Македонија
Османи го отвори состанокот на НАТО политички директори

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, го отвори состанокот на директори за политичка безбедност од министерствата за надворешни работи на земјите членки на НАТО, што за прв пат се одржува во Северна Македонија.
Министерот Османи се осврна на политичките состојби и безбедносните предизвици со кои се соочува Западен Балкан, како и неопходноста за натамошно засилување на соработката и присуството на НАТО и Европската Унија во нашиот регион.
„Отсуството на кредибилна европска и евроатлантска перспектива на Западен Балкан може да има множество негативни последици, особено во поглед на регионалната стабилност. Оттука, забрзувањето на евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан, како и консолидираниот пристап на НАТО и ЕУ во регионот е најдобрата алатка за надминување на безбедносните предизвици и зачувување на демократските процеси во нашите простори” – истакна Османи.
Во контекст на актуелната безбедносна ситуација, министерот Османи ги истакна предизвиците со кои се соочува Евроатлантската зона и начинот за нивното одразување во новиот Стратешки
концепт на НАТО, што се очекува да биде усвоен на претстојниот НАТО-самит во Мадрид.
Одржувањето на состанокот во Скопје е уште еден доказ за значењето на Западен Балкан, како стратешки регион за НАТО, но и за кредибилноста на Северна Македонија како земја членка на алијансата
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Сиљановска-Давкова на средбата со Кошта: Не смееме да бидеме колатерална штета на ветото и на билатерализацијата на процесот на евроинтегрaција

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова оствари средба со претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, на која нагласи дека во процесот на европската интеграција не смееме да бидеме колатерална штета на ветото и на билатерализацијата на процесот на евроинтеграција.
Истакнувајќи дека земјава e фокусирана на спроведување на реформската агенда заради достигнување на европските стандарди, таа истакна дека Копенхагенските критериуми се, и треба да останат единствените услови за членство во Европската Унија.
Сиљановска-Давкова нагласи дека единствено со добра волја, меѓусебно разбирање и почит, може да се решат бугарско-македонските недоразбирања и спорови.
Преговорите за историјата, културата и јазикот не се во духот меѓународното и европското право и значат негирање на европските вредности и принципи, утврдени во конститутивните документи на ЕУ во коишто се гарантираат националниот и културниот идентитет, како и интегритетот и дигнитетот на граѓаните.
Предупредувајќи дека македонскиот преседан може да има домино ефект, проширувајќи се и на други држави од регионот, но и пошироко, со што ќе се загрози политиката на проширување на ЕУ, таа побара од Европскиот совет да предложи решение за оневозможување нови барања и условувања коишто ќе го дефокусираат нашето внимание од реформите на идентитетски прашања.
Претседателката укажа дека бројката од 36 уставни амандмани за триесеттина години, од коишто најголемиот број се иницирани однадвор, ја релативизира важноста на уставот како највисок правен акт, од една страна и најширок и најважен општествен договор на граѓаните, од друга.
Таа потсети и на редовното искуство при секоја измена на уставот, на предложените амандмани да им се придружат нови, чие усвојување е услов за поддршка на првите.
Потенцирајќи дека интегрирањето на Западен Балкан е јасен приоритет за ЕУ, претседателот на Европскиот совет Кошта искажа разбирање за националните чувства и состојбата во која се наоѓа државата и изрази став дека не очекува дополнителни политички условувања на македонскиот пат кон ЕУ.
Ценејќи ги вложените напори во изминатите две децении, тој смета дека треба да го искористиме моментов на зголемен интерес на ЕУ за проширување, во функција на обезбедувањето поголема безбедност и сигурност, покрај европеизацијата на регионот.
Македонија
„Оваа недела во Државниот архив на Северна Македонија се ангажирани 14 нови вработени, сите Македонци и ниту еден Албанец“, велат од ДУИ

„Оваа недела во Државниот архив на Северна Македонија се ангажирани 14 нови вработени – сите Македонци – и ниту еден Албанец. Овој шокантен дисбаланс не е случаен, туку симптом на една поширока и загрижувачка појава – систематското исклучување на Албанците од институциите на државата“, велат од ДУИ.
„Но, уште позагрижувачки е фактот дека за првпат од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор, ниту една од раководните позиции – ниту директорската, ниту заменичката – не му припаѓа на претставник од албанската заедница.
Една од клучните институции за меморијата и идентитетот на државата целосно е претворена во моноетнички бастион.
Сето ова се случува во период кога институциите се систематски напаѓаат во поглед на мултиетничката застапеност.
Наместо да се негува соживот и рамноправност, сведочиме на планско елиминирање на Албанците од јавниот сектор.
Ова е директна последица на поништувањето на балансерот – механизмот кој обезбедуваше правична етничка застапеност согласно Охридскиот Мировен договор.
Без тој инструмент, шансите за фер застапеност исчезнуваат, а државните институции сè повеќе личат на едноетнички институции од едно друго време.
Уште пострашно е што остатоците од ВЛЕН – деветте албански пратеници кои ја поддржуваат оваа Влада – самопрогласени за претставници на Албанците – не покажуваат никаква реакција пред ова масовно бришење на Албанците од јавната администрација.
Нивниот молк ги прави соучесници во оваа системска дискриминација и уривање на соживотот. Ги повикуваме сите кои веруваат во европска, праведна и мултиетничка Северна Македонија – да се дистанцираат од оваа деструктивна Влада. Зашто молчењето денес значи соучество утре“, соопштуваат од ДУИ.
Македонија
Непречен сообраќај по влажни коловози

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, по влажни коловози, извести АМСМ.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.