Македонија
Османи: Историски најголем буџет за дипломатијата
Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, на денешната прес конференција го претстави Буџетот на министерството за надворешни работи за 2022 година кој воедно преставува историски најголемиот буџет на МНР, со кој не само што се прекинува праксата за намалување на средствата наменети за дипломатијата, туку има зголемувањето од без малку 30% (28%) во однос на 2021 година што преставува сериозен потенцијал за обновување на сите функции на дипломатијата.
„Отсекогаш надворешната политика била притисната меѓу потребата за силна, современа и професионална дипломатија од една страна, и економската состојба и со тоа буџетските приоритети на државата од друга страна. Буџетот на МНР за 2022 година е предвиден на една милијарда и шестотини и педесет милиони денари, или околу 27 милиони евра; што преставува зголемување од нешто над 360 милиони денари, или околу шест милиони евра“, истакна Османи.
Министерот информирајќи ја јавноста за буџетот на МНР за 2022 година напомена дека овие средства ќе бидат наменети за издатоците поврзани со пополнување на сите испразнети амбасадорски места, доекипирање на амбасадите и конзулатите со дополнителен дипломатски кадар, а во овие средства се влезени и издатоците за економските советници во амбасадите, но и зајакнување на кадарот за комуникација со дијаспората.
Покрај редовната дипломатска активност, во следната 2022 година Република Северна Македонија ги започнува и обврските поврзани со претседавањето со ОБСЕ во 2023 година; процес кој суштински трае три години, почнувајќи за нешто повеќе од еден месец, на 1 јануари следната година. За оваа намена во буџетот за 2022 година предвидени се околу 110 милиони денари, или без малку 1,8 милиони евра. Соодветно на преземените обврски за претседавањето со ОБСЕ, во 2022 година предвидено е да се упатат над 15 лица во мисијата во Виена, кои ќе работат и на нашата улога во рамките на претседавачкото трио, но и ќе се подготват за финалното преземање на претседателството со ОБСЕ во 2023 година.
„Само да напоменам дека за самото претседавање во 2023 година, дополнително уште од сега се мапирани нови осум милиони евра, но тоа е ставка која ќе биде дел од буџетот за 2023 година“, дополни Османи.
Во зголемувањето на буџетот влегува и преземената обврска согласно одлуката на Владата која одобри повеќегодишните буџетски средства во висина до пет милиони евра, за реализација на активности на повеќе дипломатски и конзуларни имоти. Се работи за имотите во: Цирих, Атина, Канбера, Будимпешта, Бразилија и Анкара, токму онаму каде што е утврдено дека поради неопходната потреба од реконструкции, реновирања и потребни адаптации, веќе подолго време нашите имоти не се користат за потребите на дипломатско конзуларната мрежа. Реализацијата на овие капитални инвестиции понатаму ќе обезбеди заштеди на годишните трошоци кои сега се одвојуваат за наемнини и други редовни трошоци.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Средба Мицкоски-Зеленски: Само праведен мир носи стабилност
Премиерот Христијан Мицкоски во Минхен оствари средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски, со кого, како што објави, разговарале за актуелните безбедносни предизвици во Европа, за потребата од единство и солидарност, но пред сè, за праведен мир.

– Веруваме дека мирот мора да биде изграден врз правда, почитување на достоинството на народите. Само таков мир носи стабилност и сигурна иднина за Европа, напиша Мицкоски во објава на Фејсбук.

Мицкоски и Зеленски разговарале и за продлабочување на соработката, економска размена и поддршка во процесите за напредок на државите.

– Напредокот е можен кога има визија, храброст и јасна определба. Македонија ќе продолжи да биде глас на разумот, партнер на стабилноста и поддржувач на праведниот мир, порачува Мицкоски.

