Македонија
Османи во дводневна посета на Јапонија, ќе организира и бизнис-форум
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, денеска и утре ќе престојува во работна посета на Јапонија по покана на јапонскиот министер за надворешни работи, Јошимаса Хајаши.
Покрај средбата со својот хомолог, министерот Османи ќе биде примен од престолонаследникот на Јапонија, принцот Акишино.
Османи ќе има одвоени средби со спикерите на Домот на претставниците и Домот на советниците при парламентот на Јапонија, Хиројуки Хосода и Акико Санто.
Во рамките на економскиот сегмент на посетата министерот ќе организира бизнис-форум со Јапoнската организација за надворешна трговија – JETRO, каде што ќе ги презентира поволностите за инвестирање во Северна Македонија пред истакнати јапонски компании, како „Хонда“, „Митсубиши“, „Нипон Коеи“ и сл. Дополнително, министерот Османи ќе оствари средба и со министерот за „Осака експо 2025“, Кенџи Вакамија.
Целта на посетата е унапредување на билатералните односи меѓу Северна Македонија и Јапонија, со посебен акцент на економската соработка и бизнис-релациите. Воедно, ќе бидат разменети мислења за актуелната безбедносна состојба во европскиот континент и Индо-Пацификот, надворешнополитичките приоритети на двете земји, како и за актуелните меѓународни прашања и регионални теми.
Министерот Османи од Токио ќе отпатува за Вашингтон, каде што ќе ја предводи владината делегација во рамките на стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места со мали остатоци од кашест снег на коловозот
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови, по претежно влажни коловози, на некои повисоки места во западните и југозападните делови од државата со мали остатоци од кашест снег на коловозот по интервенција на дежурните екипи на ЈП Македонијапат.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Мицкоски е во паника, опозицијата освои двојно повеќе гласови од власта, велат од СДСМ
„Мицкоски мора да е во голема паника штом свика прес конференција да се пофали дека опозицијата освоила повеќе гласови од владејачките партии“, велат од СДСМ.
„Дури и со сите можни злоупотреби на институциите и притисоци, кандидатите за градоначалници од опозициските партии освоија двојно повеќе гласови од кандидатите на владејачките партии.
Опозицијата освои двојно повеќе гласови, 21.394 гласови а власта само 12.534 гласа. Заклучокот е едноставен, власта на ВМРО, ВЛЕН и ЗНАМ загуби вечерва и тоа убедливо“, соопшти СДСМ.
Македонија
Почувствуван земјотрес во Прилеп и околината
Телеметриската сеизмолошка мрежа на Република Северна Македонија, на сеизмолошките станици инсталирани ширум нашата територија, одржувани од Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, ноќеска во 01 часот и 14 минути регистрира земјотрес чиј епицентар потекнува од соседна Република Грција, на околу 116 км југоисточно од Скопје, со Рихтерова локална магнитуда, ML2.9
Според досегашните податоци со кои располага опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Прилеп и околината со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.

