Македонија
Османи во Анталија на состанок со шефовите на дипломатиите на земјите членки на ПСЈИЕ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска ќе престојува во Анталија за да учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите членки на Процесот за соработка на Југоисточна Европа (ПСЈИЕ).
Османи во рамките на министерскиот состанок ќе има одвоена билатерална средба со домаќинот, министерот на Турција, Мевљут Чавушоглу, како и со министерот за надворешни работи во техничката влада на Бугарија, Светлан Стоев.
Министрите во рамките на овој регионален формат ќе дискутираат на тема: „Соседите од Југоисточна Европа заедно: Иднината на Европа“. Истовремено, како дел од агендата ќе биде и изнаоѓањето нови начини за зацврстување на соработката помеѓу земјите на ПСЈИЕ и регионот, справување со последиците од пандемијата предизвикана од Ковид-19, унапредување на регионалната кохезија преку јакнење на политичката и економската соработка, како и кон демократијата, владеењето на правото, слободната пазарна економија и почитувањето на фундаменталните човекови права како основни европски вредности кои остануваат во фокусот на сите земји членки на ПСЈИЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
ВЛЕН: Наместо прослава за децата, отворањето на градинката се претвори во партиски собир

„Наместо да биде свечен настан посветен на децата, инаугурацијата на новата градинка во Матејче-Липково беше искористена како платформа за политичка промоција од страна на ДУИ. Овој чин, кој требаше да означи чекор напред во грижата за најмалите, беше претворен во партиски настан, со што се прекршија принципите на неутралност и се занемари Конвенцијата за правата на детето“, посочија од партијата ВЛЕН.
„ДУИ, во недостаток на конкретни проекти, се обидува да присвои успеси кои се резултат на работата на владата ВЛЕН. Досега не понудија ниту една нова иницијатива, а сега настојуваат да си припишат инвестиции кои не се нивно дело.
Ако ДУИ навистина го смета овој проект за свое постигнување, зошто тогаш не ја поканија поранешната министерка од нивниот коалициски партнер? Ова јасно покажува дека нивните обиди да си припишат заслуги се неосновани и нелегитимни.
Граѓаните ја знаат вистината и се сведоци на позитивните промени што ги носи владата ВЛЕН. Остануваме посветени на подобрување на благосостојбата на децата и на сите граѓани, без политички злоупотреби и ниски манипулации, велат од ВЛЕН.
Македонија
Мир преку разговор во Украина, решение „две држави“ за Израел и Палестина – Мицкоски и Ердоган разговарале и за глобалните предизвици

За Северна Македонија и Турција клучно е конфликтот во Украина да се реши по пат на разговори. За ситуацијата во Палестина двете земји споделуваат ист став, а тоа е преку формирање на две држави. Ова го истакна турскиот претседател, Реџеп Тајип Ердоган за време на заедничката прес-конфренеција со македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, во Турција.
Ердоган потсети и дека Турција е една од првите земји што ја признаа независноста на Македонија, и ја потенцира важноста на турската заедница во нашата држава за одржувањето на блиски односи меѓу двете држави.
„Како наш соработник во НАТО, ние сме две пријателски земји кои директно влијаат врз зачувувањето на мирот на Балканот. Нашите односи над 30 години се цврсти како што е цврст и Камениот мост во Скопје“, истакна Ердоган.
Претседателот заклучи и дека Балканот не треба да се гледа како место за конкуренција помеѓу народите. Напротив, треба да биде поле за заедничка соработка и за развој.
И Мицкоски ги потврди добрите односи меѓу двата народа, а за Ердоган рече дека во него гледа голем поддржувач и пријател.
Мицкоски и Ердоган потпишаа декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво. Советот, како што беше истакнато, ќе ја утврди стратегијата за односите меѓу Турција и Македонија во областите на политиката, безбедноста, одбраната, економијата, трговијата, енергијата, транспортот, инфраструктурата, земјоделството и шумарството, медиумите и комуникациите, туризмот, културата, науката, уметноста, младите, спортот, образованието, здравството, животната средина и дигиталната трансформација и контактите меѓу граѓаните на двете земји.
Македонија
Средба на министерот Муцунски со министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан, разговараа за унапредување на односите во областите од заемен интерес

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, во рамки на работната посета на Република Турција, како дел од делегацијата предводена од претседателот на Владата, Христијан Мицкоски, оствари средба со министерот за надворешни работи на Турција, Хакан Фидан.
На средбата беше потврдена одличната и традиционално пријателска соработка меѓу двете земји, како на билатерално, така и на мултилатерално ниво. Двајцата министри разговараа за унапредување на односите во областите од заемен интерес, со посебен акцент на економската соработка и можностите за нејзино продлабочување, како во надворешно-трговскиот, така и во инвестицискиот сегмент.
Во фокусот на средбата беше и Заедничката политичка декларација за основање на Совет за соработка на високо ниво помеѓу владите на двете држави, која беше потпишана од страна на претседателите на владите. Овој Совет ќе има за цел унапредување и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес – на билатерално, регионално и глобално ниво.
Министрите Муцунски и Фидан ја реафирмираа подготвеноста за продолжување на билатералната соработка во сите клучни области и ја потенцираа важноста на заедничките напори за унапредување на регионалната стабилност, економскиот развој и политичката соработка помеѓу двете земји.