На вториот ден од 62-та Минхенска безбедносна конференција Мицкоски оствари средби со Ричард Гренел, специјален пратеник на претседателот на САД Доналд Трамп за специјални мисии, со холандскиот премиер Дик Схоф, со Џаред Коен, претседател за глобални прашања и ко-раководител на Глобалниот институт Голдман Сакс и со Тед Дојч од Американско-еврејскиот комитет.
Македонија
Пациенти со хемофилија со месеци без „фактор 8“, се бара одговор од МЗ
Од Левица велат дека пациентите со хемофилија повеќе од шест месеци се без неопходниот лек „фактор 8“ поради нераспишан тендер, што, според нив, ги доведува во сериозна здравствена состојба.
Пратеничката Јована Мојсоска преку социјалните мрежи се обрати до министерот за здравство Азир Алиу и директорот на Институтот за трансфузиона медицина Амир Елези, потсетувајќи дека на седница за пратенички прашања било најавено дека лекот ќе биде обезбеден.
Според неа, пациентите со хемофилија живеат во тешки услови додека го чекаат лекот, а добила и повик од лице кое подолг период е врзано за кревет поради недостиг од терапија.
Мојсоска прашува кој ќе сноси одговорност доколку настанат сериозни последици по здравјето на пациентите поради пролонгирањето на постапката.
Македонија
Трипуновски: Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци
Нема кратење на субвенции, но приоритет ќе добијат вистинските земјоделци што егзистираат од земјоделство. Вака одговори денеска министерот за земјоделство, Цветан Трипуновски, на новинарско прашање, по закројувањето винова лоза во Кавадарци, во чест на празникот Свети Трифун, што се смета за заштитник на лозарите и винарите.

На новинарско прашање околу реакцијата дека годинава субвенции ќе добиваат лозари со над пет декари лозје, министерот одговори дека нема кратење на субвенции.
– Имаме сериозна и навремена поддршка и реформи во земјоделскиот сектор, што ќе значат сериозно зголемување на продукцијата. Она што е новина можеби во програмата за 2026 година, е, јасната распределба. Приоритет ќе добијат вистинските земјоделци, што егзистираат од тоа. Во изминатите години се воочени таканаречени ловци на субвенции, кои не обработуваат земјоделски површини, а сакаат да бидат корисници на субвенции. Ова сметам дека не е ниту фер кон вистинските земјоделци, ниту пак е законски. Затоа оваа година најавуваме дека ќе имаме сериозна контрола на терен, за парите да завршат кај вистинските лозари, земјоделци, што се многу важни за економијата и руралната средина, појасни министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во новата програма се предвидувало, минималната површина да биде 0.5 хектари, за да се биде корисник на земјоделски субвенции. Трипуновски подвлече дека земјоделството е еден од приоритетите.
Запрашан кога ќе бидат одблокирани средствата од ИПАРД програмата, тој рече дека платежната агенција со новиот менаџерски тим, работела на отстранување на сите забелешки што биле нотирани и оти се очекува многу бргу агенцијата да почне нормално да функционира. Агенцијата, посочува тој, и сега работи нормално, со тековните плаќања во делот на субвенции и во врска со ИПАРД апликации.
На новинарско прашање, тој информираше дека за оваа година, веднаш по носењето на програмата, традиционално пред овој празник, вчера биле исплатени субвенциите кон лозарите. На над 12 500 лозари, исплатени биле речиси осум милиони евра. На почеток на наредна недела, најавува исплата на субвенците и за овоштарите.
Трипуновски уверува дека навремено се исплаќаат и ќе се исплаќаат сите субвенции.
Министерот рече дека на денешниот празник ја негуваме традицијата и културата во делот на една од нашите најдобри и најголеми земјоделски култури, лозаропроизводството. Им оддаваме почит на нашите лозари кои произведуваат квалитетно грозје, а нашите винарски визби прават квалитетно вино, коешто е наш амбасадор.
– Како Влада и Министерство остануваме посветени да ја поддржуваме оваа гранка и да ја развиваме оваа битна земјоделска култура, истакна министерот за земјоделство.
Во најголемиот лозаровинарски регион во државата, посака здравје и бериќет, а трудот на земјоделците да биде вреднуван.

