Македонија
Општина Центар и пазарџиите од Зелен пазар постигнаа договор за проблемот со паркирање

Уредување на т.н. „див паркинг“ зад Зелениот пазар во Центар кој моментално е во хаотична состојба и не е функционален, е решението за кое се договориле општинските власти и ЈП Паркинзи на општина Центар (ПОЦ), со пазарџиите со цел да се надминат проблемите со паркирање.
„Дивиот паркинг позади Зелен пазар моментно е во хаотична состојба и не е функционален ниту за жителите, ниту за корисниците на услугите на Скопски пазар. На ова неуредено паркиралиште ПОЦ ќе постави нов систем за контрола на влезно-излезни рампи, односно едниот дел ќе биде наменет за товарните возила на пазарџиите, а останатиот дел ќе биде резидентен паркинг за жителите од улицата 11 Октомври и булеварот Кочо Рацин. Со отворање на ова паркиралиште, паркиралиштето Автомакедонија целосно ќе се ослободи од товарните возила и ќе им овозможи на жителите брз и лесен пристап до нивните домови“, информираат за договорот од општина Центар.
На средбата на која учествувале градоначалникот Саша Богдановиќ, директорот на ПОЦ, Васко Кичевски, и директорот на Скопски пазар, Младен Дамев, заедно со претставници на пазарџиите, се разгледувале доставените барања, како и нови ефикасни решенија кои се во интерес и на жителите и на трговците од Зелен пазар.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност, вели Филипче за ВМРО-ДПМНЕ

Претседателот на СДСМ Венко Филипче од вечерашнава граѓанска трибина во Центар порача дека ВМРО-ДПМНЕ зборува за загари и орли додека младите се селат. Филипче испрати порака дека жално е што зад црната кампања не се крие само неспособна власт, туку власт која не сака напредок, не сака дијалог и не сака компромиси. Тој исто така рече дека ВМРО-ДПМНЕ со ваквото владеење е непријател на државата.
„Тоа е власт која се храни и одржува од внатрешни поделби, од сиромаштија која ја контролира со корупција и од хаос во кој се создава апатија. Ова е целта. Но јас во нивната кал нема да влегувам, туку ќе продолжам да ги разобличувам. Нека се препелкаат во национализмот, во лажниот патриотизам и во својата неспособност самите тие. Ги слушам, едните биле загари и орли, другите за врапчиња и што уште не. Театар за деца“, рече Филипче.
Филипче на трибината исто така рече дека подмолните обиди на ВМРО-ДПМНЕ за поделба на граѓаните, секојдневните етикетирања на опозицијата како „предавници“, режимските практики се доблестите кои и оваа влада ги носи се едни од најлошите времиња на груевизмот.
„Не е времето кратко да се види дека имаме власт отуѓена од народот, власт која партизира, узурпира и одбива да го слушне крикот на граѓаните за подобар живот и за напредок. Сведоци сме на одвратна лажна и црна кампања против СДСМ која ја водат од првиот ден власт. Оваа мизерна и ниска кампања на ВМРО-ДПМНЕ е одраз на нивната немоќ и неспобност. Но суштина е уште поболна, а тоа е дека зад кампања се кријат нивните лоши намери за иднината на оваа земја“, рече Филипче.
Македонија
Герасимовски: Центар е нова приказна, целосно реновирани сите училишта, учениците добиваат два затворени базени

Кандидатот за Градоначалник на Општина Центар од СДСМ, Горан Герасимовски, вечерва пред центарци истакна дека во изминатите четири години постигнато е многу за развој на општината.
Тој, информираше дека е изградена најдобрата градинка во Македонија, и подготвена е изградба на уште една нова.
„Ги реновиравме целосно сите училишта. На две училишта веќе поставивме фотоволтаици. Нашиот План е сите училишта и градински да имаат фотоволтаици на крововите. Нашите ученици добиваа ранци и прибори, сигурност и најдобро образование, добија униформи, а од сега ќе имаат и бесплатни здрави оброци и национална екскурзија за да ги сакаат уште повеќе и Центар и Македонија. Нашите ученици добиваат и два затворени базени и нови внатрешни и надворешни спортски терени“, рече Герасимовски.
Потенцираше дека во ова, како што рече, невреме за Скопје, кога граѓаните се дават во ѓубре и ефтини политички битки, решил да работи поинаку, не заради себе, туку заради граѓаните, затоа што тие не сакаат јалови кавги.
„Граѓаните не сакаат докажувања кој е полош. Од такви кавги не се живее подобро, од такви политичари нема резултати. Во овие четири години се водев од основните човечки вредности и принципи, да работам без пардон, и да не мислам на себе. Да работам чесно. Да работам одговорно. Да давам отчет цело време. Да работам за сите. Да ги слушам сите. Да обединувам. Да не ги делам луѓето. Да мислам за сите искрено, да помагам на сите. Да бидам достапен за сите. Така почнав од самиот почеток, така живеев и работев секој ден. Сакав Центар да стане подобро место за живеење за сите, и уверен сум дека во тоа и успеавме“, изјави Герасимовски.
Македонија
По изборите ресет на системот, да изградиме правна држава и непристрасно правосудство, порача Мицкоски

Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се обрати на денешниот народен митинг во Македонски Брод, во рамки на изборната кампања за локалните избори 2025 година, со слоган ,,Вистинскиот избор! Твојот човек! Твоето место! За твојата иднина! Мицкоски зборуваше дека се неопходни реформи, ресет на системот кој ќе донесе подобар живот и владеење на правото.
Истакна дека судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судиите да судат според законот, а не според влијанија.
„Моментот што го чекале генерации е пред нас, време за ресет на системот, време да ги скршиме ланците на неправдата и да изградиме држава на правда, слобода и грижа за секого. Судството мора да биде непристрасно и непокорливо, судии кои судат според законот, а не според влијанија; институции кои штитат, а не кои молчат; процедури кои враќаат доверба, а не кои создаваат сомнеж. Правдата не смее да биде привилегија на малкумина, туку право на секој граѓанин брза, достапна и ефективна. Слободата не е само збор во уставот, туку жив начин на живот: слобода на мислење, слобода на говор, слобода од страв и притисок. Здравствениот систем ќе биде столб на оваа држава модерни болници, достапни лекови, стручен кадар и превенција што штити семејства, наместо да ги остави ранливите сами да се борат. Ќе поставиме јасни правила, транспарентни процеси и нулта толеранција кон корупцијата која тоне животи и ја кочи промената. Овој ресет ќе биде праведен, но безмилосен кон оние што го злоупотребувале народот ќе вратиме одговорност, ќе го вратиме достоинството и ќе изградиме систем на кој гордо ќе му служиме. На сите нивоа, од најмалите служби до поголемите структури, постојат елементи кои функционираат како дел од една „длабока држава“ не само во едно Министерство или една партија, туку во мрежи кои понекогаш се шират низ партии, институции и, жално, понекогаш и низ етничките заедници“, истакна Мицкоски.
Додаде дека најавениот ресет не е реванш, туку враќање на довербата во институциите и владеење на правото.
„Ова не е напад врз народот, ова е повик на одговорност: каде што имало злоупотреба, ќе има истрага; каде што имало влијание, ќе има транспарентност; каде што имало корупција, ќе се воведе сила на правото. Ние нема да дозволиме никој да се крие зад статуси или мандати додека ги краде шансите на граѓаните. Реформите што ги најавуваме судска реформа, реформа на правосудството, реформа на администрацијата и целосна дигитализација на услугите ќе ги исечат вкоренетите врски и ќе ги вратат институциите кај граѓаните. Овој ресет не е реванш, туку вразумување: чесноста ќе биде мерило, отчетноста ќе биде правило, а слободата и правдата повторно ќе станат неприкосновени вредности. Јас и оваа Влада ќе работиме со цела сила, рамо до рамо со граѓаните и со партнерите кои веруваат во правото, за да изградиме држава каде што институциите служат на народот а не на сопствени интереси. Заедно ќе го направиме тој ресет; заедно ќе ја вратиме довербата“ истакна Мицкоски.
Ги повика граѓаните да излезат на 19 октомври и да гласаат за број 9.
„Мене ми е јасна состојбата со опозицијата на трикови, подземни коалиции но тоа нема да го коментирам. Затоа е многу е важно да излезете на избори и да гласате. Македонија е исправена и подготвена да оди напред! Нема поголема сила од народот кој верува, од народот кој знае што сака и кој знае дека иднината е во негови раце. Нашата борба не е само за една општина, не е само за еден град. Нашата борба е за секое семејство, за секое дете што сака подобро училиште, за секој млад човек што сака работа и останува тука, дома, во Македонија“, нагласи Мицкоски.