Македонија
Орбан од утре во дводневна посета на Македонија

На 26 и 27 септември во дводневна официјална посета на Македонија ќе присуствува претседателот на владата на Унгарија, Виктор Орбан, заедно со делегација од унгарската влада, информираат владините служби.
„Претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, ќе оствари официјална тет-а-тет средба со својот унгарски колега во премиерската вила во Охрид на 27 септември, со почеток во 8.45 часот.
Дополнително, во рамките на посетата ќе се остварат и низа билатерални средби на македонските министри со ресорните колеги од унгарската делегација, а на 27 септември, со почеток во 10 часот, ќе се одржи заедничка меѓувладина седница во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид“, информираат од Владата.
На маргините на дводневната посета, според соопштеното, предвидена е прошетка во градот Охрид, посета на црквата „Богородица Перивлепта“, Античкиот театар и манастирскиот комплекс „Свети Наум“, а свежо цвеќе премиерите на двете земји ќе положат на споменикот на светите Кирил и Методиј во Охрид.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВМРО-ДПМНЕ бара оставка од Филипче: Го изгуби бастионот Струмица, а во Скопје не успеа да влезе ниту во втор круг

„СДС на овие локални избори доживеа историски дебакл. СДС во главниот град отиде до таму да не може да влезе ниту во втор круг. Во главниот град Скопје се дури четврти, пред нив трети се дури и Влен“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„СДС предводена од Венко Филипче го изгуби во прв круг и бастионот Струмица. ВМРО-ДПМНE пак ја освои Струмица во прв круг. Граѓаните и во бастионот на СДС јасно им кажаа не за нивните политики.
Венко Филипче ни помалку ни повеќе ја направи СДСМ трета партија, по општини гледано некаде и четврта.
Поточно СДС не успеа да го заземе второто место, односно или се трето, а некаде дури и на четврто место. Таков е случајот во следните општини Битола, Брвеница, Бутел, Дебарца, Карпош, Кисела Вода, Кочани, Брод, Могила, Долнени, Куманово, Шуто Оризари, Скопје.
Резултатите од првиот круг избори јасно покажуваат дека СДС предводена од Венко Филипче заедно со неговиот струмички гуру Зоран Заев покажаа целосна безидејност, немање на никакви проекти, односно ништо не им понудија на граѓаните со што се потврди нивната грижа само за нив лично.
Резултатите од овие избори целосно го декласираа Венко Филипче. Единствениот добар и користен потег што може да го направи за народот и за самата СДС е да си поднесе оставка“, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Македонија
СДСМ по изборите: Oстануваме втора најсилна партија, ВМРО-ДПМНЕ и ЗНАМ имаат пад на поддршката

По обработени 99 отсто од гласовите, од СДСМ соопштија дека владејачката ВМРО-ДПМНЕ, заедно со коалицискиот партнер ЗНАМ, забележала голем пад на поддршката во споредба со минатогодишните избори.
Според анализите што ги презентира партијата, ВМРО-ДПМНЕ изгубила околу 135.000 гласа, што претставува пад од 30,8%, додека ЗНАМ има пад од 56.200 на 38.034 гласа, односно околу 33% помалку.
Од СДСМ нагласуваат дека нивниот резултат бележи минимален пад од 18 отсто, што, според нив, речиси не претставува загуба ако се земе предвид пониската излезеност.
Во соопштението се наведува и дека Левица има ист процентуален пад како СДСМ, иако, како што тврдат од СДСМ, нејзиното раководство „лажно се претставува како нов лидер на опозицијата“. Според партијата, Левица има 2,2 пати помалку гласови од СДСМ.
„Разликата меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ е значително намалена, што укажува на опаѓање на довербата во власта“, наведуваат од СДСМ, додавајќи дека партијата останува втора најсилна политичка сила во земјата и дека ќе преземе мерки за понатамошно подобрување на резултатот.
Според податоците на ДИК, ВМРО-ДПМНЕ е убедлив победник во првиот круг од локалните избори, со освоени 32 општини. Кандидатите на коалицијата ВЛЕН („Вреди“) победија во пет општини: Чаир, Арачиново, Желино, Сарај и Теарце. СДСМ освои три градоначалнички мандати во првиот круг, во Богданци, Крива Паланка и Кривогаштани, додека коалицијата НАИ, предводена од ДУИ, победи во Гостивар, Чашка, Липково и Пласница.
Во Скопје градончалник ќе биде избран во вториот круг, пришто ќе се соочат Орце Ѓеорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Според последните податоци на ДИК, Ѓеорѓиевски има 39,43 отсто, или 91.582 гласа, додека Мециновиќ освои 13,20 проценти, односно 30.659 гласа. Зад нив се кандидатот од „Вреди“, Башким Бакиу со освоени 12 отсто, 27.864 гласа, Каја Шукова од СДСМ со 11,50 отсто, односно 26.714 гласа и Скендер Реџепи од ДУИ со 26.062 гласа.
Во Советот на Град Скопје на вчерашните Локални избори најмногу гласови доби ВМРО-ДПМНЕ 81.649, па Левица 27.479, „Вреди“ е трета партија со 27.337, а ДУИ четврта со 27.045 гласови. СДСМ е петта партија според бројот на гласови во Советот на Град Скопје со освоени 24.587 гласови.
Македонија
Максим Димитриевски оди во втор круг во трката за Куманово

Актуелниот градоначалник на Куманово од редовите на ЗНАМ, Максим Димитриевски во вториот изборен круг ќе се бори за нов мандат.
Според податоците објавени на страницата на Државната изборна комисија, Димитриевски освоил 37,89 отсто од гласовите или 16.183 гласа, додека втор е независниот Горан Стојковски со 13,92 проценти од гласовите, односно 5.946 гласови.
Според досега објавените податоци, третопласиран во Куманово е Селвер Ајдини од ДУИ со 5.905 гласа, а зад него е кандидатот на СДСМ, Мартин Костовски со 5.793 гласа. Пребројани во оваа општина засега се 98,80 проценти од гласовите.
Димитриевски синоќа изјави дека води убедливо во однос на сите останати шест кандидати, или за споредба, колку што имаат вкупно останатите шест кандидати толку тој како кандидат на ЗНАМ со поддршка на ВМРО-ДПМНЕ има добиено гласови. Ако има втор круг, рече синоќа Димириевски, ЗНАМ ќе биде дефинитивно победник на претстојните избори на локално ниво, а граѓаните го препознаваат континуитетот и сакаат Куманово да продолжи да се развива во тој дух.