Македонија
Османи: Морина треба да се ослободи

Вицепремиерот Бујар Османи изјави дека лично се заложил за ослободување на поранешниот борец на ОВК, Томор Морина, кој минатата недела беше уапсен на граничниот премин Блаце, по потерница на Интерпол.
Тој побара од македонското Министерство за правда да не се дозволи екстрадиција на Морина во Србија и нагласи дека до судот поднел барање да го посети Морина.
„Морина треба да се ослободи. Жално е што се случи овој настан, бидејќи влијае на односите меѓу нас и Република Косово. Барањето на Србија е за српски граѓанин, а ние овие граѓани ги признаваме како граѓани на Косово“, рече Османи.
Ослободување на Морина бара и косовскиот шеф на дипломатија, Беџет Пацоли.
Утрово Министерството за правда на Србија поднесе молба до Северна Македонија за екстрадиција на Морина, кој е поранешен припадник на Ослободителната војска на Косово (ОВК). Белград бара тој да им биде испорачан поради сомнеж за извршени воени злосторства врз цивилно население на Косово во 1999 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Македонија
Градоначалникот на Кочани: Аплициравме за мерката за пожарите, формуларот уредно е испратен

ВМРО-ДПМНЕ го обвинува кочанскиот гадоначалник, Венко Крстевски, за опасна незаинтересираност и загрозување на јавната безбедност, по објавата на Владата дека оваа општина не аплицирала за новата мерка во борбата со пожарите, преку ангажирање на 400 лица во општините за гаснење, кои ќе добиваат месечни примања.
Претходно денес, владината портпаролка, Марија Митева, изјави дека мерката опфаќа 14 општини, односно сите општини во кои има противпожарни единици, со исклучок на Кочани и Струмица, кои не се пријавиле.
„Наместо да обезбеди повеќе опрема, човечки ресурси и сигурност за граѓаните, в.д. – то Венко свесно работи против сопствената Територијална противпожарна единица. Граѓаните со право прашуваат: кому му служи – на народот на Аки Акиов или на сопствените инаети и интереси? Да потсетиме: истиот овој в.д. градоначалник беше против и отворањето на државниот Центар за рехабилитација на Пониква, сега повторно кочничар – но овојпат на сметка на јавната безбедност и заштитата од пожари!“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Крстевски, сепак, тврди поинаку – аплицирале на повикот и ја поздравуваат мерката.
„Формуларот е уредно испратен“, соопшти в. д. градоначалникот на Општина Кочани Венко Крстевски.
Тој ја поздрави мерката и изрази очекување дека Владата ќе одобри ангажман на 23 лица за превенција од пожари на територијата на Општина Кочани. Ја истакна и реалната потреба од вработување на нови 15 професионални пожарникари во Територијалната противпожарна единица – Кочани.
Во прилог, потсети и дека Општина Кочани веќе пет месеци чека Министерството за финансии да даде согласност за нови вработувања во новата детската градинка „Детелинки“, за коишто се планирани финансии во буџетот. Ја повика Владата час поскоро да ја реши неизвесноста на над 200 родители чии деца се на листата на чекање за згрижување во новата кочанска градинка.
Македонија
Земјотрес почувствуван во Валандово и во Струмица

Сеизмолошката опсерваторија, денес, во 13.35 часот регистрира земјотрес, чиј епицентар потекнува од епицентралното подрачје Валандово.
Земјотресот е со јачина од 2,9 степена според Рихтеровата скала.
Според досегашните податоци со кои располага Опсерваторијата, земјотресот е почувствуван во Валандово, Струмица и во блиската околина со интензитет од III степени според Европската макросеизмичка скала.
Македонија
Температурите во следните денови ќе се спуштат и за 10 степени – УХМР со прогноза за времето

Времето утре ќе биде сончево и многу топло со мала до умерена локална облачност. Попладне ќе има услови за изолирана појава на нестабилност со краткотраен пороен дожд и грмежи. Ќе дува умерен до засилен ветер од југозападен правец (над 60 километри на час).
Минималната температура ќе биде во интервал од 13 до 21, а максималната ќе достигне од 33 до 41 степен.
Во Скопје сончево и многу топло со мала до умерена облачност. Ќе дува умерен, во делови од котлината повремено засилен ветер од југозападен правец.
Минималната температура ќе се спушти до 18, а максималната ќе достигне до 41 степен.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Поради продор на посвежа воздушна маса од север и засилен северен ветер (над 60 km/h), в среда, а особено в четврток, ќе има значително опаѓање на дневната температура (од 8 до 10 степени).
В среда претежно во северните делови ќе има услови за повремен дожд, а в петок локална појава на нестабилност со пороен дожд и грмежи.
Во деновите од викендот ќе преовладува сончево време со мала до умерена облачност, а дневната температура ќе биде во пораст.