Македонија
Општина Прилеп ја намалува фирмарината од 6.000 на 4.000 денари
Советот на Општина Прилеп ја одржа својата 42. седница, на која усвои повеќе одлуки за ослободување правни и физички лица од разни давачки кон локалната самоуправа и јавните комунални претпријатија, со цел да им се помогне во кризната ситуација настаната со пандемијата на коронавирусот.
„Советот донесе одлука за намалување на фирмарината од 6.000 на 4.000 денари, со вкупна сума на ослободување на правните лица во висина од 4,5 милиони денари, а користењето на просторот пред деловниот простор се намалува од 15 на 5 денари за квадратен метар. Со оглед на тоа дека во месеците на вонредна состојба угостителите ќе бидат комплетно ослободени од оваа давачка, висината на вкупните средства од кои ќе бидат ослободени изнесува 8 милиони денари. За 600.000 денари е намалено истакнувањето рекламни објави на јавни места, со што севкупно намалувањата на овие давачки за правните лица изнесува 13,2 милиони денари“, изјави претседателот на општинскиот Совет, Миле Талевски, во однос на мерките предложени од страна на Општина Прилеп.
Талевски ги истакна и другите мерки што ги предложија јавните комунални претпријатија, а кои прилепските советници едногласно ги усвоија.
„Се ослободуваат социјално загрозените лица и самохраните родители од обврската за плаќање комунален отпад за април и мај. Привремено се ослободуваат од плаќање надомест за подигање комунален отпад правните лица од Старата чаршија и самостојните занаетчии. Ослободувањето се однесува на дуќанџиите, занаетчиите и сите угостители и хотелиери од подрачјето на општина Прилеп. Исто така, Советот донесе одлука за ослободување од плаќање надомест на сите закупци на тезги и на деловен простор во сопственост на ЈКП ‘Пазари’. Сакам да потенцирам дека сите одлуки се донесени едногласно“, потенцира Талевски.
Советот на Општина Прилеп даде согласност за планот за заштита и спасување од поплави, а ја и усвои одлуката за утврдување приоритет за учество во проектната апликација „Паметни прекугранични мрежи за одржливо вработување и раст во туризмот“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Скопје
Герасимовски: Со видео надзор, општината ќе ја зголеми безбедноста на граѓаните и ќе ги заштити јавните добра
Советот на Општина Центар на 35. Седница на советот го прифати предлогот на градоначалникот Горан Герасимовски во општина Центар да се постави видео надзор.
Станува збор за видео надзор поради обезбедување заштита на имотoт и имотните права на општината односно Заштита на урбаната опрема (автобуски постојки, опрема во функција на туристички и културни и спортски настани, самостоечки рекламни паноа, детски игралишта, фонтани, чешми, клупи, корпи за отпадоци и други согласно законите), Заштита на инфраструктурните објекти (улици, плоштади и други инфраструктурни објекти во надлежност на Општината), Заштита на сообраќајни знаци и семафори и друга вертикална и хоризонтална сигнализација, Заштита на улична јавна осветлување, броење и евиденција на возила за статистички мерења.
Герасимовски во образложението за дополнувањето на дневниот ред истакна дека одлуката е преземена и модифицирана од други општини во кои веќе неколку години има поставен видео надзор и каде по поставувањето има намалување на штетите во општината.
„Се обидовме да ја заштитиме урбаната опрема особено детските игралишта но по сите напори не успеваме да го направиме тоа. Тие не ни траат ниту два месеци, се кршат детските реквизити, обрачите на спортските игралишта, се крши се. Затоа овие снимки може да служат како доказ за нечие дивеење. Но Министерството за внатрешни работи или Јавното обвинителство, исто така ќе може да ги користат при евентуално сторено кривично дело, нарушување на јавен ред и мир, или кршење на друга урбана опрема. Верувам дека снимките ќе ја зголемат и безбедноста во општината. Суштината е снимката да се користи како доказ за евентуална судска кривична или прекршочна постапка со цел да имаме намалување на девијантните појави во општината“, рече Герасимовски на седницата.
Македонија
Маскиран со „фантомка“ влегол во казино во Лешок, репетирал автоматската пушка и украл 329.780 денари: притвор за 28-годишник
Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Тетово донесе Наредба за спроведување истражна постапка против 28-годишен жител на Непроштено, осомничен за разбојништво и поседување автоматска пушка.
На 24 април, осомничениот, маскиран со „фантомка“, влегол во казино во Лешок и со автоматска пушка која на граѓаните им е забранета им се заканил на вработениот во обезбедувањето и на уште едно присутно лице. Ја репетирал автоматската пушка и им наредил на оштетените да легнат на подот, по што од фиоките на касите одзел 329.780 денари.
На овој начин осомничениот сторил кривично дело – Разбојништво по член 237 став 4 во врска со став 1, како и кривично дело – Неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи по член 396 став 2 во врска со став 1 од Кривичниот законик, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот суд во Тетово достави предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи постои опасност од бегство, можност тој да влијае врз сведоците и да го повтори делото. Судот го прифати предлогот и определи притвор во траење од 30 дена.
Скопје
Градоначалникот Георгиевски на увид во реконструкцијата на игралиштето за мал фудбал во Текија, општина Илинден
Увид во работните активности за реконструкција на игралиштето за мал фудбал во рамки на подрачното општинското основно училиште во населено место Текија направи градоначалникот на општина Илинден, Александар Георгиевски.
Како што истакна градоначалникот Георгиевски и на ова фудбалско игралиште целосно ќе биде обновен асфалтниот слој, проширување на теренот, ќе биде поставено лед осветлување, обновување на заштитната ограда, а ќе бидат поставени нови голови, клупи, корпи за отпадоци, просторот ќе биде партерно уреден. Со обновувањето на игралиштето ќе се создадат услови за реализација на часовите по физичко образование како и комплетно реконструиран, убаво уреден простор каде младите во спортски дух ќе го поминуваат слободното време, соопшти општина Илинден.
Покрај реконструкцијата на игралиштето за фудбал ќе се обнови и детското игралиште во рамки на училиштето, односно оштетените реквизити ќе бидат заменети со нови.
Со цел уредување на секое населено место како и создавање квалитетни и безбедни услови за жителите, општина Илинден продолжува со реконструкција на постоечките и изградба на нови спортски терени и во останатите населени места, се наведува во соопштението.