Македонија
Османи во Прага: Мора да обезбедиме издржливост, визија и алатки за справување со итните предизвици
Климатските промени, доброто владеење и антикорупцијата, олеснувањето на трговијата и транспортот, обезбедувањето безбедност на храната, како и управувањето со ризици од катастрофи – беа централни теми во обраќањето на министерот и актуелен претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи, кој денеска во Прага го отвори форумот на економската и еколошката димензија на ОБСЕ.
Овој форум е организиран во рамките на претседавањето со ОБСЕ во 2023 година, а се одржува денес и утре на тема „Промовирање на безбедноста и стабилноста во регионот на ОБСЕ преку постигнување одржлив развој и отпорен и инклузивен економски раст“. Настанот претставува, како што рече Османи, можност за потенцијални решенија за некои од најголемите предизвици на нашето време опфаќајќи ги сите клучни приоритети на претседателството, кои се централни за мандатот на Организацијата во нејзината втора димензија.
Османи во своето обраќање, зборувајќи за климатските промени, рече дека мора да се преземат итни заеднички мерки за ублажување на распространетите последици споменувајќи ги страшните поплави во Бугарија, Грција, Турција, Словенија, Австрија и други земји; потоа шумските пожари во САД, Канада и неколку европски и азиски земји, но и разорните земјотреси во Турција и нејзината околина, како и најновиот во Мароко. „Сите овие се страшни потсетници за итноста од координирани напори и плодна заедничка акција во корист на безбедноста на животната средина“, рече Османи.
Тој потсети и дека како претседавач со ОБСЕ назначи и специјален претставник за климатски промени со цел дополнително подигнување на свесноста и изнаоѓање потенцијални решенија за ублажување на овие горливи предизвици.
„Климатските промени се убедливо најитниот предизвик на денешницата и утрешнината. Сепак, постојат многу други долготрајни предизвици, кои и натаму продолжуваат да нè мачат“, рече Османи. Тој додаде дека во исто време глобализацијата и економската меѓузависност трајно ги променија нашите општества, а големите кризи во последните години покажаа колку нашите синџири на снабдување може да бидат ранливи и да влијаат на безбедноста. Меѓу другото, ова важи и за безбедноста на храната земајќи предвид што луѓето во светот најмногу страдаат поради зголемените цени и попречениот пристап до житото, од кое толку многу зависат.
„Земјите учеснички на ОБСЕ беа посветени на олеснување на трговијата и транспортот како важен дел од нивната економска соработка. Во нашиот регион агендата за поврзување на Западен Балкан, зајакната од ЕУ, е вреден пример за соработка на членките на ОБСЕ – ЕУ и земјите од Западен Балкан, што веќе резултира со проширување на трансевропските мрежи и почнување регионални иницијативи. Затоа понатамошниот дијалог е од клучно значење за поттикнување на економскиот раст на земјите од ОБСЕ, а во исто време за зајакнување на стабилноста и безбедноста“, порача Османи.
Османи на отворањето на форумот зборуваше и за корупцијата како повторлива болест во регионот на ОБСЕ. Оттука, тој повика на јасна одлучност, координирани напори и политичка волја за справување со нејзините негативни последици. Во тој контекст ја најави и регионалната конференција за борба против корупцијата во организација на претседателството, која ќе се одржи кон крајот на октомври.
„ОБСЕ има силен мандат во оваа тематска област и ние ќе продолжиме да ги фокусираме нашите заеднички напори во поттикнувањето на транспарентноста, отчетноста и доброто владеење во јавниот и приватниот домен“, истакна Османи.
Своето обраќање тој го заврши со повик до земјите учеснички на ОБСЕ на заедничко дејствување и одлучност во обезбедувањето заеднички решенија за луѓето и нивната иднина.
„Пред нас имаме непредвидлив и несигурен пат, но и најдолгиот пат не треба да нè обесхрабри да најдеме решенија и подобри начини за нас и за следните генерации. Како организација и држави учеснички, ние мора да обезбедиме издржливост, визија и алатки за да се соочиме со овие и други итни предизвици. Тоа е нашата задача. За тоа е основана ОБСЕ и тоа е она за што јас како претседавач ќе продолжам да работам“, заклучи Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Уапсен врховен судија поради сомненија за примање поткуп
Врховниот судија Наке Георгиев е уапсен поради сомнеж за примање поткуп.
„Денеска 20 мај, лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради сомневања за сторено кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат натамошни насоки од надлежен јавен обвинител“, велат од МВР.
Засега не е позната локацијата каде што е приведен судијата, ниту пак, за колкава сума станува збор.
Македонија
Сиљановска доби честитка од кралот Чарлс
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска го прими амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон.
На средбата беа разменети мислења за севкупните билатерални односи меѓу двете држави, при што претседателката Сиљановска Давкова истакна дека нашата држава придава особено значење на развојот на пријателските односи и соработката со Обединетото Кралство, вклучувајќи го сојузништвото во НАТО алијансата. Претседателката Сиљановска Давкова посочи на нејзината подготвеност за натамошно унапредување на билатералната соработка со Обединетото Кралство во сите сфери од заемен интерес.
Претседателката Сиљановска Давкова истакна дека како држава особено ја цениме британската поддршка во исполнувањето на стратешката цел – членство во Европската Унија, која продолжи и по Брегзит.
Амбасадорот Лосон на претседателката Сиљановска Давкова и предаде честитка од Кралот Чарлс Трети по повод нејзиното стапување на функцијата, во која упатува најискрени честитки за нејзиниот избор.
„Уверен сум дека ќе го вложите целиот Ваш капацитет за време на Вашиот мандат како Претседател за справување со големите предизвици на нашето време, почнувајќи од справувањето со климатските промени до продлабочувањето на евроатлантската интеграција на Северна Македонија. Многу сум задоволен што нашите две земји имаат воспоставено цврсти трговски и безбедносни односи. Оттука, се надевам дека за време на Вашиот мандат како Претседател односите, кои се веќе толку блиски, уште повеќе ќе се продлабочат“, се вели во честитката од Кралот Чарлс Трети.
Македонија
Сиљановска Давкова се сретна со украинската амбасадорка Дир
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска ја прими амбасадорката на Украина, Лариса Дир.
На средбата, беше изразено задоволство од традиционалните пријателски односи, засновани на заемна почит и меѓусебно разбирање. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи нејзината заложба за продлабочување на соработката во сите области од заеднички интерес, реафирмирајќи ја поддршката за Украина против руската агресија, со која се поткопува европската глобална безбедност и стабилност.
Двете соговорнички разменија мислења и за стратешките определби и перспективите на двете земји, истакнувајќи ја потребата од натамошна заемна помош, споделување искуства и експертиза. Претседателката Сиљановска Давкова ја нагласи македонската поддршка за Украина на нејзиниот пат кон Европската Унија и НАТО.
Амбасадорката Дир, упатувајќи честитки за изборот на претседателката Сиљановска Давкова ѝ посака успешно извршување на функцијата.