Македонија
Општина Кисела Вода избира најдобар наставник, воспитувач и негувател
Општина Кисела Вода распиша оглас за доделување награди за најдобрите воспитувачи и негуватели од јавните детски градинки, како и за најдобрите наставници од општинските основни училишта на оваа територија. За оваа награда можат да аплицираат одделенски и предметни наставници кои се вработени во општинските основни училишта од општина Кисела Вода, како и воспитувачи и негуватели, вработени во јавните детски градинки од општина Кисела Вода.
Кандидатите за избор на најдобар воспитувач или негувател треба да исполнат повеќе услови и критериуми во поглед на резултатите од нивната воспитно-згрижувачка работа, активностите за лично и професионално учење и развој, како и примената на стекнатото знање во секојдневната работа со учениците и дечињата, одговорноста кон работата, успехот во соработката и комуникацијата со родителите, вработените и стручниот тим и слично. При изборот во предвид ќе се земат и мислењата од стручниот совет на градинката во која работат и родителите чии деца се директно вклучени во воспитно-образовниот и згрижувачкиот процес.
Кандидатите за најдобар одделенски и предметен наставник треба да имаат остварено одлични резултати во поглед на планирање, реализирање и организирање на наставата, да применуваат иновативни наставни методи, форми и техники, да поттикнуваат повисоки мисловни процеси, критичко мислење, анализа, решавање проблеми кај ученици. Да учествуваат во подобрување на училишната структура, организација на работата и училишната клима, како и да креираат развојни политики во училиштето. При изборот предвид ќе биде земено и мотивирањето, комуникацијата и оценувањето на постигнувањата на учениците и добиените потврди за менторство во последните 5 години на наградени ученици на општински, регионален, државен и меѓународен натпревар за предмети согласно со наставните планови и програми за воспитно-образовна дејност во основното образование, како и индивидуални награди на општински, регионални, државни и меѓународни натпревари.
Во поглед на критериумите и посебните услови, кандидатите треба да поседуваат сертификати за учество во реализација на проекти и семинари кои се од значење за воспитно-образовниот процес, добиени во последните 5 години од акредитирани установи и институции, да се автори или коавтори на учебници, стручна литература и други написи. За кандидатите мислење за исполнување на општите услови и критериуми наведени во огласот ќе даде наставничкиот совет во училиштето во кое работат.
Наградите се парични. Ќе бидат наградени по еден предметен и одделенски наставник од секое општинско основно училиште, како и по еден негувател и еден воспитувач од сите 12 клонови на двете општински градинки во општина Кисела Вода.
Барањата и изјавите со потребната документација потребно е да се доставуваат по пошта на адреса Општина Кисела Вода ул. „Петар Дeљан” бр.17.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Гаши и Бегај од Скопје порачаа: Заеднички кон ЕУ и подлабока регионална соработка
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, денеска оствари средба со претседателот на Албанија, Бајрам Бегај.
Гаши изрази големо задоволство од средбата и истакна дека очекува пријателството и соработката што постојат меѓу двете земји во иднина уште повеќе да се зајакнат и унапредат. На меѓународен план, двете држави имаат исти цели и интереси, а тоа се членството во Европската унија, меѓусебната поддршка како непосредни соседи и сојузници во НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка.
Тој изрази очекување и надеж дека двете држави заеднички ќе го продолжат својот пат кон европската интеграција, бидејќи тоа е многу важно не само за Северна Македонија и Албанија, туку и за останатите земји од регионот на Западен Балкан. Во функција на промоција на парламентарната дипломатија и градење на билатералните парламентарни односи, претседателот Гаши истакна дека одржува редовни контакти со колегите од Парламентот на Албанија и дека посетите на највисоко парламентарно ниво се одржуваат речиси секоја година.
