Македонија
Османи-Брнабиќ: ОБСЕ ги поддржува реформските напори на Србија
Спроведувањето на реформите, обезбедувањето на владеење на правото, слободата на медиумите, човековите права – вклучувајќи ги правата на лицата кои припаѓаат на националните малцинства – се главните области во кои ОБСЕ ќе продолжи да и дава поддршка на Србија.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи на средбата со премиерката Ана Брнабиќ, денеска во Белград.
Голем дел од мандатот на Мисијата на ОБСЕ во Србија е фокусиран на обезбедувањето и гарантирањето на човековите права и правата на националните малцинства и поддршката на националните власти за решавањето на овие прашања.
„Мисијата на ОБСЕ во Србија ќе продолжи да ја поддржува земјата за понатамошно интегрирање на националните малцинства во српското општество преку директна помош за спроведување на Акцискиот план за реализирање на правата на националните малцинства“, рече Османи.
Покрај тоа, соговорниците се осврнаа и на суштинската поддршка на земјата од страна на Мисијата на ОБСЕ во Србија и за спроведувањето на пописот, изборите на совети на националните малцинства како и за решавање на прашањата поврзани со Советот на албанското национално малцинство.
Османи и Брнабиќ разговараа за актуелните локални и регионални случувања, како и потребата од широк консензус помеѓу земјите учеснички во ОБСЕ за излез од сложената ситуација во којашто се наоѓа Организацијата.
„Наспроти сите предизвици, задоволство ми е што гледам одлична соработка помеѓу Мисијата на ОБСЕ во Србија и националните власти во рамки на експертизата на ОБСЕ. Се надевам дека ќе продолжите добро да ги користите капацитетите на ОБСЕ“, рече Османи.
Уште една од областите во која ОБСЕ ќе продолжи да дава поддршка на Србија е медиумската реформа и Стратегијата за медиуми 2020-2025 и Акцискиот план чија имплементација е клучна за плуралистичка и безбедна медиумска средина и пред сè безбедност на новинарите, додаде Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по наместа влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Делови од Центар и Чаир денеска без вода
Од ЈП Водовод и Канализација известуваат дека денеска имаат планирани два зафати во водоводната мрежа и тоа:
· поради уличен дефект на ул.Адам Мицкиевиќ бб (пред ОУ „Киро Глигоров“), прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Адам Мицкиевиќ-вклучително и основното училиште, дел од Козара и дел од Васил Ѓорѓов, општина Центар. Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:30 часот до завршување со санација на дефектот.
· поради уличен дефект ф-225м на ул.Отокар Кершовани бб , прекинато водоснабдување ќе имаат корисниците од следниве улици: Отокар Кершовани,вклучително Амбуланта „Бит Пазар“, Петре Георгиев и Чаирска, општина Чаир.
Водоснабдувањето ќе биде прекинато од 08:00 часот до завршување со санација на дефектот.
Македонија
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец
Променливо облачно со умерен до засилен ветер од југоисточен правец. Попладне и во текот на ноќта ќе има локални врнежи од дожд, кои ќе бидат пообилни во југоисточните делови. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег.
Минималната температура ќе биде во интервал од 2 до 7, а максималната ќе достигне од 7 до 11 степени.
Во Скопје, променливо облачно со умерен, повремено засилен ветер од југоисточен правец. Кон крајот на денот, а особено во текот на ноќта ќе има повремени врнежи од дожд. Минималната температура ќе се спушти до 4, а максималната ќе достигне до 10 степени.
Времето во наредните денови
Од денеска следува период на променливо облачно време со повремени локални врнежи од дожд со променлив интензитет. На повисоките планини врнежите ќе бидат од снег. Ќе дува слаб до умерен, а во текот на денешниот ден засилен ветер од југоисточен правец. Температурите ќе бидат во пораст.

