Македонија
Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ повторно во Украина: На агендата средби со државниот врв и теренски посети
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи во својство на Претседавач со ОБСЕ утре повторно ќе престојува во работна посета на Украина.
Посетата на Украина е во рамки на остварувањето на една од главните заложби од Програмата на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ во 2023 година. За ОБСЕ, како најголема регионална безбедносна организација во светот, Украина и нејзиниот народ се на врвот на агендата.
Османи во Киев ќе оствари средби со државниот врв на Украина. Покрај средба, Османи со министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба ќе одржи и заедничка прес-конференција. На агендата на Османи е и средба со претседателот на Врховната Рада на Украина, Руслан Стефанчук.
Во рамки на престојот во Украина, Османи ќе оствари и неколку теренски посети за одблиску да се запознае со ситуацијата на терен, како и со потребите на граѓаните. Османи ќе го посети Центарот за заштита на правата на децата, а ќе биде запознаен и со работата на единиците на Украинската служба за вонредни ситуации и процесот на деминирање на теренот.
ОБСЕ Програмата за поддршка на Украина вклучува помош во повеќе области како што се хуманитарно деминирање, промоција на владеење на правото и ублажување на последователните еколошки и економски влијанија од воената агресија на Русија против Украина.
Украина беше првата земја која Османи ја посети на почетокот на неговиот мандат како Претседавач со ОБСЕ во јануари оваа година. Втората посета доаѓа како продолжение и потврда на заложбите на ОБСЕ за помош на Украина и ублажување на последиците за луѓето од погодените подрачја предизвикани од руската воена агресија во Украина, и на влијанијата од неа врз поширокиот регион на ОБСЕ.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Андоновски учесник на најголемиот светски конгрес за мобилни оператори – MWC26 во Барселона: во фокусот проектот „Роаминг како дома“
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски денеска е во работна посета на Барселона, Шпанија каде учествува на MWC26 (Mobile World Congress) – најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди и дигитални решенија во светот.
Во рамки на својата посета, министерот се задржа на лобирање за принципот „роаминг како дома“, со цел понатамошно унапредување на условите за граѓаните и бизнисите преку намалување на трошоците за роаминг и приближување кон европските стандарди.
Министерот Андоновски беше дел од GSMA Ministerial Programme, каде се дискутираше за клучни политики и приоритети поврзани со поврзливоста, дигиталната инфраструктура, безбедноста и идните мрежни технологии.
„Ова е најголемиот светски настан кој ги обединува креаторите на политики за дигитализација, претставници на телеком операторите и најголемите производители на мобилни уреди во светот. Заедно со претставници на Влади и претставници на приватниот сектор, разговараме за прашањата кои најмногу ги засегаат нашите граѓани и корисниците, а тоа за нас секако е проектот „Роаминг како дома“ – што значи цени како дома за користење на мобилни услуги, СМС пораки и интернет било каде во Европската Унија. Можам да кажам дека од владите и од нашите меѓународни партнери добиваме голема поддршка за овој проект, но и разбирање од големите телеком оператори“, истакна Андоновски.
Министерот додаде: „Во текот на денот имав можност да се сретнам со мобилни оператори кои се присутни во Македонија, но и со бројни светски производители на опрема, даватели на облак (cloud) услуги, каде што разговаравме за најважните прашања кои во моментов го засегаат секторот на дигитализација: изградба на дата центри, вештачка интелигенција, сајбер безбедност и целосна дигитална трансформација на општеството.“
Македонија
Сиљановска-Давкова со претставници на Фондацијата Роми за Европа и Ромскиот образовен фонд: образованието е клучен фактор на социјалната мобилност
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со Лолита Хасани Грасман, советник за институционална соработка и комуникација во Фондацијата Роми за Европа со седиште во Брисел и Реџепали Чупи, директор на Ромскиот образовен фонд за нашата држава и Србија, со седиште во Букурешт.
На средбата, соговорниците ја информираа претседателката за тековните активности насочени кон развој на вештини, образовни програми, зголемување на можностите за вработување и одржливо економско учество на Ромите.
Гостите изразија желба и надеж за соработка со Владата заради унапредување на економската инклузија на ромската заедница како и нејзино економско зајакнување. Исто така, беше најавено дека Ромскиот образовен фонд планира да отвори ХАБ центар во Шуто Оризари којшто ќе работи со деца, родители и наставници на дигитализација, нови методологии на учење и развој на вештини за идно вработување и лидерство.
Претседателката нагласи дека образованието е клучен фактор на социјалната мобилност, оти помага во градењето самодоверба и лидерство. Според неа, младите образовани Роми стануваат инспиративни модели во заедницата и носители и двигатели на позитивни промени. За неа, инклузијата во предучилишното и основно образование директно влијае врз понатамошниот успех на ромските ученици, бидејќи без квалитетно образование, можностите за пристојно и достоинствено вработување се ограничени.
Таа смета дека пристапот до образованието на децата Роми е приоритет, оти само преку рана и континуирана образовна вклученост, можеме да обезбедиме социјална интеграција, заштита од ризици и еднакви можности за иднината. Според претседателката, економската и образовната интеграција на Ромите е важна за општествениот развој, оценувајќи дека партнерството со меѓународните организации може да придонесе за зајакнување на нивните можности и шанси за долгорочна интеграција. Заедничките иницијативи се клучни за унапредување на положбата на ромската заедница и напредок, смета таа.
Македонија
Иран се соочува со агресија, МНР наместо пддршка да го осуди американско – ционистичкото дивеење, велат од Левица
Политичката партија Левица најостро ја осудува, како што велат од таму, американско-ционистичката агресија врз Иран, вклучително убиството на дел од неговото воено-политичко раководство и масакрите врз цивилното население.
„Ова подивено однесување на екстремно-десничарската администрација на Трамп во соработка со геноцидниот касап Нетањаху претставува флагрантен државен тероризам, газење на меѓународниот поредок, и акт на воена агресија чија цел е дестабилизација на суверена држава и воспоставување на империјална доминација на Блискиот исток. Таквите злосторства против човештвото не можат да поминат неказнети и се директно спротивни на меѓународното право и повелбата на Обединетите нации“.
Апелираат до МНР и министерот Тимчо Муцунски наместо, како што додаваат, слепа поддршка за оваа дивјачка агресија, да испратат јасна осуда против оваа бесмислена воена агресија со потсетување дека и македонскиот народ во својата историја бил жртва на империјалистичката чизма.
„Република Македонија мора да се позиционира на страната на мирот, суверенитетот и анти-империјалистичката борба, а не да молчи пред злосторствата на суперсилите. Левица останува непоколеблива во својата борба против сите форми на империјалистичка агресија и ќе продолжи да се залага за ослободување на народите ширум светот“

