Македонија
Османи: Македонија е предводеник во регионалната соработка на Балканот

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, оствари средба со генералната секретарка на Советот за регионална соработка, Мајлинда Брегу, која е во работна посета на земјава.
Вицепремиерот Османи на својата соговорничка најнапред ѝ посака успех во извршување на новата функција како генерална секретарка на Советот за регионална соработка.
„Можете да сметате на нашата целосна поддршка и подготвеноста за учество во сите иницијативи што ни претстојат“, изјави Османи на почетокот од состанокот.
На средбата беа отворени темите поврзани со регионалната соработка, особено во контекст на повеќегодишниот план за заедничката регионалната економска област на Западен Балкан како значајна платформа за поголема економска и општествена интеграција на земјите од регионот.
„Денешната посета на г-ѓа Брегу се совпаѓа со финализацијата на едно од најголемите билатерални прашања на Балканот – конечната имплементација на договорот од Преспа во Македонија и Грција. Овој успех е секако во насока и на унапредувањето на регионалната соработка, особено како поттик за позитивен пристап и отвореност за компромис при решавањето и на другите билатерални прашања во регионот“, истакна Османи. Во овој контекст тој додаде дека со имплементација на договорот од Преспа, но и претходно, преку историскиот договор за добрососедство со Бугарија, Македонија во моментот ги има затворено практично сите поважни отворени прашања со соседите и претставува предводник на регионалната соработка на Балканот.
За време на средбата се разговараше и за искористувањето на ИПА-средствата, особено оние наменети за унапредувањето на регионалната соработка, за улогата на Советот во асистенција на земјите од Западен Балкан, како и за имплементацијата на овие средства од страна на нашата земја.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Левица застана зад независниот Зоран Николовски во Битола

Партијата Левица денеска објави дека на престојните локални избори ќе застане зад независниот кандидат за градоначалник на Битола, архитектот Зоран Николовски.
„Чест ни е да ја најавиме широката и победничка платформа за Битола со која Левица ќе настапи на престојните локални избори. И официјално ја информираме јавноста дека Левица ќе го поддржи најдобриот избор за кандидат за градоначалник на Битола – архитектот Зоран Николовски, како докажан професионалец и човек кој може да се пофали со проектите во својот роден град“, стои во соопштението од партијата.
Од Левица потенцираат дека Битола, како бастион на нивната партија, заслужува силен кандидат кој ќе донесе свежи идеи и промени.
„Веруваме дека поддршката за кандидатот Зоран Николовски претставува авангардна комбинација која ќе донесе нови решенија и развој за Битола“, нагласуваат од таму.
Платформата, според Левица, ќе биде составена од интелектуалци и професионалци кои целото свое знаење ќе го стават во служба на градот.
„На овие избори настапуваме со јасна визија за нашата Битола, во која ги обединуваме прогресивните и компетентни потенцијали. Создаваме платформа на интелектуалци и професионалци кои ќе работат за една идеја – Битола. За една света идеја – Битола“, порачаа од Левица.
Македонија
Големи гужви на Богородица, Табановце и на Меџитлија поради продолжениот викенд

Зголемени гужви се забележуваат на граничните премини во Македонија, каде што возачите се соочуваат со подолго чекање поради продолжениот викенд и летните патувања. Најголем застој има на Богородица, Табановце и Меџитлија, каде колоните од возила растат од час во час.
На граничниот премин Богородица чекањето за излез од државата е околу половина час, додека на Табановце задржувањата за влез и излез се движат од 40 минути до еден час. Слична состојба има и на Меџитлија, каде возачите известуваат за долги колони и нервозни реакции. На останатите гранични премини од македонска страна нема подолги задржувања.
И покрај гужвите на границите, од Авто-мото сојузот информираат дека сообраќајот на државните патишта се одвива непречено и по суви коловози, со зголемен интензитет надвор од градските средини. Поради летниот бран патувања, се бележи голема фреквенција на возила, а на некои делници е можен и краткотраен застој.
АМСМ апелира возачите да ја приспособат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и да управуваат внимателно со возилата. Особено се посочуваат делниците низ котлините, речните долини и клисурите, каде што постои ризик од појава на одрони. Најризични делници се Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
Македонија
Борова шума гори во Берово, депонии во Прилеп и во Долнени во пламен, чади и во Вардариште

Македонија денеска се соочува со сериозна слика на теренот – до 12 часот регистрирани се вкупно седум пожари на отворен простор. Од нив, три сè уште се активни, еден е ставен под контрола, додека три се целосно изгаснати, информираат од Центарот за управување со кризи.
Најсериозната состојба е во Берово, каде над туристичката населба Абланица огнот зафатил висококвалитетна борова шума. Силниот пламен и густата вегетација го отежнуваат гаснењето, а екипите се на терен и се борат за да го спречат огнот да се прошири кон населбата.
Во општина Долнени, депонијата во селото Дебреште е зафатена од пламен, што предизвикува дополнителни проблеми со густ чад и непријатен мирис кој се шири кон околните села. Слична е ситуацијата и во Прилеп, каде пожар избувна во фабриката „Изофас“, каде што огнот се проширил на ниска вегетација. Таму пожарникарите дејствуваат за да спречат ширење кон индустрискиот дел.
Во Скопје, на територија на општина Гази Баба, огнот зафати ѓубриште во Вардариште. Благодарение на брзата реакција, овој пожар е ставен под контрола и не претставува закана за пошироката околина.
Добра вест е што три пожари веќе се изгаснати. Во Гевгелија, кај селото Конско, пламенот кој зафатил ниска вегетација и дива депонија е локализиран. Исто така, изгаснат е и пожарот на депонијата во селото Банско кај Струмица, како и оној во Дебар, каде што огнот се проширил на плевна во близина на градските гробишта.
Од ЦУК апелираат на внимателност, бидејќи високите температури и сувото време создаваат услови за брзо ширење на пожарите. Граѓаните се предупредуваат да бидат претпазливи и веднаш да пријават секое забележано жариште.