Македонија
Османи: Земјите од Западен Балкан сè уште се борат да го најдат своето место меѓу развиените западни демократии
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во рамки на Преспа форумот за дијалог, беше домаќин на работниот појадок на високи претставници од регионот во форматот Б6, како и петте специјални претставници за Западен Балкан од САД, ЕУ, Обединето кралство, Германија и Австрија: заменик помошникот државен секретар на САД за европски и евроазиски прашања, Габриел Ескобар, Мирослав Лајчак, Сер Стјуарт Пич, Мануел Сарацин и Јоханес Ајгнер.
„Земјите од Западен Балкан сè уште се борат да го најдат своето место меѓу развиените западни демократии, отпорни на глобалните предизвици. Сè уште ни недостасува одговор на некои од најитните отворени прашања со кои се соочува регионот, со цел поттикнување на суштинските дебати за економското закрепнување и просперитетот на Западен Балкан“, нагласи Османи.
Во тој контекст беше Б6 претставува автентична иницијатива способна да обезбеди брза директна комуникација за сите прашања што ги засегаат земјите од регионот.
Соочени со руската инвазија во Украина, регионалната соработка станува уште позначајна, особено во однос на демонстрирањето заедничко политичко лидерство и европско единство. Засилената регионална соработка и заедништво треба да бидат важни елементи на заедничкиот решителен настап кон ЕУ, поврзано со идното членство во Унијата.
Ваквиот состанок е особено значаен за зајакнувањето на регионалната соработка, особено што ова претставува прв пат клучните претставници за Западен Балкан да седнат заедно на иста маса.
Иницијативата Б6 беше иницирана во рамки на минатогодишниот Преспа форум за дијалог во формат на министри за надворешни работи, со цел воспоставување непосредна и ефикасна комуникација за прашања од регионален интерес. Особено е значајна силната американска поддршка што беше демонстрирана во рамките на Стратешкиот дијалог со САД, што неодамна се одржа во Вашингтон.
Денешниот работен појадок е трет организиран состанок во рамки на форматот Б6.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози
Сообраќајот на државните патишта се одвива во зимски услови по наместа влажни коловози.
Од 15.11.2025 година започна законската обврска за задолжително поседување на зимска опрема во возилата, без оглед на моменталната временска состојба. Оваа обврска ќе трае до 15.03.2026 година.
Интензитетот на сообраќај на патните правци надвор од градските средини е умерен. На граничните премини од македонска страна, нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
АМСМ препорачува прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Сите патишта водат кон Будимпешта, со владин авион кај шефот и на море, велат од СДСМ
Главна дестинација на владинот авион е релацијата Скопје-Будимпешта. Дури седум пати летале до шефот, во главниот град на Унгарија, според информациите за летањето на владиниот авион кои ги објавија медиумите, велат од СДСМ.
„Сите во Будимпешта, со владин авион, на консултации и по работни задачи кај шефот.
Наместо да лежи во Идризово, ВМРО му подготвува враќање на Никола Груевски.
Затоа и беа тргнати потпретседателите.
Нема повеќе потпретседатели, нема внатрешна конкуренцијам се расчистува патот за единствениот претседател на ВМРО, Груевски.
Мицкоски е само чувар на фотелјата.
Мора да се обезбеди безбеден терен за враќање на газдата“.
Според опозиционата партија, Мицкоски, Николовски, Силјановска најмногу го користеле владинот авион.
„Толку многу се шета, Мицкоски дури и на Јадран оди со владин авион на капење.
Затоа мора да се купува нов авион, да се даваат милиони евра народни пари“, прашуваат од СДСМ.
Македонија
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните: Во Собранието се одржа јавна расправа
Вештачката интелигенција треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните
Во Собранието се одржа јавна расправа по конечниот извештај на Државниот завод за ревизија за извршената ревизија на успешност на тема: ,,Можност за употреба на вештачка интелигенција во јавниот сектор”.
Настанот го отвори координаторката на Клубот на младински прашања и политики, Драгана Бојковска, која истакна дека мора да се биде во тек со современите држави кои ги користат ВИ алатките, и во тој контекст информира дека во работата на Собранието е вклучена вештачката интелигенција.
Советникот во ДЗР, Сашо Јаковчевски, кој го презентираше Извештајот, рече дека е потребна сеопфатна дигитална инфраструктура бидејќи имаме растечка база на знаење која може да се вклучи во спроведувањето на вештачката интелигенција во јавниот сектор.
Според државниот ревизор Максим Ацевски, институцијата е лидер по примената на дигитализацијата бидејќи посетеноста на веб-страницата за кусо време пораснала за 6,34 проценти.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, посочи дека Министерството веќе има проекти со кој се очекува да се спроведе вештачката интелигенција во јавниот сектор, која треба да биде технолошка трансформација во служба на граѓаните.
Учесниците во јавната расправа посочија дека без правна регулатива може да направи повеќе штета отколку корист. Затоа е потребна национална стратегија, заштита на личните податоци, институционален капацитет и правна заштита.

