Македонија
Османи: Експертската мрежа на ОБСЕ е уште една одредница на Претседавањето на Македонија со ОБСЕ
Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ постави уште една одредница во градењето на односите со граѓанското општество преку воспоставувањето на Експертската мрежа на ОБСЕ. Оваа мрежа има за цел да ги истражи бројните динамични трендови на соработка во областа на безбедноста во Европа и клучната улога што ја имаат организациите како ОБСЕ и тинк-тенковите во обликувањето на политиките во овој критичен домен.
Ова го истакна Претседавачот со ОБСЕ и министер за надворешни работи, Бујар Османи на денешниот настан организиран во рамки на Претседавањето со ОБСЕ – Стратегиско предвидување во променлива средина: Перспективи за соработка и безбедност во Европа – Градење на експертска мрежа на ОБСЕ што се одржува во Скопје.
„Северна Македонија, вклучително и МНР имаат модел за консултации и соработка со тинк-тенкови кои можеме да ги споделиме. Модел кој претставува формална точка за консултации и дијалог за развој на политики, што нуди редовни можности за средби меѓу креаторите на политиките и истражувачите на политиките, модел кој служи како платформа за размена на идеи, податоци и анализи“, истакна Османи.
Како што рече Османи, учесниците во Експертската мрежа на ОБСЕ ќе се фокусираат на неколку прашања коишто влијаат на безбедноста, како што се сајбер заканите и нападите и зајакнување на подготвеноста за соодветен одговор.
„Тоа подразбира зајакнување на инфраструктурата, комуникациските мрежи и механизмите за одговор на различни форми на закани, без разлика дали тие произлегуваат од природни катастрофи, сајбер напади или хибридна војна“, рече Османи.
Но, тоа ОБСЕ не може да го направи самостојно и затоа во голема мера соработува и се потпира на искуството и на експертизата на тенк-тенковите кои придонесуваат за подобрување на политиките кои се носат и градење на капацитетите на институциите, додаде Османи.
„Тинк-тенковите служат како независни чувари, нудејќи проценки за ефективноста и влијанието на политиките и иницијативите на ОБСЕ. ОБСЕ е отворена и транспарентна организација, го цени секое мислење и ги слуша сите засегнати страни. Соработката помеѓу тинк-тенковите и ОБСЕ преку оваа експертска мрежа, како и на конкретни истражувачки проекти или иницијативи ќе биде доказ за односот меѓу двете. Ова партнерство ќе го подобри квалитетот и длабочината на анализите презентирани на земјите-учеснички и различните тела, ќе ги подобри политиките и ќе ги зголеми нивоата на истражување, а во крајна линија ќе го подобри и животот на луѓето“, истакна Османи.
Следејќи го основното мото на Претседавањето на Северна Македонија со ОБСЕ „За луѓето се работи“, Османи во рамки на Претседањето со ОБСЕ именуваше специјален претставник за невладини организации на Претседавачот на ОБСЕ, Андреја Стојковски.
На дводневниот состанок на Експертската мрежа на ОБСЕ ќе присуствуваат голем број на претставници на организации партнери на ОБСЕ како и на тинк-тенкови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Филипче: Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, реагираше на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски.
„Наместо да ги спроведе реформите што Европа ги бара две години, Мицкоски нуди само изолација и анти-ЕУ кампања. Преку 70% од граѓаните сакаат ЕУ – а тој зборува за „булинг“ и „прва и втора лига“. Тоа не е булинг, тоа е последица од неисполнување на обврските: правда, слобода на медиуми, борба против корупција. ВМРО секојдневно создава конфликти со соседите а на критиките од Брисел одговара со напади врз ЕУ. Затоа нема напредок, затоа 5 тони дрога излегуваат преку македонската граница неказнето, затоа судството и обвинителството се под контрола, а медиумите се задушени преку моделот на Орбан. Европа ни даде јасна шанса до 2027, заедно со регионот! Црна Гора и Албанија напредуваат. Ние? Само ако престанеме со оваа политика на изолација што намерно ја турка Мицкоски. Мицкоски ВМРО не сакаат ЕУ – сакаат да крадат на тендери без надзор. Тоа не е европска вредност. Тоа е криминална вредност. Единствениот булинг на македонскиот народ му го прават ВМРО-ОКГ и Мицкоски“ стои во реацијата на претседателот Филипче.
Македонија
(Видео) Не гледам потреба за одржување на предвремени парламентарни избори, вели премиерот Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски не гледа потреба за одржување на предвремени парламентарни избори. Тој нагласи дека во разговорите со меѓународната заедница и со граѓаните како главен приоритет се посочуваат реформите и нивната реализација.
„Тоа е она што е главен фокус и приоритет на оваа Влада. Реформи и испорака. Се разбира дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема политичка партија во државата мора да се однесува одговорно кон граѓаните, иако после локалните избори и оној апсолутен триумф, политички гледано нас ни одговара да има предвремени парламентарни избори, но и покрај сето тоа нашиот приоритет и фокус е испорака и реформи за подобар живот и стандард на граѓаните“, истакна Мицкоски.
Македонија
(Видео) Манасиевски: Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, морало се да оди по насока на Заев
Партиските притисоци предводени од СДС и ДУИ разрешувале судии за еден ден, кажа денеска на прес-конференција, Валентин Манасиевски, член на ЦК на ВМРО-ДПМНЕ.
„Ристо Катевеновски, поранешен судија на Врховниот суд тврди дека бил разрешен поради тоа што не дал позитивно мислење за судски случај по барање на тогашните власти СДС и ДУИ. На судско рочиште судијата Катевеновски истакнал дека нема да даде позитивно мислење во случајот поврзан со поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкуловска, и дека ќе биде потребно да се разговара со неговите колеги за понатамошно дејствие. Но, по само еден ден од оваа дадена изјава на Катевеновски, кој вели дека била дадена зад затворени врати, Судскиот совет свикал итна седница на која тој бил разрешен. Сведоштвото на Катевеновски води кон тогашните власти, а како што вели тој – неговото разрешување дошло од СДС и ДУИ, или во превод од Зоран Заев и Али Ахмети“, рече Манасиевски.
Тој истакна дека „правдата и вистината која Заев ја ветуваше кога дојде на власт се покажа како селективна“.
„Но, она што е клучно е тоа дека повторно добиваме сведоштва за притисокот на СДС и ДУИ, кон правосудните органи. Она кое ние го говориме во јавноста со години, сега веќе и се потврдува. Тие биле оние кои одлучувале кој ќе се апси, а кој ќе се апстрахира од одреден случај. СДС и ДУИ си ја партизираа државата и нејзините институции. ВМРО-ДПМНЕ тоа повеќе нема да го дозволи повеќе. Потребна е одговорност!“, заклучи Манасиевски.

