Македонија
Османи: Имаме искрени намери со Бугарија да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на годишната конференција „Година на нови можности“ нагласи дека надворешната политика останува фокусирана во реализација на клучната стратешка цел: членство во Европската Унија заклучно со 2030 година. Во тој контекст врвен приоритет останува негувањето на добрососедските односи, вклучувајќи го и дијалогот со Република Бугарија.
„Во однос на Бугарија, имаме искрени намери да го вратиме позитивниот тренд на дијалог и соработка воспоставен минатата година, иако на краткорочен план претстојните избори кај нив се отежнувачка околност за прогрес на билатералните односи. Сепак, остануваме посветени на смирувањето на тензиите и деескалација на вжештената атмосфера, која се огледа и во непропорционалните реакции за еден единствен случај за кој државата веднаш ги презеде сите потребни мерки за негово расчистување. Важно да не дозволиме провокативни тенденции од двете страни на границата да го киднапираат процесот во насока, што нема да е од интерес за двете држави. Но, во секој случај е во интерес на трети актери, со кои немаме многу заедничко“, рече Османи.
Преку видеообраќање од Брисел, каде што во својство на претседавач со ОБСЕ престојува во посета на НАТО и ЕУ-институции, Османи нагласи дека оваа година земјата има исклучителна можност да се докаже како кредибилен партнер на меѓународната заедница преку претседавањето со ОБСЕ, САД – Јадранската повелба, како и со процесот за соработка во Југоисточна Европа.
„Претседавањето со најголемата регионална безбедносна организација претставува историски момент за Северна Македонија, но и голем дипломатски предизвик, бидејќи се одвива во исклучително сложени меѓународни односи, нарушена безбедносна архитектура на континентот и практично во време на активна воена агресија на една земја членка врз друга земја членка на Организацијата. Тоа ја прави работата на Организацијата уште покомплексна, но во исто време и исклучително потребна“, истакна тој.
На панелот со наслов „Надворешна, безбедносна и одбранбена политика, предизвици и можности за обезбедување меѓународна соработка и сигурност“, Османи говореше и за достигнувањата минатата година, меѓу кои: почетокот на пристапните преговори за членство во ЕУ, добриот извештај на Европската комисија, постигнувањето 100 % усогласеност со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, потпишувањето на договорот со Фронтекс, лансирањето на стратешкиот дијалог со САД и други.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Ледени зрна на одделни патни правци: ЦУК апелира на зголемена внимателност поради заледување на патиштата
Центарот за управување со кризи известува дека денес, во попладневните часови, на одделни патни правци е евидентирана појава на врнежи од ледени зрна, кои предизвикуваат брзо и ненадејно заледување на коловозите, особено во повисоките и планинските предели.
Се апелира до сите учесници во сообраќајот да покажат зголемена внимателност, да ја прилагодат брзината според условите на патот, да одржуваат поголемо безбедно растојание и задолжително да користат соодветна зимска опрема.
Македонија
Градоначалникот на Битола им се придружи на младите бадникари во изработката на бадниковите ѕвезди
Пред дестина дена започнаа подготовките за годинашната Бадникова поворкa која ќе се одржи годинава и во Битола, како и во многу други градови и населени места во Македонија.
На младите бадникари-деца од различни возрасти во подготовката, односно изработката на бадниковите ѕвезди, вечерва им се приклучи и градоначалникот на Битола, Тони Коњановски.
Организаторите на поворката велат дека вредните детски раце неуморно и со љубов и верба во традицијата ги изработуваат овие ѕвезди, подготвувајќи се за Бадник.
На 6 јануари на големиот верски празник Бадник, собирно место ќе биде плоштадот „Магнолија“ од каде ќе се упатат кон Соборниот храм „Св. Великомаченик Димитриј“, а потоа и низ Широк Сокак до Офицерскиот дом каде ќе биде завршниот дел на поворката, велат од Општина Битола.
Организаторите упатуваат повик до сите оние кои што сакаат да бидат дел од Бадниковата поворка на големиот празник да им се приклучат.
Македонија
МВР со посебен план за безбедност и сообраќај во Маврово за зимската туристичка сезона, најави Тошковски
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска оствари работна посета на Полициското одделение Маврово, Полициското одделение Ростуше и Полициската станица за граничен надзор Жировница, при што се запозна со тековните активности, условите за работа и конкретните предизвици со кои се соочуваат полициските службеници на терен.
„Во ПО Маврово ќе се изготви посебен план за претстојната зимска туристичка сезона, со цел овозможување подобар проток на сообраќајот, навремено управување со зголемениот број посетители и распоредување на соодветен број полициски службеници за одржување на јавниот ред и мир.“, потенцираше Тошковски.
При посетата на Полициското одделение Ростуше беше разгледана можноста за обука на полициски службеници за вршење увиди на сообраќајни незгоди, што ќе овозможи побрзо и поефикасно завршување на постапките на лице место. Оваа мерка ќе придонесе за намалување на времето на чекање, избегнување подолготрајни блокади на сообраќајниците и зголемување на функционалноста на системот, имајќи предвид дека досега овие увиди ги вршеа екипи од Гостивар.
Во Полициската станица за граничен надзор Жировница беше отворено и прашањето за можност дел од просторот во рамки на станицата да биде отстапен на општината, со цел обезбедување паркинг простор за жителите, како практично и рационално решение во интерес на локалната заедница.