Претседателот Бегај истакна дека Република Северна Македонија и Албанија се две пријателски земји кои делат исти вредности, визии и предизвици и претставуваат пример за соработка во регионот. Тој посочи дека е унапредена соработката во многу сфери од заеднички интерес, што е во функција на подобрување на животниот стандард на граѓаните во двете држави. Останува определбата за уште поголема соработка, особено во економската сфера.
Двајцата соговорници ја потенцираа важноста и улогата на Македонците и Албанците кои живеат во двете земји и претставуваат мост за градење стабилни и пријателски односи. Патничкото, енергетското и железничкото поврзување меѓу двете земји во рамките на Коридорот VIII ќе придонесе за уште поголема размена на луѓе, стоки и услуги, за што постои огромен потенцијал.
Албанскиот претседател Бајрам Бегај се потпиша во Книгата на впечатоци и се обрати пред пратениците во Собранието.
Македонија
Движење ЗНАМ: Иницираме кратење на пратеничкиот состав од 120 на 90 во новото решение на Изборниот Законик
Потпретседателката на Движење ЗНАМ за Наша Македонија, Весна Бендевска, на првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство, ја потврди заложбата на Движењето во однос на неопходноста од суштински и системски измени на изборниот модел во Република Македонија.
„Заложбите на Движење ЗНАМ се за воведување на една изборна единица со изборен праг од 2 до 3 проценти, со што ќе се овозможи правична застапеност и на помалите политички субјекти и независните пратенички листи. Што всушност беше и барање во одлуката на Уставниот суд.“ – истакна Бендевска.
Дополнително, таа нагласи дека цврст став на Движењето е намалување на бројот на пратеници во законодавниот дом на 90, бројка што, како што посочи, ќе соодветствува на реалната големина на популацијата во државата.
„Го афирмирам односно реафирмирам ставот на Движење ЗНАМ за намалување на бројот на пратеници на 90 со што ќе се придонесе за рационализација на трошоците, материјални, финансиски и човечки и ќе значи значителна придобивка за Буџетот на државата. Воедно, ќе се добие пофункционално, поефикасно и поконсолидирано законодавно тело, кое ќе биде во служба на побрз, поквалитетен и посериозен законодавен процес.“ – потенцираше потпретседателката.
Во однос на гласањето на дијаспората, таа потсети дека воведувањето на ваквиот модел беше проследено со зголемување на бројот на пратеници на 123, што, како што нагласи, отвори низа прашања за финансиската оправданост и ефикасноста на изборниот процес во странство.
„Сведоци сме колку чини изборната постапка која подразбира испраќање избирачки одбори во дијаспората, при што бројот на гласачи во повеќе случаи не соодветствуваше со првичната намера и очекувањата.“ – изјави Бендевска.
ЗНАМ додава дека ќе продолжи да се залага за изборен модел што гарантира еднаква вредност на секој глас и институции што работат ефикасно, транспарентно и во интерес на граѓаните на Република Македонија.
Македонија
Поради јазични бариери одложено продолжението на конститутивната седница на работната група за реформи во изборното законодавство, кажа Филков
Поради технички причини денешната конститутивна седница на работната група за реформи во изборното законодавство беше одложена за следната недела. Министерот за правда Игор Филков изјави дека членовите на работната група не се впуштиле во материјална расправа затоа што прво треба да се утврди дневниот ред.
,,Иако денес требаше да биде одржана првата конститутивна седница на работната група за реформи во изборно законодавство на која требаше да се избере претседател, како и да се донесе предлог-деловник за утврдување на методологијата и динамиката на работење, сепак тоа не се случи поради одредени јазични бариери. Од дел од присутните претставници на политичките партии беше побарано материјалите да бидат преведени за полесно да можат да се разберат’’, рече Филков.
Филков се надева дека следната недела членовите ќе се усогласат за термин , ќе се избере претседател на работната група и ќе се отпочне со работа каде што сите ќе имаат можност да ги дадат своите предлози и сугестии за реформите во изборното законодавство.

