Македонија
Општина Кисела Вода: За осум месеци се асфалтирани голем број улици
Општина Кисела Вода со реакција дека за осум месеци се асфалтирани 12 000 метри квадратни, а биле поплочени 1 000 метри квадратни.
„Во насока на објективното информирање на јавноста, сакаме да реагираме на прилогот кој е објавен на вашата страница под наслов ‘Катастрофалната состојба на улица зад ‘Тутунски комбинат’ Имено, наспроти вашите тврдења дека локалната самоуправа не презела ништо за подобрување на патната инфраструктура, сакаме да ве информираме дека во овој 8-месечен период се асфалтирани 12 000 метри квадратни, додека со павер елементи се поплочени 1 000 метри квадратни.
Долг е списокот на улиците кои беа опфатени со градежни зафати, но ќе ги издвоиме следните: Целосно се реконструирани Сердарот во селото Драчево, улицата Саса 32 во Пинтија, Борис Трајковски, крак 34 во Стаклара, Борис Трајковски крак 20, крак 2, крак 15, крак 22 во селото Усје, улицата Локов и улицата Пушкинова во Кисела Вода, голем дел од улицата Јабланица во Пинтија. Со павер елементи ја поплочивме Киро Фетак 1, крак 5 и крак 9, Малешевска 1 , крак 4, за што ќе посведочат и многу од задоволните жители на Општината.
Сепак, сакаме да посочиме дека се работи за општина која опфаќа многу голема територија, од која голем процент се работи за рурална средина. Се работи по определен план и со голема динамика, но реално не може сите улици и во сите делови на општината да бидат едновремено реконструирани. Ве информираме и дека посочената улица Улоф Палме, или по ново крак од Иван Козаров, влегува во опфатот на бул. Македонија, што е под надлежност на град Скопје“, пишува во реакцијата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Мицкоски со владина делегација на Светскиот економски форум во Давос
Премиерот, Христијан Мицкоски, придружуван од висока владина делегација, од утре ќе учествува на 56 годишен состанок на Светскиот економски форум (WEF) во Давос, Швајцарија.
Овогодишниот форум, кој се одржува под мотото „Во духот на дијалог“, обединува над 65 шефови на држави и влади, со цел изнаоѓање решенија за најгорливите глобални предизвици.
Премиерот Мицкоски ќе оствари серија билатерални средби со претставници на водечки светски корпорации и финансиски институции, презентирајќи ги поволностите за инвестирање во македонската економија, со посебен фокус на енергетиката и технологијата.
На панел дискусиите поврзани со одржливиот развој, во кои ќе учествува македонската делегација ќе ги презентира стратешките планови за енергетска трансформација и инфраструктурно поврзување на регионот.
За време на самитот, премиерот Мицкоски е предвидено да учествува на затворени сесии за лидери, како и на јавни дебати фокусирани на вештачката интелигенција, енергетиката и новите патишта за економски раст во Европа.
Владината делегација во Давос ќе оствари средби и со високи државни претставници и претставници на меѓународните организации, со цел забрзување на реформските процеси и обезбедување поддршка за клучните национални проекти.
Македонија
(Видео) Роберт Шоповски го фати богојавленскиот крст во Елшани
Жителите на Елшани и годинава традиционално во раните утрински часови го одбележаа големиот христијански празник Богојавление – Водици.
Во 5 часот започна утринската богослужба во селото, на која присуствуваа повеќе стотини жители. По осветувањето на леб и вода, на сред село, во изворските води беше извршен чинот на фрлање на светиот крст.
Среќниот фаќач на богојавленскиот крст годинава беше Роберт Шоповски.
Како спомен на настанот, Шоповски доби пригодни подароци од страна на месната заедница и црквата „Свети пророк Илија“.
Одбележувањето на Богојавление во Елшани продолжи со народен собир и оро на сред село, каде старите и новите кумови послужуваа топла ракија и бонбони. Празнувањата продолжија и во текот на денот со традиционални светојонски трпези кај старите кумови, проследени со песна и игра.
Македонија
Пивтијада на плоштадот во Автокоманда
Денес 19.01.2026 година (понеделник) со почеток во 13:00 часот на плоштадот во Автокоманда ќе се оддржи традиционалната манифестација Пивтијада која општина Гази Баба ја организира 16. година по повод христијанскиот празник Богојавление – Водици.
Оваа манифестација во себе соддржи музички, хуманитарен и натпреварувачки карактер. Преку купување на пивтии граѓаните ќе донираат за Клиниката за детски болести, а преку декоративно украсени пивтии ќе имаат можност да се натпреваруваат за награда.

