Македонија
Општина Кисела Вода го доби најголемиот парк на шахот во Македонија
Нов модерен парк добија жителите на општина Кисела Вода. “Паркот на шахот”, лоциран во населбата 11 Октомври Бараки, се протега на 4000 м2. На просторот кој до неодамна беше дива депонија, сега жителите на општината добија за себе катче со современа урбана опрема, хортикултурно и партерно уредување, а во центарот на паркот се поставени статуетки-шаховски фигури, крал и кралица. Воедно, за шахистите и љубителите на шахот ќе има маси со шаховски табли, информираат од општината.
– Со особено задоволство денес го отвораме новиот модерен „Парк на шахот“ во населбата 11 Октомври Бараки, кој се простира на површина од 4000 м². Наместo дивата депонија која тука постоеше, сега жителите на нашата општина добија прекрасно уредено катче, опремено со современа урбана опрема, хортикултурно уредување и шаховски маси, каде што љубителите на шахот ќе можат да уживаат во оваа интелектуална игра. Во самиот центар на паркот се поставени и шаховски статуетки на кралот и кралицата, симболизирајќи го значењето на шахот како игра која го поттикнува умот и развива стратегиско размислување.
Посебна благодарност упатувам до Шаховската федерација на Македонија и нејзиниот претседател, Саша Богдановиќ, за севкупната поддршка при реализацијата на овој проект. Ова партнерство е пример за тоа како заедно можеме да создадеме нешто вредно и трајно, нешто што ќе го збогати секојдневието на нашите граѓани.
Шахот, како игра на стратегија и размислување, носи многубројни придобивки – ги развива когнитивните способности, го зголемува фокусот и ги стимулира аналитичките вештини. Силно верувам дека ова ќе биде место за дружење, рекреација и опуштање за сите генерации, посебно шахистите и љубителите на шахот, кои сега ќе можат да уживаат во масите со шаховски табли, поставени специјално за нив.
Претворањето на поранешната депонија во зелен парк не е само голем естетски придонес, туку и важен еколошки момент, значаен за подобрување на квалитетот на животната средина во општината, а со тоа и за создавање на поубаво секојдневие за сите нас. Ова е уште еден пример за тоа како може да се трансформира едно некогаш запоставено место во простор за релаксација, дружење и забава, и сакам да најавам дека ваквите проекти ќе продолжат и во иднина.
Апелирам до сите жители совесно да се однесуваат кон новопоставената урбана опрема и зеленило, бидејќи само заеднички можеме да ја зачуваме и одржуваме оваа нова локација во општина Кисела Вода создадена за дружење и релаксација“, рече градонаќалникот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Утре променливо облачно време со температура до 11 степени
Времето утре ќе биде променливо облачно со сончеви периоди. Претпладне ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец (локално над 60 km/h), особено во источните делови и во Пелагонија, информира УХМР.
Минималната температура ќе биде во интервал од -3 до 5, а максималната ќе достигне од 3 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува умерен до засилен ветер од северен правец. Минималната температура ќе се спушти до 1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Во четврток утрото ќе биде ведро и студено, насекаде со негативни минимални температури. Во текот на ноќта кон петок и во петок ќе има нови врнежи, во пониските места од дожд, на повисоките од дожд и снег, а на планините од снег.
Потоа во деновите од викендот времето ќе биде променливо облачно и постудено со умерен до засилен северен ветер. Од понеделник дневната температура ќе биде во пораст.
Македонија
Уапсени осум возачи за возење без возачка, со забрана и под дејство на алкохол
Во текот на вчерашниот ден, полициски службеници на целата територија на државата лишија од слобода осум возачи, од кои седум за возење без возачка дозвола и еден со забрана за управување возило од Б категорија и под дејство на алкохол, соопшти МВР.
Двајца возачи во Скопје и по еден возач во Прилеп, Неготино, Тетово, Кочани и Делчево управувале возило без возачка дозвола. Додека еден возач во Виница управувал возило иако имале мерка забрана за управување моторно возило од Б категорија и под дејство на алкохол.
Лицата се приведени во полициска станица, а по целосно документирање на случаите ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави.
„Апелираме до сите учесници во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи, да не управуваат возило без положен возачки испит или доколку имаат изречена мерка за забрана за управување или доколку се под дејство на алкохол и сите заеднички да придонесеме за побезбеден сообраќај“, велат од МВР.
Македонија
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби
Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти за ученици со посебни образовни потреби во рамки на проектот „Образование за сите“, за учебната 2025/2026 година.
Право на пријавување имаат лица со најмалку завршено средно образование. Предност имаат кандидати со соодветно високо образование, претходно искуство во работа со деца со попреченост или лиценца за личен асистент, како и долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица над 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
„Ангажманот на личниот асистент подразбира директна поддршка на ученикот во текот на наставниот ден. Поддршката вклучува помош при следење на наставата, движење низ училиштето, комуникација со соучениците и наставниците и други активности во согласност со индивидуалните потреби на ученикот“, вели градоначалникот Горан Герасимовски.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани како лични асистенти во основните училишта на територија на општината, со скратено работно време од 20 часа неделно, во период од четири месеци, почнувајќи од март 2026 година до крајот на актуелната учебна година.
За ангажманот е предвиден паричен надоместок во висина од 15.000 денари (нето) месечно.
Пријавувањето се врши во Архивата, барака 6, секој работен ден од 9 до 15 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на неговото објавување и е достапен на општинската веб-страницата и на огласните табли во основните училишта на територија на општината.

