Македонија
Османи – Кулеба: Русија да се врати на принципите на ОБСЕ
Претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи, денеска, за време на посетата на Украина, оствари работна средба со украинскиот министер за надворешни работи, Дмитро Кулеба. Османи најсилно ја осуди континуираната руска агресија против Украина. Тој потенцира дека нападите врз цивилни цели немаат никакво оправдување. Изрази осуда за последниот што се случи во Днепар, во кој имаше и цивилни жртви и повредени деца. Османи ја повика Руската Федерација да ја прекине војната и повторно да се посвети на принципите на ОБСЕ преку дипломатски пат да се решат сите предизвици. Претседавачот со Организацијата изрази солидарност и сочувство кон сите украински мажи и жени истакнувајќи дека нивната смелост и храброст се за восхит.
„Ова не е првпат да ја посетам Украина од почетокот на агресијата. Се надевав дека агресијата ќе престане и дека страдањата ќе престанат при мојата наредна посета на Украина во својство на претседавач со ОБСЕ. Секое повторно лично сведочење на уништени домови и уништени човечки судбини предизвикува вознемиреност. Стоејќи овде како претседавач со ОБСЕ, ја повикувам Руската Федерација да ја прекине оваа војна, да ги повлече своите трупи од Украина, да се врати на принципите и вредностите на ОБСЕ и одново да се приклони кон дипломатијата“, изјави Османи.
Фокусот и главниот приоритет на Организацијата годинава ќе биде Украина, потенцира Османи. Повика на одговорност за сите извршени злосторства. Секој еден изгубен живот или уништена иднина е превисока цена што ја плаќа овој народ, истакна Османи.
„Канцеларијата на високиот комесар за човекови права на ОН документира над 18.000 жртви од почетокот на агресијата. Вистинскиот број на загинати или повредени лица, веројатно, е поголем. Покрај тоа, ОН (УНХЦР) евидентира речиси осум милиони украински бегалци во Европа. Речиси пет милиони се внатрешно раселени. Овие бројки се шокантни. Дури и да се работи само за еден изгубен живот или уништена иднина, тоа е превисока цена за плаќање. Оние што се одговорни за изложување невини луѓе на застрашувачки дела, мора да одговараат“, рече Османи.
Посетата на Османи на Украина е показател за посветеноста и непоколебливоста на Организацијата да најде начин да се врати мирот во земјата. Претседавачот истакна дека ОБСЕ ќе ги стави на располагање сите свои алатки и механизми да го постигне тоа.
„Северна Македонија на чело на Организацијата ќе служи како чувар на договорените принципи на ОБСЕ. Можете да сметате на тоа. Ќе ги поддржиме сите иницијативи, кои ќе доведат до праведен и одржлив мир, обезбедувајќи го суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во меѓународно признатите граници и ќе поставиме основа за мирно да се разговара за сите прашања“, изјави Османи.
Османи изрази надеж дека годинава ќе сведочиме за враќањето на мирот во Украина.
„Кога ќе се врати мирот и Русија ќе ги повлече своите сили од суверена територија на Украина, ОБСЕ ќе го понуди својот инструментариум на алатки за да ѝ помогне на Украина да закрепне од штетите од оваа војна. ОБСЕ за време на војната помага преку Програмата за поддршка на Украина финансирана од донатори, но ќе направи уште повеќе кога ќе настапи мирот. Се надевам и верувам дека ќе бидам сведок на почетокот на мирот и закрепнувањето за време на нашето претседавање. Ние сме цврсто решени целосно да се ангажираме за да се случи токму тоа“, истакна Османи.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
Почина хирургот и професор Владо Јаневски
По повеќегодишно боледување, на 71-годишна возраст, денеска почина познатиот хирург, професор и доктор Владо Јаневски, сопруг на министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Јаневски важеше за истакнат медицински професионалец кој зад себе остави значаен придонес во хирургијата и медицинската едукација. Во текот на својата кариера, своето знаење и искуство ги пренесе на бројни лекари и хирурзи, кои денес работат во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“, како и во приватните здравствени установи.
Посмртните останки ќе бидат изложени утре, 1 март, во 11:00 часот, во капелата во Бутел.
Македонија
Евакуација од Израел побарале 11 македонски државјани
Единаесет македонски државјани досега побарале евакуација од Израел, откако утринава САД и Израел го нападнаа Иран, соопштија од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија. Во моментов воздушниот простор е затворен и не е можна евакуација.
„Согласно последните информации, воздушниот простор останува затворен најмалку до понеделник. По неговото повторно отворање ќе бидат разгледани можностите и моделите за организирање евентуална евакуација, во согласност со околностите и безбедносната состојба“, велат од Министерството.
Оттаму додаваат дека во оваа фаза,препораката до македонските државјани е внимателно да ги следат официјалните известувања на израелските власти, да постапуваат согласно безбедносните протоколи и да останат во засолништа кога тоа е наложено.
„Апелираме до сите наши државјани да се воздржат од патувања кон земјите од овој регион сè до стабилизирање на безбедносната состојба. Во случај на потреба од помош граѓаните можат да се обратат на следните контакти: Амбасада на Република Северна Македонија во Тел Авив телефон +972 54 500 8566, телефон +972 54 967 0546 и е-пошта: [email protected], како и во Министерство за надворешни работи и надворешна трговија на телефон +389 75 273 732 / +389 75 268 736 и е-пошта: [email protected]. Министерството, преку Дипломатско-конзуларното претставништво во Тел Авив, континуирано ја следи состојбата и навремено ќе ја информира јавноста за понатамошниот развој“, додаваат од МНР.
Македонија
Муцунски: Стоиме зад нашите американски сојузници
Ние стоиме зад нашите американски сојузници во справувањето со дестабилизирачките закани на Блискиот Исток, објави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски.
– Соединетите Американски Држави јасно ставија до знаење дека дипломатијата е секогаш првата опција – но одвраќањето останува од суштинско значење кога постојат веродостојни ризици. Безбедноста, стабилноста и одговорноста одат рака под рака, се наведува во објавата на Муцунски на платформата „Х“.

-Во исто време, нашите амбасади и конзуларни тимови низ целиот регион се активно вклучени и работат на поддршка и помош на нашите граѓани, обезбедувајќи ја нивната безбедност и обезбедувајќи ја целата потребна конзуларна помош, се додава во објавата на налогот на министерот Муцунски на социјалната платформа „Х“.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, потврди дека САД започнале напади врз Иран во осумминутно видео објавено на неговиот профил на „Truth Social“. Во видеото, Трамп потврди дека САД започнале „големи борбени операции“ против Иран. Тој исто така вели дека целта на кампањата е да се „заштити американскиот народ“ и да се елиминираат непосредните закани што ги претставува иранскиот режим, кој го нарече „злобна група многу ужасни луѓе“.

