Македонија
„Освен во Авганистан, и кај нас има дискриминација по пол“, адвокатот на Јанкулоска бара таа веднаш да ги добие правата
Гордана Јанкулоска и нејзиниот сопруг и адвокат, Влатко Илиевски, очекуваат државата веднаш да го промени правилникот за „Идризово“ за жените затворенички да имаат исти права и привилегии како и мажите. Ова доаѓа по одлуката на Комисијата за заштита од дискриминација, која утврди дека ексминистерката и затвореничките во ‘Идризово’ немаат исти права како затворениците, само бидејќи се жени. Адвокатот Илиевски посочува: „Освен во Авганистан, и кај нас има дискриминација по пол“. Тој очекува Гордана Јанкулоска да ги добие правата што ѝ следуваат.
„За нас, ова e морална сатисфакција и потврда дека биле исправни нашите аргументи за дискриминација на Гордана по основ на пол. Очекуваме Гордана, конечно, да ги добие правата што ѝ следуваат и кои одамна ќе ги имала доколку била машко. Очекуваме министерот/Владата итно да им ги овозможи на жените истите права што ги имаат и мажите. Тоа може да се направи веднаш со корекција на правилникот во насока на тоа за жените со остаток на казна под 3 години да се применуваат истите критериуми како за мажите, без оглед што физички се сместени во ‘Идризово’ (затвор од затворен тип). Во перспектива државата да постапи по препораката и за жените осуденички да овозможи просторно сместување во соодветни установи во зависност од висината на казната. Ќе почекаме државата да постапи, ако не постапи во разумен рок (веднаш), со оглед на карактерот на ограничувањата, ќе продолжиме институционално да се бориме“, вели Илиевски за „Макфакс“.
Тој потсетува дека ова е вторпат да се утврди дискриминирачки однос врз Јанкулоска.
„Потребно е да се нагласи дека ова е второ позитивно мислење од Комисијата што се однесува на Гордана, а е поврзано со предметот ’Тенк’. Првото мислење беше донесено во 2018 година, каде што Комисијата утврди вознемирување од Кацарска кон Јанкулоска, ја депривилигирала и ја изложила на деградирачки однос по основ на пол и политичка припадност. Исто така, Комисијата утврдила вознемирување со повреда на достоинството на Јанкулоска создавајќи понижувачка состојба. Единствено, за Гордана Јанкулоска и Ѓоко Поповски, кои се осудени по член 353 ст. 5 (за предметот ‘Тенк’), иако не постои никаква штета, ниту противправна имотна корист“, додава Илиевски за „Макфакс“.
Потсетува дека домашните институции треба да се грижат за односот кон затворениците, а не тоа да го прават странците, кои само ја оценуваат работата според извештаите што ќе ги добијат.
„Инаку, ова е класичен пример за индиферентноста на институциите кон човековите права, за нив е доволен аргумент дека со години било така и странците немале забелешки. На странците баш им е гајле, а осудените, кои се најранлива категорија, немале ни знаење ни капацитет да го иницираат прашањето и да си ги побараат правата“, посочува адвокатот Влатко Илиевски.
Комисијата за заштита од дискриминација констатирала дека Гордана Јанкулоска како осуденичка е дискриминирана во затворот „Идризово“ во Скопје, каде што издржува затворска казна од 4 години. Комисијата утврдила директна дискриминација од страна на Управата за извршување на санкциите кон осуденичката од женски пол. Со ваквиот пристап на затворот „Идризово“ и Управата за извршување на санкциите таа губи десетици погодности што ги имаат затворениците мажи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот низ државата во зимски услови, магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози. Намалена видливост и појава на магла на патниот правец Гевгелија – граничен премин Богородица до 60 метри.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Променливо облачно со сончеви периоди, максималната температура до 11 степени
Променливо облачно со сончеви периоди. Ќе дува слаб, а долж Повардарието умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе биде во интервал од -4 до 3, а максималната ќе достигне од 6 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со слаб до умерен ветер од југоисточен правец. Минималната температура ќе се спушти до -1, а максималната ќе достигне до 9 степени.
Времето во наредните денови
Од среда времето ќе биде променливо облачно со повремени локални врнежи од дожд, а на повисоките планини со врнежи од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во среда засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.
Македонија
Нормализиран сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип
Од 23:25 часот, вчера вечер сообраќајот на експресниот пат Кочани-Штип целосно е нормализиран, извести АМСМ.
Претходно, од 19:10 часот, поради сообраќајна несреќа на експресниот пат Кочани – Штип во близина на село Тркање, сообраќајот беше во целосен прекин.

