Македонија
Османи го поздрави новиот инструмент на ЕУ за Западен Балкан во вредност од 6 милијарди евра
Министерот за надворешни работи Бујар Османи учествуваше на брифинг со заменик главниот преговарач и државен секретар во Секретаријатот за европски прашања, Дрита Абдиу Халили и Мисијата на Северна Македонија при ЕУ за процесот на забрзана интеграција на земјата во ЕУ.
Османи беше брифиран за последните одлуки во Брисел кои се во насока на повеќе интеграција пред самото членство.
Тој го поздрави усвојувањето на позициите на Европскиот парламент и на Советот за Реформскиот и Планот за раст на Западен Балкан. Со речиси едногласна поддршка, европратениците покажаа јасна посветеност за политиката на проширувањето и реформските процеси кои ќе ги зајакнат вредностите на ЕУ во регионот, фокусирајќи се на транспарентноста, владеењето на правото и економската интеграција.
Претходно, минатата недела и Советот ја усвои својата позиција и се очекува до крајот на април да се заврши процедурата за усвојување на оваа регулатива што ќе овозможи на земјите од регионот пристап до новиот финансиски инструмент во вредност од 6 милијарди евра кој ќе финансира спроведување на реформи – слично на инструментите достапни за земјите членки.
Другиот дел од планот е наменет на пристапот на компаниите од Северна Македонија и регионот во единствениот пазар на Унијата, но и на придобивките за граѓаните на нашата земја. Во оваа фаза се дефинирани 4 приоритети за таа цел:
– вклучување на банкарскиот систем на Северна Македонија во СЕПА – единствениот систем за плаќања на ЕУ
– зелени ленти со земјите членки
– бесплатен пристап до интернет
– пристап до дигитални иновативни хабови
Со СЕПА конкретно се овозможува на граѓаните брзо и без провизија да префрлат средства/пари од банките во ЕУ до банките во Северна Македонија. Тоа ќе придонесе за голема заштеда за нашите граѓани, во време и пари, кои работат во една од 36те земји учеснички во СЕПА.
„Реформскиот и Планот за раст има за цел да поттикне социо-економски реформи во Западен Балкан и усогласување на политиките со ЕУ, поставувајќи јасна рамка која ја поврзува финансиската поддршка со јасни индикатори за напредок.
Притоа, имајќи го предвид нашето лидерство во регионот по усогласувањето со ЗНБП, но и со визната политика на ЕУ, кои се и како предуслови за добивање на поддршка од овој нов инструмент на ЕУ“, се наведува во соопштението од МНР.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Општина Битола објави Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести
Општина Битола објавува Јавен повик за поддршка на лица со ретки болести за патни трошоци до болница надвор од Битола и нивни потреби, односно финансиска поддршка на лица со ретки болести кои што се наоѓаат во незавидна положба за надминување на истата, соопштија од Општината.
Критериумите и условите како и потребните документи кои едно лице треба да ги исполнува и достави за искористување на средства од Програма за социјална заштита на Општина Битола во делот на финансиска поддршка на лица со ретки болести се на следниот линк: https://www.bitola.gov.mk/lica-so-retki-bolesti/
Периодот на пријавување е отворен во текот на цела година до целосно искористување на средствата при што исплата ќе се врши два пати годишно, јули и декември, а едно лице има право на искористување на средства еднаш во текот на годината, до максимален износ од 30.000,00 денари бруто износ од лице во зависност од потребите за лекување надвор од Битола.
Македонија
Николоски: Почна постапката за воведување директна авиолинија со Саудиска Арабија
Министерството за транспорт ја започна постапката за склучување на Спогодба за воздушен сообраќај со Кралството на Саудиска Арбија, информира министерот, Александар Николоски.
Тој вели дека целта на Спогодбата е воспоставување на правна рамка што ќе овозможи отворање на редовни авиолинии меѓу Македонија и Саудиска Арабија и потенцира дека досега меѓу двете држави не се одржувал воздушен сообраќај.
„Со Спогодбата се создаваат либерални и фер услови за работа на авиопревозниците, преку поттикнување на конкуренција, пониски цени за патниците, како и можност за воведување нови и поквалитетни услуги. Истовремено, Спогодбата гарантира највисоко ниво на безбедност и сигурност во воздушниот сообраќај во согласност со меѓународните стандарди“, вели Николоски.
Тој додава дека се очекува со воспоставувањето на редовни авиолинии меѓу двете земји да придонесе за зголемување на економската соработка, туризмот, трговската размена и севкупните билатерални односи.
Николоски најави дека Министерството за транспорт во следниот период ќе ги преземе сите неопходни активности за започнување на официјалните процедури за регулирање на воздушниот сообраќај, согласно националните прописи и меѓународните стандарди во областа на цивилното воздухопловство.
Македонија
(Фото) На повеќе локации низ Скопје паднаа дрвја, Ѓорѓиевски: Екипите се на терен, реагираме навремено
Поради засилениот ветер и неповолните временски услови, на повеќе локации низ градот беа регистрирани паднати и оштетени дрвја.
Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски извести дека градските служби веднаш излегле на терен и постапуваат со целосна мобилизација, со цел отстранување на опасностите и обезбедување безбедно движење за граѓаните.
„Се сечат и расчистуваат паднатите дрвја, се отстрануваат скршените гранки и се нормализира сообраќајот таму каде што имаше застој. Приоритет ни е безбедноста на граѓаните и непреченото функционирање на градот“, рече Ѓорѓиевски.
Тој апелираше до сите на зголемена внимателност додека траат активностите на терен.

