Македонија
Општина Карпош до премиерот: Мицкоски да го едуцира својот кандидат за градоначалник за начините на водење кампања
„Општина Карпош го замолува претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, да го посоветува неговиот личен кандидат за градоначалник на општина Карпош, Сотир Лукровски, кој има упатено писмо до секоја фирма поединечно за средби на кои ќе се разговара за бизнис-климата кај бизнис-заедницата“, велат од Општина Карпош.

„Убаво би било господинот Мицкоски да му објасни на својот кандидат неколку работи.
Дека детските градинки и основните училишта во општината се правни лица, а НЕ се фирми. Тие се јавни установи за воспитување, згрижување и образование на децата. Оттука, би било убаво заеднички да ни објаснат како децата од градинките и од основните училишта ќе влијаат на „подобрување на бизнис-климата преку работни средби и преку формирање заеднички платформи?“
Господинот Мицкоски треба да му објасни на личниот кандидат дека ги повикува на средба истите оние градинки и основни училишта на кои неговата партија ВМРО-ДПМНЕ гласаше во Советот на Карпош против одлуките за вработените од воспитно-образовните установи да не земаат плати, против осовременување на наставата преку набавка на паметни панели, против заштеда на енергија и поставување фотоволтаични панели, против реновирање на училиштата и градинките;
Би било чесно од претседателот на Владата да го подискара својот кандидат за градоначалник дека на ваков начин со директно упатување покана на адреса на фирмите и установите за наводни средби врши притисок врз директорите на јавните установи, училиштата и фирмите. И оти ВМРО-ДПМНЕ не треба да се служи со таков вид притисоци;
Земањето податоци од правни лица и праќање имејлови за бизнис-средби како претставник на политички субјект е флагрантно кршење на законите и форма на досега невиден притисок врз обични стопанственици. Во случајот Лукровски не знае, ама премиерот знае, дека кандидат за градоначалник се станува тогаш кога Државната изборна комисија ќе ја признае кандидатурата и дека кампања се води во точно утврден временски рок. Затоа, го повикуваме премиерот Мицкоски да го едуцира својот избраник за начините на водење кампања, притоа да избегнува притисоци и доколку тој тоа не го стори, ќе мора да биде корегиран од Основното јавно обвинителство затоа што прави груби повреди не само на Изборниот законик туку и на низа други закони“, се наведува во соопштението од Општина Карпош.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Речиси 5.000 прекршоци регистрирани со „Безбеден град“ за една недела, најмногу за брзо возење
Во периодот од 16 до 22 февруари 2026 година, преку системот „Безбеден град“ на подрачјата на градовите и коридорите каде што се поставени камери, регистрирани се вкупно 4.910 сообраќајни прекршоци.
Најголем дел од прекршоците, односно 4.691, се однесуваат на управување возило со брзина поголема од дозволената. За минување на црвено светло евидентирани се 16 прекршоци, што претставува намалување од 51,5 отсто во споредба со претходната седмица, кога биле регистрирани 33 прекршоци. Во првата недела од месецот биле констатирани дури 163 прекршоци за минување на црвено светло, информира МВР.
За управување возило со измината важност на сообраќајната дозвола, констатирани се 203 прекршоци.
Во истиот период изречени се вкупно 117 мерки „забрана за управување со возило“, што е намалување од 20,9 отсто во однос на минатата седмица. Во првата недела од месецот биле изречени 288 вакви мерки.
Од вкупно 117 изречени мерки минатата седмица, 16 се за минување на црвено светло, а 101 за брзо возење. Од нив, 75 се за брзина поголема од 80 километри на час во населено место, 19 за надминување на дозволената брзина за повеќе од 10 километри на час, и седум за брзина поголема од 170 километри на час во ненаселено место.
Надлежните апелираат до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, со цел заеднички да се придонесе кон побезбедни патишта.
Македонија
(Видео) Петрушевски: Местени тендери и аванси во Државната лотарија, Груби ќе се соочи со правдата
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, на денешната прес-конференција изјави дека време е за одговорност и дека поранешниот прв вицепремиер Артан Груби ќе се соочи со правдата.
„По година и пол бегство, денеска на граничниот премин Блаце уапсен е Артан Груби, поранешен прв вицепремиер и министер во владата на СДС и ДУИ“, изјави Петрушевски.
Тој рече дека Груби важи за олицетворение на криминалот и корупцијата предводена од СДСM и ДУИ и додаде дека конечно ќе се соочи со правдата.
Петрушевски посочи дека, криминалот на Груби достигнал минимум 500 милиони денари или над 8 милиони евра, а дека постојат индиции оти сумата може да надмине десетици милиони евра.
„Дополнителен криминал на Груби заедно со неговиот другар Бајрами, тогашен директор на Државната лотарија освен што местеле милионски тендери, е исплаќање на аванси на деловни соработници“, рече Петрушевски.
Тој обвини дека СДСМ знаела за милионскиот криминал, но молчела за да ја одржи коалицијата на власт.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачаа дека борбата против криминалот и корупцијата останува нивен приоритет и дека секој кој се огрешил пред законот, порано или подоцна ќе се соочи со правдата.
Македонија
Сали во официјална посета на Украина: посетата има за цел размена на искуства за европската интеграција и поддршка за Украина
Утре првиот заменик-претседател на Владата и министер за европски прашања, Беким Сали, ќе престојува во официјална работна посета на Киев, Украина.
Во рамки на посетата, Сали ќе учествува на заедничка комеморативна церемонија во чест на загинатите бранители на Украина, и ќе оствари повеќе средби со високи претставници на украинските институции задолжени за европската и евроатлантската интеграција.
Посетата има за цел продлабочување на билатералната соработка, размена на искуства во процесот на европска интеграција и изразување поддршка за Украина.

