Македонија
Општина Гази Баба со предлози за книги, филмови и музика на граѓаните им ги олеснува деновите во изолација
Општина Гази Баба во обид да им го исполни слободното време на граѓаните додека се дома со своите најблиски, отвори веб-страница, на која може секој заинтересиран да испрати предлог за добра музика, филмови, книги, како и предлози за предизвици што ќе ја будат креацијата како кај најмладите така и кај возрасните.
Изработките за #ГазиБабаПредизвик е потребно да бидат фотографирани или снимени во кусо видео, со цел и граѓаните да си бидат меѓусебна мотивација, а најдобрите ќе добијат симболична награда од Општина Гази Баба.
„Нашата цел е да ги мотивираме граѓаните слободното време, кое овој период е на претек, да го поминат рационално, креативно, едукативно, заедно со најблиските, да креираат моменти за кои претходно немале можност поради недостиг на време“, велат од Општината.
Прв музички предлог од Општината беше еден од концертите на нашата легенда Тоше Проески, потоа македонскиот филм „Тетовирање“, потоа стари македонски приказни, кои кријат искрени поуки, па стари детски песнички, кои децата и ден-денеска ги слушаат. Следуваше и првиот Гази Баба-предизвик – замок со ќебиња во соба, предлог што разбуди голем интерес кај граѓаните.
Предлог за книга беше делото на Лусинда Рајли, со наслов „Љубовното писмо“, потоа мешавина од добри македонски евергрини, како и македонскиот филм „Балкан Кан“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба на Сиљановска-Давкова со професори од Факултетот за физичко образование, спорт и здравје
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова разговараше со професори на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје за неопходноста од креирање национален модел на образовна и здравствена политика, во којшто ќе бидат вградени физичката активност и здравите навики кај децата и младите, како гаранција за физички и ментално здрава нација.
За таа цел, деканот на факултетот, Влатко Неделковски, продеканката за настава, Андријана Мисовски и професорите Иван Анастасовски и Серјожа Гонтарев ја запознаа претседателката со предлог проектот, односно со планираните истражувања и временската рамка во којашто ќе се одвиваат (2026-2028), очекуваните резултати и стратешката одржливост.

Соговорниците укажаа на загрижувачките последици од долготрајното седење, гледањето телевизија и прекумерната употреба на дигитални уреди врз здравјето на младите, очигледни во прекумерната тежина, зголемената анксиозност, социјалната изолација и пониската самодоверба.

Тие посочија на научно утврдените придобивки од физичката активност како: поголема мускулна маса, подобра меморија, повисока концентрација, смиреност, полесно учење, повисоки академски резултати.

Претседателката предлага посветување поголемо внимание на предметот Физичко образование во сите степени и форми на образование, од градинка до факултет, практикување интерактивна настава во природа, учење во движење.

Сите веруваат дека инкорпорирањето на физичката активност како неопходен елемент на образовниот процес ќе има силно влијание врз младите и нивниот префериран модел на живот, профилирајќи поактивни, поиздржливи, посвесни и поздрави генерации.
Македонија
До сабота претежно облачно и релативно топло време со повремени локални врнежи од дожд
Облачно со повремени локални врнежи од дожд, пообилни во југоисточните делови (локално над 30 l/m² за 24 часа). Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 4 до 8, а максималната ќе достигне од 8 до 13 степени.
Во Скопје, облачно со повремен дожд. Ќе дува слаб до умерен јужен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 6, а максималната ќе достигне до 11 степени.
Времето во наредните денови
До сабота времето ќе биде претежно облачно и релативно топло со повремени локални врнежи од дожд. Во западните и јужните делови врнежите ќе бидат пообилни (локално над 30 l/m² за 24 часа). Од недела ќе има стабилизирање на времето.
Македонија
Муцунски на НАТО-состанок за Коридор 8: Потребнa e зајакнaта регионална поврзаност
На маргините на министерскиот состанок на НАТО, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, на покана на италијанскиот министер за надворешни работи, Антонио Тајани попладнево учествуваше на тематски состанок посветен на проектот „Коридор 8“, кој ја поврзува Република Северна Македонија со регионалната инфраструктура и пристаништата во Албанија, Бугарија, Грција и Романија и е препознаен како клучна точка за интеграција на Западен Балкан со пошироката европска мрежа.
На состанокот беше нагласена потребата од зајакната регионална поврзаност, особено имајќи ги предвид актуелните безбедносни ризици и динамичните геополитички промени. Притоа беше потенцирана заедничката определба за интензивирање на координацијата и комуникацијата меѓу сојузниците во контекст на натамошната модернизација на Коридор 8 – стратешка инфраструктура со растечко геополитичко значење.
Учесниците се согласија дека целосната реализација на Коридор 8 ќе донесе значајни стратешки, економски и безбедносни придобивки. Во светло на најновите геополитички случувања во Европа и пошироко, сојузниците ја потврдија неопходноста од забрзано вложување во Коридор 8 како дел од пошироката европска и евроатлантска безбедносна архитектура.

