Македонија
Ослободена актерката Силвија Стојановска за транспорт на дрога
Актерката Силвија Стојановска е ослободена од обвинението за транспорт на дрога. На повторното судење, откако Апелација го врати предметот, судијата Огнен Ставрев посочи дека јавниот обвинител не докажал дека Стојановска го сторила кривичното дело.
Актерката во солзи ја дочека ослободителната пресуда.
„Вие можеби сте биле препродавач, но тоа го нема во обвинението“, кажа Ставрев.
„Скроз сум ослободена?“, праша Стојановска.
„Па трипати Ви кажувам“, одговори судијата Ставрев.
„Па добро судија имам право да прашам“, рече актерката Стојановска.
„Силвија возбудена сте“, ѝ посочи Ставрев.
„ Судот ве ислуша сите вас и ги спроведе сите докази кои се во оваа постапка предложени и изведени и секако ги имаше предвид напатствијата од Апелација, во однос на обвинетата. Тоа го анализираше судот, со сите докази, како што беше наведено. Обвинетата Силвија Стојановска се ослободува од обвинение. Обвинителот не докажа дека сторила кривично дело, надвор од разумно сомневање. Мерките на претпазливост остануваат до правосилност на пресудата“, кажа Огнен Ставрев.
Апелација претходно донесе одлука со која ја укина првостепената пресуда каде актерката беше осудена на 3,6 години затвор. Според второстепените судии, не се докажала поврзаноста помеѓу првообвинетиот Воислав Будисављевиќ, кој е осуден на седум години затвор, и актерката Силвија Стојановска, а за конкретното кривично дело.
Двајцата во воведните зборови се произнесоа дека не зеле учество во дрога – кокаин, како и нејзино купување и продавање во количина од близу 700 килограми, како што стои во обвинението.
Според обвинението, Стојановска и Будисавјевиќ организирале транспорт на 700 килограми кокаин од Колумбија во Шпанија. Актерката, нејзиниот партнер Воислав Будисавјевиќ и неговиот брат, кој има исти иницијали В.Б., се дел од организирана криминална мрежа која договорила набавка на кокаин во Колумбија, го пренеле преку Атлантскиот Океан во Шпанија, го сокриле во магацин во Мадрид и договориле негова продажба. При првото притворање, на прашање дали тргувала со дрога, актерката рече: „Боже, Боже“.
„Во текот на истрагата Обвинителството утврди дека во периодот од јули 2019 година до 18.12.2019 година обвинетите, заедно со тројцата обвинети во Кралството Шпанија, од кои едниот е македонски државјанин, брат на првообвинетиот, како и повеќе лица, зеле учество во неовластено купување, пренесување и продавање кокаин во вкупна количина од 698.758,1 грама. Обвинетите подготвувале и организирале неовластено купување, превезување и сместување на кокаинот од Колумбија до Мадрид, Кралството Шпанија, и барале купувачи на неа“, информираше Обвинителството.
Обвинителката тврдеше дека обвинетите меѓусебно комуницирале со користење „енкрочат“ телефонски мобилни уреди, како и „енкрочат“ мобилни апликации со заштитени канали, а користеле и уред за детектирање евентуална полициска инсталација и дигитални преноси за примена на посебни истражни мерки.
Двајцата беа приведени на крајот на декември 2019 година. Стојановска беше неколку месеци во куќен притвор, а Будисављевиќ во притвор. На акцијата, координирано работеле полициски единици од Македонија, Шпанија и Колумбија во координација со службата за борба против дрога на САД, ДЕА.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави повик за доделување финансиски средства на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти
Општина Битола го објави јавниот повик за доделување на финансиски средства од буџетот на општина Битола на спортски клубови, спортски здруженија и спортисти за 2026 година.
Право на учество на јавниот повик ќе имаат спортски клубови, спортски здруженија, спортисти во сениорски и младински категории, како и другите физички и правни лица од областа на спортот чиешто регистрирано седиште, односно живеалиште се наоѓа на подрачјето на Општина Битола.
Пријавите треба да се достават до Општина Битола преку пошта на адреса; Општина Битола, Булевар 1 –ви Мај број 61, 7000 Битола или да се достават во архивата на Општина Битола од 07:30 часот заклучно со 15:30 часот до последниот ден од Јавниот оглас.
Рокот за поднесување на пријавите започнува од 25.02.2026 година и трае заклучно со 11.03.2026 година.
Пријавите од јавниот повик ги разгледува Комисијата за млади и спорт од Советот на Општина Битола и согласно критериумите ја одбрува висината на финансиската поддршка. Финансиската поддршка согласно програмата за активностите во областа на спортот и младите во Општината Битола за 2026 изнесува 2.000.000,00 денари за спортски клубови/спортски здруженија и 1.000.000,00 денари за индивидуални спортисти.
Повеќе за јавниот повик на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/sportski-klubovi-zdruzenija-i-sportisti/
фото/ Depositphotos
Македонија
Заев поднесе тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев
Поранешниот премиер и лидер на СДСМ, Зоран Заев поднел тужби против Бране Петрушевски и Жан Митрев за како што вели, клевета и нарушување на чест и углед.
„Поднесени се тужбите против Бране Петрушевски и Жан Митрев за клевета и нарушување на чест и углед.
Не постои никаква дилема дека ќе се докаже лагата и на двајцата.
Надоместокот од добиените тужби ќе оди за децата без родители и лицата со посебни потреби“, објави Заев на социјалните мрежи.
Македонија
Милошоски-Бунфорт: потенцирана поддршката на Унгарија кон ЕУ интеграциите
Потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски оствари работна средба со Жолт Бунфорт, специјален претставник за Западен Балкан на премиерот на Унгарија, Виктор Орбан придружуван од Ѓула Шомоѓи, советник и Јулијана Армаш, советник, како и заменик шефот на мисијата Атила Фодор.
На средбата беше потврдена одличната македонско-унгарска соработка и подготвеност за понатамошно унапредување на односите на двете држави во повеќе области. Беше потенцирана заложбата за интензивирање на соработката во економската област преку реализирање на заеднички проекти, како и зближување на двата народа преку зајакнување на пријателските односи и културната размена.
Специјалниот претставник за Западен Балкан Бунфорт, ја потенцираше поддршката на Унгарија кон македонските ЕУ интеграции, истакнувајќи дека членството во ЕУ не претставува награда, туку признание за реформските напори и остварениот напредок во изминатиот период.

