Македонија
Османи – Милков: Не треба да дозволиме провокациите на поединци и групи да ги загрозат добрососедските односи
На маргините на состанокот на министрите за надворешни работи во рамките на Берлинскиот процес, министерот за надворешни работи, Бујар Османи, оствари средба со својот хомолог од Република Бугарија, Николај Милков. Ова е нивна прва средба по назначувањето на министерот Милков на функцијата во август оваа година.
Во фокусот на разговорот беше исполнувањето на заедничките обврски од договорот за пријателство, добрососедство и соработка, како и остварената соработка во рамките на процесот на унапредување на односите меѓу двете држави.
Притоа министерот Османи го информира министерот Милков за досега реализираните обврски од наша страна со цел имплементација на одредбите од договорот. Меѓу другото, го издвои ангажманот на меѓуресорската работна група за политичка координација на спроведувањето на мерките од протоколот од вториот состанок, со која координира министерот за надворешни работи, како и првите состаноци на тематските подгрупи.
На средбата беа разгледани и многуте провокации од групи и поединци во двете земји, кои изминатиов период засилено доминираа во јавниот дискурс. Министрите посочија дека двете министерства ќе работат активно на зајакнување на добрососедските односи како заемен интерес на двете земји и нема да дозволат провокациите да го нарушат овој процес.
Заемно беше нагласено дека продолжувањето на дијалогот преку средби, како и преку реализирање на конкретните проекти, се единствениот пат што ќе доведе до промена на контекстот во кој дејствуваме и се влог во создавањето блиски и пријателски односи меѓу двете држави и граѓани.
Се разговараше и за регионалната соработка во контекст на европската перспектива на земјите од Западен Балкан како најдобра гаранција во соочувањето со политичките, безбедносните и економските предизвици врз својот развој.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Македонија
(Видео) Кузеска: За еден час пред Владата ќе започне протест за поголеми плати, нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата
„Со владин авион и парите од граѓаните премиерот бил на Јадранско море. На одмор. Ова е срамна слика за една опиена власт од луксуз, приватен бизнис и тендери“, истакна Богданка Кузеска, портпаролка на СДСМ.
Додека, како што вели, граѓаните едвај врзуваат крај со крај, додека владата одбива 600 евра минимална плата и им крати 40 милиони евра на земјоделците, премиерот се луксузира врз грбот на народот.
„Исто како Груевски, тој купуваше очила од 60 илјади евра и луксузен мерцедес а Мицкоски има часовници од 60 илјади евра и сака да се луксузира со авион.
Пола Влада се шетала со владиниот авион. Главна дестинација- Будимпешта, кај нивниот шеф, Груевски. За еден час, овде, пред Владата ќе започне протест на работниците за поголеми плати, за достоинствен живот.
Нека се симне Мицкоски, нека ги погледне работниците кои едвај може да си ги прехранат семејствата и да им одговори: Колку ги чини граѓаните овој луксуз на премиерот со владиниот авион“.
Затоа ли се најавува купување на нов владин авион – за уште повеќе приватни патувања со народни пари, прашува Кузеска.
Македонија
Герасимовски: Јавен повик за Итно копче, брза и иновативна помош за повозрасните жители на Центар
Општина Центар ги повикува сите заинтересирани граѓани да аплицираат за услугата Итно копче, наменета за лица над 65 години, со приоритет за оние кои живеат сами или со брачен другар со нарушена здравствена состојба.
Услугата е наменета за лица со пензија до 35.000 денари и без дијагноза на деменција или Алцхајмерова болест, а може да ја користи само еден член на семејство.

„Со примена на оваа иновативна услуга обезбедуваме брза реакција за повозрасните или изнемоштените лица преку едноставно притискање копче што се наоѓа на уред во форма на алка. Станува збор за технологија која спасува животи и го подобрува квалитетот на живот на повозрасната популација“, порача градоначалникот Горан Герасимовски.
Јавниот повик важи од денот на објава до исполнување на капацитетите, при што корисниците ќе се избираат по принципот „прв дојден, прв услужен“.

Документите се доставуваат во Канцеларија на Итно копче, ул. Славе Георгиевски Шнајдер бр.5, секој работен ден од 08:00 до 16:00 часот.
Македонија
Перински: Поддршка за локалниот потенцијал – Објавен повик за зголемување на регионалната конкурентност
Министерството за локална самоуправа објави Јавен повик за финансирање на предлог-проекти насочени кон намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година, по одделни мерки и активности за поттикнување рамномерен регионален развој.
Целта на повикот е доделување средства на проекти кои ќе придонесат кон намалување на разликите во степенот на развиеност меѓу регионите, јакнење на регионалната конкурентност и поттикнување на локалниот развој преку искористување на сопствените потенцијали.
Како приоритетни за 2026 година се утврдени следните активности и мерки:
– развој на современа и модерна инфраструктура во планските региони;
– препознавање и искористување на конкурентските предности на планските региони;
– подобрување на енергетската ефикасност на јавните објекти и користење обновливи извори на енергија.
Вкупниот износ на средства предвидени за финансирање на проекти изнесува 74.840.000 денари. Овие средства се предвидени во Програмата за намалување на диспаритетите меѓу и во рамките на планските региони и зголемување на регионалната конкурентност за 2026 година.
Право на поднесување предлог-проекти имаат: Центрите за развој на планските региони, општините, општините во градот Скопје, градот Скопје, јавните претпријатија и јавните установи основани од државата, од општините, од општините во градот Скопје и од градот Скопје, високообразовните и научни институции и здруженијата.
Рок за поднесување апликации е во текот на 2026 година, односно до искористување на расположливите средства.
Повикот со условите и критериумите е достапен на веб-страницата на Министерството за локална самоуправа на следниот линк.

