Македонија
Проблемите меѓу Скопје и Софија почнуваат по предлогот Орце Камчев да стане почесен бугарски конзул во Охрид, пишува бугарски Фактор
Сите проблемите меѓу Скопје и Софија почнуваат по предлогот Орце Камчев да стане почесен бугарски конзул во Охрид, пренесува бугарски Фактор.
Одлуката на американското Министерство за финансии да го стави најбогатиот македонски бизнисмен Јордан Камчев на листата на санкции отвори многу прашања – не само во Северна Македонија, туку и во Бугарија, која е членка на ЕУ. Според Вашингтон Камчев работел на поткопување и загрозување на стабилноста на Западен Балкан преку корупција, пишува Фактор.бг.
Од соопштението на Канцеларијата за контрола на странски средства на САД до Министерството за финансии на САД, јасно е и дека неговиот имот е замрзнат. Според нив, тој „ја злоупотребил својата положба и учествувал во коруптивни активности, перење пари и други кривични дела од почетокот на 2000-тите“.
Оваа вест брзо стигна до Бугарија, бидејќи во 2019 година тогашната министерка за надворешни работи, Екатерина Захариева, дала предлог до македонската влада, Јордан Камчев да стане почесен конзул на Бугарија во Охрид.
Оваа идеја беше отфрлена од владата на Зоран Заев поради истрагата што во тоа време започна во Северна Македонија за перење пари, злоупотреба на службената положба, шверц, прикривање приходи и организирање на криминална група. Неофицијално, тогаш се тврдеше дека зад идејата на Камчев да стане почесен конзул на Бугарија во Северна Македонија стојат тогашните министри за надворешни работи и одбрана Екатерина Захариева и Красимир Каракачов, пишува Фактор.бг.
Понатаму во написот стои дека Орце Камчев, кого влијателниот магазин „Форбс“ пред извесно време го дефинирал како најбогат Македонец, исто така се изјаснил за виновен во случајот „Империја“, кој е за злоупотреба на службената положба. Орце Камчев е познат како касиерот преку кој минуваат митото на поранешниот премиер на Македонија Никола Груевски и неговиот братучед и поранешен шеф на македонското контраразузнавање Сашо Мијалков. Камчеви и Мијалкови се пријателски семејства кои ја држат својата моќ кај нашиот југозападен сосед до почетокот на 2017 година.
„Не така одамна во Северна Македонија заврши случајот „Рекет“ поврзан со исплата на поткуп од 8 милиони евра, што го бараше Орце Камчев. Сè започна во 2018 година, кога тогашната шефица на специјалното обвинителство, Катица Јанева, отвори истрага против Орце, поради што беше уапсен. Веднаш потоа кај Камчев дојдоа двајца посредници – шоуменот Бојан Јовановски, познат како Боки 13 и Зоран Милевски – Зоки Кичеец. Му нудат на Камчев да го прекине случајот против него, кој ќе го чини 8 милиони евра мито, кои ќе и ги дадат на Катица Јанева, по што се ќе биде заборавено. Но, снимки од нивните разговори и аранжмани се објавени во италијанскиот весник „Ла Верита“. Веднаш по откривањето, Катица Јанева беше отстранета од функцијата“, пишува Фактор.бг.
„Во 2020 година Катица Јанева и шоуменот Бојан Јовановски беа осудени на 7 и 9 години затвор. Случајот кој го поднесе Катица Јанева се вика „Империја“ и се работи за организирана криминална група која перела пари преку компании во Северна Македонија и офшор компании низ светот и вршела измама и злоупотреба на службената положба. Со соборувањето на Јанева, борбата против корупцијата беше прекината, а вниманието од Камчев се префрли на неа“, се додава во објавата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Денеска сончево и топло, промена на времето со пороен дожд и грмежи од први мај
Управата за хидрометеоролошки работи информира дека времето денеска ќе биде сончево и релативно топло со мала до умерена локална облачност. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од североисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од 3 до 10, а максималната ќе достигне од 21 до 27 степени Целзиусови.
Во Скопје ќе биде сончево и релативно топло со мала облачност и со слаб североисточен ветер. Минималната температура ќе се спушти до 8, а максималната ќе достигне до 26 степени, велат од УХМР.
Стабилното и суво време, сепак, нема да се задржи долго. Веќе од средината на следната седмица, повторно се очекува дожд.
