Македонија
Општина Ѓорче Петров овозможува бесплатен транспорт до болниците за повеќе категории лица
Општина Ѓорче Петров во соработка со Црвениот крст за сите болни, немоќни, изнемоштени и социјално ранливи категории лица овозможува бесплатен транспорт до здравствените установи доколку лицата имаат закажано претходно термин за лекарски преглед.
Градоначалникот на општина Ѓорче Петров, Александар Стојкоски, и секретарот на Црвениот крст, Сузана Тунева-Пауновска, денеска го потпишаа договорот за бесплатно користење на возилото.
Корисникот што има потреба од превоз може да се јави на телефонскиот број 02/15330 во контакт-центарот на Црвениот крст секој ден во текот на 24 часа. Термин за превоз се закажува минимум 24 часа однапред по принципот прв дојден – прв услужен. Транспортот се врши во работни денови од 8 до 16 часот.
При закажување термин потребно е да се дадат целосни податоци. Лицето што треба да е жител на општина Ѓорче Петров има право на бесплатен превоз финансиран од страна на Општината во еден правец, максимум 4 пати во текот на 1 година.
Ова е една од мерките во соработка со Црвениот крст преку која Општината ги подобрува социјалните услуги за граѓаните и една од мерките која е планирана за годинава во рамките на социјалниот план на Општина Ѓорче Петров за 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Променливо облачно време со слаби локални врнежи од дожд
Времето денеска ќе биде променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините врнежи од слаб снег. По одделни котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб до умерен ветер од југоисточен правец.
Максималната температура ќе биде во интервал од 3 до 8 степени, јавува УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со појава на магла. Во делови од котлината ќе има услови за слаб дожд. Ќе дува слаб ветер од југоисточен правец. Максималната температура ќе достигне до 5 степени.
Македонија
Посебен режим на сообраќај во Скопје за празникот Водици
На 19.01.2026 (понеделник) Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе воведе посебен режим на сообраќај за одредени сообраќајници во Скопје.
Во центарот на Скопје за сообраќај ќе биде затворена ул. „Филип Втори Македонски“ на потегот од крстосницата со бул. „Гоце Делчев“ до крстосницата со ул. „11 Октомври“ во двете насоки.
Во општина Ѓорче Петров за сообраќај ќе бидат затворени сообраќајницата од црквата „Свети Петар и Павле“, бул.„Партизански Одреди“ до ул.„Ѓорче Петров“, ул.„Ѓорче Петров“ до ул.„Васил Чакаларов“, како и од црквата „Свети Пантелејмон“, ул.„Козле“, дел од ул.„Васил Чакаларов“ до Железничкиот мост на реката Вардар. Во општина Аеродром за сообраќај ќе биде затворен локалниот пат кон Горно и Долно Лисиче.
СВР Скопје апелира со сите учесници во сообраќајот да ги прочитуваат наредбите кои ќе ги даваат униформираните полициски службеници.
Македонија
Утре локални врнежи од дожд, на планините снег
Утре на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места и на планините од снег. По одредени котлини ќе има појава на магла. Ќе дува слаб ветер од променлив правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -2 до 2, а максималната ќе достигне од 2 до 6 степени, информира УХМР.
Во Скопје, променливо облачно со слаби локални врнежи од дожд и појава на магла. Минималната температура ќе се спушти до 0, а максималната ќе достигне до 5 степени.
За време на викендот на пониските места ќе има слаби локални врнежи од дожд, а на повисоките места од снег.
Во поденелник и вторник има преодно стабилизирање на времето, а од среда повторно ќе има врнежи претежно од снег. Од утре до крајот на неделата има услови за појава на магла по одредени котлини. Дневната температура ќе има тенденција на опаѓање.

