Македонија
Османи: Изборите може да се одржат на 5 јули
Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и натаму смета дека на 5 јули може да се одржат предвремените парламентарни избори, а во однос на кампањата рече дека во вакви услови на сите им е јасно дека нема да може собири и средби со граѓаните.
За продолжувањето на вонредната состојба, Османи рече дека утре ќе се направи процена по што ќе се даде предлог до претседателот Стево Пендаровски.
„Во однос на изборите, на сите ни е јасно дека во вакви услови, класична кампања, во смисла на собири и средби со граѓаните, не може да има. Дилемата е повеќе дали изборниот ден се разликува од другите секојдневни активности на граѓаните кога ги вршат своите нормални животни функции. Тоа ќе се има предвид при донесување на конечната одлука. Датумот на избори треба формално да го потврди претседателот на Собранието изменувајќи ја одлуката за распишување на изборите од 12 април. Да почекаме да видиме уште неколку дена како ќе се одвиваат консултациите и пресекот на епидемиолошките трендови“, рече Османи.
За уредбата, која е изгласана вчера од страна на Владата, а во која останува рокот од 22 дена по истекот на вонредната состојба да се одржат изборите, Османи рече дека се допрецизирале обврските што ќе ги има Министерството за здравство, односно начинот на обезбедување заштитни средства за Државната изборна комисија.
„Со вчерашната уредба направивме прецизирања од аспект на контролата на изборната листа повикувајќи се на законската норма, но и неколку обврски, кои ќе ги има Министерството за здравство, за да ги обезбеди заштитните средства за ДИК. Јас сè уште се надевам дека комуникацијата помеѓу политичките партии ќе продолжи идните денови, сè уште мислам дека има простор за еден правичен, инклузивен процес на 5 јули. Во врска со вонредната состојба, очекувам дека процената ќе се направи во текот на утрешниот ден и не сакам да прејудицирам бидејќи идејата беше на крајот од неделата, еден ден пред да истече рокот, да направиме еден пресек на епидемиолошките трендови и потоа да му предложиме на претседателот понатамошни одлуки“, додаде Османи.
Тој рече дека ниту на политичарите не им е лесно да зборуваат за избори во време на зголемен број заболени од коронавирус, но ќе се обидат да управуваат и со двете состојби.
„Здравјето на граѓаните е пред кој било општествен процес. Темата избори ни е наметната поради тоа што сме уникатен пример во светот, кој во текот на пандемијата нема функционален парламент по ничија вина затоа што се распушти Собранието со намера да имаме избори на 12 април. Не ни е лесно ни нам како политичари да зборуваме за избори во услови на зголемени бројки, но наметната е како тема и се обидуваме да управуваме и со двете состојби. Тешкотиите се поради немање функционално Собрание, техничката Влада е наменета за избори, а не за справување со пандемијата, со сите ограничувања што ги има и, од друга страна, овој втор бран од епидемијата“, рече Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Поранешниот градоначалник на Чашка на 11 вработени незаконски им исплатил плати од над 700.000 денари
Полицијата поднесе кривична пријава против поранешен градоначалник на општина Чашка за „злоупотреба на службената положба и овластување“.
СВР Велес, до Основното јавно обвинителство Велес, поднесе кривична пријава против Г.С.(47) од Чашка поради постоење основи за сомнение дека сторил кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.
Во периодот од јануари 2021 до декември 2024 година, Г.С. во својство на градоначалник на општина Чашка, постапил спротивно на Законот за државни службеници и на 10 лица вработени во општина Чашка, во повеќе наврати, од буџетската сметка на општината им исплаќал парични средства по основ на плата за кариера кај државен службеник, иако знаел дека тие не ги исполнуваат условите за државен службеник.
Додека, на едно лице, спротивно на Законот за работни односи, овозможил да му се исплати бонус плата, иако не биле исполнети условите.
На тој начин, пријавениот овозможил на 11-те вработени да се стекнат со имотна корист и предизвикал штета на буџетот на општина Чашка во вкупен износ од 725.562 денари.
Исто така, за место кое според актот за систематизација има предвидено една позиција, Г.С. на еден од вработените му издал решение за работното место иако таа позиција веќе била пополнета.
Македонија
Посебен режим на сообраќај утре во Скопје
На 14.02.2026 (сабота) поради верскиот празник Задушница, од страна на Единицата за безбедност на патниот сообраќај при СВР Скопје ќе бидат преземени мерки за посебен режим на сообраќај во Скопје.
Имено, со почеток од 06:00 часот сообраќајот кон градските гробишта Бутел ќе се одвива во една насока (кружно), односно, сите возила ќе се упатат по ул.„Бутелска“, лево по ул.„Александар Урдаревски“, лево по ул.„Боца Иванова“ и десно до влезот на гробиштата Бутел, а за излез десно по ул.„Боца Иванова“, до кружниот тек на ул.„Бутелска“, па лево по ул.„Бутелска“ и десно по ул.„Кемал Сејфула“.
Посебен режим на сообраќај ќе се воведе и во близина на гробиштата Камник, Драчево и Ѓорче Петров.
МВР апелира до граѓаните да ги почитуваат наредбите кои ќе ги издаваат полициските службеници по сообраќајниците опфатени со посебниот режим на сообраќај.
Македонија
Традиционална церемонија на свечено менување на државното знаме во претседателскиот кабинет
Повеќе од 170 основци од скопските училишта „Ѓорѓија Пулевски“ и „Кочо Рацин“ и од училиштето „Св. Наум Охридски “ од Охрид, денеска ја проследија церемонијата на свечено менување на државното знаме, којашто во Кабинетот се одржува секој втор петок во месецот во знак на оддавање почит кон државата.
Во присуство на бројни претставници на Армијата, учениците, заедно со своите наставници и образовни асистенти, најпрво внимателно го ислушаа командирот на почесната единица кој ги образложи причините и процесот на менување на знамето.
Потоа, нивните љубопитни очи се вперија кон јарболот на којшто постојното, беше заменето со ново државно знаме. Церемонијата заврши со интонирање на македонската химна од Воениот оркестар, пропратено со детскиот хор.
Во рамки на посетата, дечињата ја разгледаа свечената сала со двата импозантни мозаици на академик Глигор Чемерски, „Македонија-светла земја“ и „Македонија-земјата памети“.
Претседателката изрази радост за присуството на најмладите посетители и одговараше на бројните креативни прашања меѓу кои и: Кои и биле омилените книги на нивна возраст? Дали ѝ недостигаат студентите? Сонувала и посакувала ли некогаш да стане претседателка? Какви карактеристики треба да поседува еден лидер? Како се одвива еден нејзин работен ден и колку долго трае? Дали ги помни омилените наставници?
Таа, во својство на ученичка, ги именуваше саканите учители, истакнувајќи дека имале огромно влијание врз нејзината љубов кон учењето.
На крајот, Сиљановска-Давкова им порача дека вреди да се учи и дека нема подобар влог во иднината, од оној во знаењето.
Младите посетители, освен со убави спомени, од Кабинетот си заминаа и со автограм од претседателката Сиљановска-Давкова.