Промената на времето ќе започне уште во среда, на први мај, кога во попладневните часови ќе има услови за локална појава на краткотраен пороен дожд и ретки грмежи. Поголема нестабилност со дожд и чести грмежи се очекува во четврток.
Македонија
Апасиев од Тетово: Под власта на учките од ДУИ, поддржани од корумпираната македонска елита, секое второ дете од Полог се раѓа во Швајцарија
,,Етнотрибализмот ни го сервираат како европска вредност. Ние создадовме општество на квоти, коешто ни донесе секое второ дете од Полог да се раѓа во Италија, во Швајцарија или надвор од Македонија“, вели претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
„Првиот концепт кој што ни го нудат е концептот на дејтонизација. Либанизација на Македонија, бејрутизација на Скопје. Тоа е нивната агенда, спонзорирана од западните амбасади. Ни понудија модел на бинационален грабеж.
Ние сме единствена земја во светот со еден Парламент и две Влади. Но помина времето кога Македонецот беше инфериорен во сопствената држава. Левица е принципиелно против Бадентер и против Балансер“, истакна претседателот на Левица, Димитар Апасиев.
Македонија
Мицкоски: СДСМ и ДУИ имаа две сценарија, прво, тивок бојкот за претседателските избори, второ, Ахмети добил бел лист од Ковачевски да напише што сака
Државата ни ја одземаа. Народот изгуби контрола над системот, институциите се киднапирани од стотина души на ДУИ кои управуваат со се. Додека тие од СДСМ им се верни слуги во секој криминал и тендер. И навистина е лицемерно од ДУИ и СДСМ да велат дека носеле храбри одлуки што е храброст да продадеш име, устав, да проблематизираш историја, и повторно да бидеш пред портите на ЕУ. Затоа што и тие од ЕУ знаат дека криминалци владеат со државата, рече Христијан Мицкоски, претседател на ВМРО-ДПМНЕ на вчерашниот митинг во Кочани.
Мицкоски укажа дека од СДСМ и ДУИ се подготвени на се за да ги задржат фотелјите и привилегиите.
„Затоа излезот го бараат во двете сценарија. Првото е тивкиот бојкот за претседателсите избори кој го заговараат. Додека се удираат во гради дека ќе згазеле во вториот круг, всушност тие сакаат да одработуват на тивок бојкот и спласнување на атмосферата на изборите. Второто сценарио е она на Ковачвски кој ја дал најдарежливата понуда до Али Ахмети. Ахмети има добиено бел лист на хартија од Ковачевски на кој само треба да ги напише институциите и министерствата кои сака да ги добие“, кажа Мицкоски.
Мицкоски порача дека излезот од сето ова е масовна излезност на изборите, како и масовна и недвосмилена поддршка за ВМРО-ДПМНЕ која е единствената сила за промени.
„Таа поддршка ни е потребна и за да нема уцени, ниту притисоци. Да имаме сила за промени, а таа сила можете само вие да ја дадете, народот на Македонија. Во првиот круг тука победата беше убедлива. 8079 гласа на 3900 за поранешнот претседател Пендаровски. Сега поддршката нека биде уште поголема за да може да жолтиот картон од првиот круг да биде црвен. Имаме незавршена работа, која ќе се финализира со огромна победа на 8 мај“, изјави Мицкоски.
Мицкоски се обрати и до неопределените, како и оние кои гласаа за кандидатите кои не се дел од вториот круг.
„Цунамито не огромниот бран на промени е започнат. Приклучете се и бидете дел од оваа генерација која одучува за сопствената иднина. Има надеж и ние заедно ќе се избориме. Сите оние кои пак во првиот круг гласаа за некој од другите опозициски кандидати кои сега се надвор од трката за претседател. Дојдете и поддржете ја единствената и главната сила за промени Гордана Силјановска Давкова и ВМРО-ДПМНЕ. Да не се ситнат промените. Приклучете се таму каде што е огромното мнозинство кое ја носи новата надеж за иднината на државата“, кажа Мицкоски.
Мицкиски на крајот им порача на граѓаните. „Ова не е Македонија што ја сакаш и ја заслужуваш. Овие избори се последна шанса за спас. Ширете ја пораката на промените. Тоа не се промени за освети не се промени за поделби. Тоа се промени во кои надежта го победува стравот. Заедништвото ги победува поделбите“.