Македонија
Општина Кисела Вода: Бесплатни ранчиња за првачињата и летен спортски камп за спортистите и социјално загрозените деца

И оваа година Општина Кисела Вода излегува со сет мерки за поддршка на основците и нивните семејства.
Сите запишани првачиња ќе добијат бесплатен ранец со тетратки и прибор, а за младите спортисти и децата од социјален ризик е обезбеден летен спортско-едукативен камп.
„Грижата за нашите деца е секогаш поставена највисоко во листата приоритети, што во овој тригодишен период сме го покажале преку многубројни проекти. Сакам да упатам апел до родителите што годинава имаат провоодделенец да не купуваат чанти и ранци, прибор и тетратки, бидејќи тие им се обезбедени бесплатно преку нашиот проект ‘Ранче за секое прваче’. Сметам дека ова е значајна поддршка, која на сите ќе им овозможи безгрижно и со радост да го дочекаат 1 септември. Воедно, сакам да информирам дека групите сочинети од спортисти од спортските клубови од општината со младински категории и основците од социјален ризик кон средината на август заминуваат бесплатно во Охрид. На брегот на езерото цела седмица тие сите заедно ќе се рекреираат, ќе спортуваат и дружат во рамките на летниот спортско-едукативен камп. На овој начин, покрај промовирање на спортот и здравиот начин на живеење, ги промовираме и еднаквите можности за сите деца, без разлика на нивната финансиска состојба. Сетот мерки за поддршка не завршува тука. Преку многубројни проекти ќе продолжиме да ги унапредуваме условите, што е наша обврска, но и големо задоволство“, изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Пронајдени двете девојки од Португалија кои се изгубија во реонот на Водно – Матка

Денес околу 17.00 часот од страна на Центарот за управување со кризи бевме известени за две изгубени туристки во реонот од врвот на Водно кон Матка, извести директорот на ДЗС, Стојанче Ангелов.
Како што информираше Ангелов, Дирекцијата за заштита и спасување итно извршила мобилизација на тимот за спасување на планина од Тетово и истиот веднаш бил упатен во пребарување на теренот.
Во 18.40 двете девојки од Португалија беа пронајдени и однесени до ресторанот Матка каде ги пречека Конзулот на Република Португалија, додава Ангелов.
Македонија
Дел од Ѓорче Петров утре без струја

Од ЕВН Македонија АД известуваат дека утре без електрична енергија ќе останат:
– во периодот од 09.00 до 15.00 часот, корисниците од улиците Веле Марков, Ибе Паликуќа, Воин Драшковиќ, Рафаел Батино. (општина Ѓорче Петров)
Македонија
Меџити прими жители од Страчинце: Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина

Првиот заменик-претседател на Владата и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, денес ги прими во својот кабинет жителите од селото Страчинце, со кои одржа отворен состанок за одлуката за одбивање на барањето за отворање на каменолом во оваа скопско село.
Министерот Меџити ги информираше жителите за професионалните и институционалните причини што доведоа до оваа одлука. Анализите на експертите јасно покажаа дека отворањето на каменоломот ќе има сериозни последици врз животната средина, ризик од поплави и негативно влијание врз јавното здравје, велат од Министерството.
На состанокот беше истакнато дека приоритет е заштитата на животот и благосостојбата на граѓаните над секој економски интерес.
Меџити истакна дека следниот чекор е конечно поништување на концесијата во Влада, со што ова прашање ќе добие трајно решение.
Жителите на Страчинце се заблагодарија за одлуката и за приемот што го оствари министерот Меџити, нагласувајќи дека овој состанок е пример за владеење со отворен дијалог и чесна соработка со граѓаните.