во капиталниот дел обезбедени се средства за изградба на монтажен паркинг во Автокоманда, изградба на велосипедска и пешачка патека поред реката Вардар од „Мерцедес“ до Јурумлери, изградба на спортска сала во училиштата „Кирил и Методиј“ и “Наум Охридски“, како и продолжување со градба на детската градинка во Стајковци.
Буџетот обезбедува и средства од 10 милиони денари за поставување нови линии за улично осветление и нивно одржување. Од Општината наведуваат дека главниот фокус на следната буџетска година е животната средина, каде што се обезбедени 2 милиона денари средства на Општината и дополнителни 10 милиони денари од Град Скопје, со кои ќе се уредат 15.000 квадратни метри јавен простор, како и дворовите на училиштата и детските градинки.
Обезбедени се 1.900.000 денари поддршка на 46 здруженија на граѓани со кои Општината заеднички ќе реализира повеќе проекти од областа на животната средина. Обезбедени се 3.500.000 денари за поддршка на 29 спортски здруженија од општината во организација на спортски активности.
Предвидени се стипендии за талентирани ученици и спортисти, како и грантот за студенти иноватори.
Во програмата за културата се предвидени 3.350.000 денари за организација културни настани на повеќе локации во општината. Подготвена е и програма за одржување на објектите од домовите на културата и реализација на проекти во износ од 500.000 денари.
Првпат со буџетот за 2020 година планирани се нови буџетски програми. Првата програма е за уредување на сопственичките права на Општината врз објектите во нејзина сопственост, со која Општината објектите што ги има во свое владение ќе ги запише во државниот катастар. Втората е за формирање јавно-претпријатие за управување со индустриската зона кај обиколницата, со цел долгорочен економски развој на општината и отворање нови работни места. Третата буџетска програма е за формирање јавно претпријатие за управување со објектите за култура и спорт во општината за нивно реконструирање и враќање повторно во функција на граѓаните.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Бугарија го ратификуваше договорот за тунелот на Коридор 8 – отворање на нова железничка врска Скопје-Софија
Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8, објави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на својот фејсбук профил.
„Денес Народното Собрание на Република Бугарија го ратификуваше Договорот помеѓу Македонија и Бугарија за изградба на меѓуграничен железнички тунел на Коридорот 8.
Овој Договор во декември беше ратификуван и во Македонското Собрание.
Со ова се исполнети сите услови за доиадбзгра на железничкото поврзување помеѓу Скопје и Софија и Бургас.
Горд сум што овој Договор кој го потпишавме на 6ти Ноември со заменик претседателот на Владата на Бугарија Гроздан Караџов ќе значи поблиски економски врски помеѓу двете држави и двата народи, но покажува и силна посветеност на Македонија во реализација на Коридор 8 кој е исклучително значаен безбедносен коридор од висок интерес на НАТО и нашите стратешки партнери.
Паралелно го развиваме и Коридор 10 и Македонија ја правиме вистинска раскрсница на Балканот за добробит на сите македонски граѓани.
Продолжуваме да работиме“, напиша Николоски.
Македонија
(Видео) Димитриевски: Владата на Мицкоски им ги скрати субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра
Од времето на СДСМ кога субвенциите беа 140 милиони евра, Мицкоски ги намали на 100 милиони евра. Ова е огромен удар врз земјоделците, врз нивниот труд, нивните семејства и егзистенција, оценува Александар Димитриевски од СДСМ.
„Пред избори, ВМРО ОКГ на земјоделците им ветуваше 180 милиони евра субвенции.
Наместо да ги зголемат субвенциите, ги излажаа земјоделците. Сега им ги намалија за 80 милиони евра помалку од тие што им ги ветува. Дополнително им ги усложнија условите.
80 милиони евра директно одземени од маката, трудот и егзистенцијата на земјоделците, од луѓето кои произведуваат храна.
Мицкоски ги понижи и ги измами земјоделците“.
Како што додаде, кратење има на сите страни и усложнување на условите, со зголемување на прагот за добивање на субвенции.
„Кај поледелските култури, кај пченицата, кај лозарството и овоштарството, намалени субвенции за тутун, за кокошки.
Ги укинаа сите добри мерки што ги воведе владата на СДСМ. Ја укинаа авансната исплата на субвенциите, земјоделецте останаа без сигурност, без поддршка, без чувство дека трудот им се вреднува.
Оваа влада крати од сите, само за да има за сопствениот луксуз, само да има за криминални тендери.
Нема пари за минимална плата од 600 евра, нема пари за повисоки субвенции за земјоделците, ама власта има пари за криминални тендери, нов авион, за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“.
СДСМ, посочи тој, бара итна ревизија на програмата, враќање на средствата и вистинска поддршка за малите и средни земјоделци.
„Земјоделството не смее да биде жртва на криминалните политики на ВМРО-ОКГ“.
Македонија
„Падна една недопирлива, победи јавниот притисок“ – Левица за оставката на антикорупционерка Цвета Ристовска
Од партијата Левица денеска реагираа на оставката на Цвета Ристовска од Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), оценувајќи ја како директна победа на јавниот притисок, вистината и истрајноста на нивната партија во разобличување на, како што велат, клиентелистичките структури.
„Оставката на Ристовска не е личен чин, туку резултат на разобличување на коруптивните врски што ја компромитираа Комисијата. Тоа е признание дека фактите беа неоспорни и дека јавноста не може повеќе да се лаже,“ се наведува во соопштението од партијата.
Од Левица потсетуваат дека тие јавно ги обелодениле фактите поврзани со, како што велат, непријавени интереси и компании на синовите на Ристовска, кои добивале милионски средства од партиски каси, како и наводното системско прикривање во рамки на ДКСК.
„Сите обиди за релативизирање, за правни акробации и за прикривање зад бирократски флоскули паднаа во вода“, додаваат.
Покрај тоа, од партијата бараат да се ревидираат и одблокираат предметите поврзани со: директорот на АНБ, Бојан Христовски, началникот на Генералштабот генерал-мајор Сашко Лафчиски, компанијата „Сити Аутсорсинг“, во врска со директорот на СОЗР Ивица Томовски и добиените 161 јавна набавка.
„Ова е само почеток. Ќе им дишеме во врат на сите корумпирани структури на ДПМНЕ, без исклучок. Секој функционер кој мисли дека може да ја злоупотребува функцијата или да се штити зад партиски чадор, треба да знае дека следниот предмет може да биде токму негов“, се вели во партиското соопштение.
Од Левица упатуваат повик до сите службеници, институционални вработени и граѓани кои располагаат со информации за корупција и клиентелизам да продолжат да ги доставуваат до партијата.
„Левица ќе ги штити изворите и бескомпромисно ќе ја изнесува вистината во јавноста.“, уверуваат.
Соопштението завршува со зборовите: „Денес падна една ‘недопирлива’. Утре ќе паднат и други. Борбата продолжува.“

